Македонија
(Видео) Протест против молкот на власта за Кочоска – СДСМ нема да учествува на седница, ниту во Клубот на пратеничките
Во пресрет на 8 Март, Меѓународниот ден на жената, ја изразуваме нашата почит и благодарност кон сите жени што се бореле и кои и денес се борат за еднакви права и подобра положба во општеството.
Собранието на Република Северна Македонија токму во оваа насока веќе трета година по ред одржува пленарна седница посветена на прашањата за родовата еднаквост, иницијатива што почна во 2022 година кога парламентарното мнозинство беше предводено од СДСМ, истакна денеска Јована Тренчевска, пратеничка на СДСМ.
„Да се зборува за родова еднаквост, за заложби и достигнувања, додека само пред неколку дена од собраниската говорница беше изречена тешка навреда и дискриминација кон жените – е крајно лицемерно и срамно. Министерката за финансии, Гордана Кочоска, со своите навредливи и понижувачки зборови, покажа крајно непочитување кон жените во општеството. Она што е уште позагрижувачко е што не следуваше никаква реакција ниту од неа, ниту од Собранието, ниту од Клубот на пратеничките.
Потпретседателката на Собранието, Весна Бендевска, која ја водеше седницата, остана нема, го премолче скандалот“, вели Тренчевска.
Овој молк, како што рече, е еднакво загрижувачки како и навредите што беа изречени.
Според неа, пратеничките од ВМРО-ДПМНЕ во Клубот на пратеничките спречија институционална реакција и осуда на дискриминацијата.
„Иако првично се согласија дури и со ублажени формулации, добија наредба од партијата и истиот ден се повлекоа. Наместо да одлучуваат жените што се избрани тука во Собранието, пратеничките на ДПМНЕ дозволија Мицкоски да одлучува за нив. Кога молчиш пред навредите, пред дискриминацијата, тоа значи дека ги поддржуваш. Денешната седница треба да биде простор за дебата за правата и положбата на жените, но како да учествуваме во дискусии кога оние што требаше да реагираат – молчат“, праша Тренчевска.
Нагласи дека нема да учествуваат во, како што кажа, лицемерни процеси и да прифаќаат молк пред неправдите.
Најави дека пратеничката група на СДСМ и коалицијата нема да учествува на пленарната седница посветена на 8 Март. Отсуството е протест против неправдата, дискриминацијата и премолчувањето на навредите кон жените.
„Дополнително, пратеничките од СДСМ и коалицијата нема да учествуваат во работата на Клубот на пратеничките и Комисијата за еднакви можности во Собранието сè додека не видиме конкретна акција и осуда на навредливите изјави. Нема да запреме со реакциите сè додека таа не ја поднесе оставката или не биде разрешена. 8 Март не е само ден за честитки – туку ден за акција. Борбата продолжува“, нагласи Тренчевска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Движење ЗНАМ: Иницираме кратење на пратеничкиот состав од 120 на 90 во новото решение на Изборниот Законик
Потпретседателката на Движење ЗНАМ за Наша Македонија, Весна Бендевска, на првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство, ја потврди заложбата на Движењето во однос на неопходноста од суштински и системски измени на изборниот модел во Република Македонија.
„Заложбите на Движење ЗНАМ се за воведување на една изборна единица со изборен праг од 2 до 3 проценти, со што ќе се овозможи правична застапеност и на помалите политички субјекти и независните пратенички листи. Што всушност беше и барање во одлуката на Уставниот суд.“ – истакна Бендевска.
Дополнително, таа нагласи дека цврст став на Движењето е намалување на бројот на пратеници во законодавниот дом на 90, бројка што, како што посочи, ќе соодветствува на реалната големина на популацијата во државата.
„Го афирмирам односно реафирмирам ставот на Движење ЗНАМ за намалување на бројот на пратеници на 90 со што ќе се придонесе за рационализација на трошоците, материјални, финансиски и човечки и ќе значи значителна придобивка за Буџетот на државата. Воедно, ќе се добие пофункционално, поефикасно и поконсолидирано законодавно тело, кое ќе биде во служба на побрз, поквалитетен и посериозен законодавен процес.“ – потенцираше потпретседателката.
Во однос на гласањето на дијаспората, таа потсети дека воведувањето на ваквиот модел беше проследено со зголемување на бројот на пратеници на 123, што, како што нагласи, отвори низа прашања за финансиската оправданост и ефикасноста на изборниот процес во странство.
„Сведоци сме колку чини изборната постапка која подразбира испраќање избирачки одбори во дијаспората, при што бројот на гласачи во повеќе случаи не соодветствуваше со првичната намера и очекувањата.“ – изјави Бендевска.
ЗНАМ ќе продолжи да се залага за изборен модел што гарантира еднаква вредност на секој глас и институции што работат ефикасно, транспарентно и во интерес на граѓаните на Република Македонија.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.
Македонија
Сиљановска-Давкова-Грлиќ Радман: потврдена подготвеноста на Хрватска да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Гордан Грлиќ Радман, министер за надворешни и европски работи на Република Хрватска, кој престојува во официјална посета на земјава.
Обајцата го потврдија цврстото македонско-хрватско пријателство коешто двете земји го негуваат повеќе од 3 децении, втемелено на взаемна почит и разбирање и реализирано низ политички дијалог и конструктивна соработка.
Претседателката искажа искрена благодарност за хрватското отворено и континуирано разбирање и поддршка на македонската интеграција, како и на принципиелниот став на Хрватска дека проширувањето на Унијата со Западен Балкан треба да се темели на реални заслуги, без билатерализација и вето.
Министерот Радман ја потврди подготвеноста на неговата држава да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес во рамките на Копенхашките критериуми, потенцирајќи дека македонската држава доби статус на кандидат за членство во ЕУ во март 2005 година, односно неколку месеци пред Хрватска.
Соговорниците очекуваат дека партнерството дополнително ќе се зајакне со Договорот за стратешка соработка со Владата на Република Хрватска, како и со претстојната официјална посета на Претседателката Сиљановска-Давкова на пријателска Хрватска, кон крајот на март.

