Македонија
(Видео) Разрешениот директор на ЗОО: Ова не е прв ваков случај, лицемерна е осудата од лица што го правеле истото
Не сум никаков убиец, вака разрешениот директор Кристијан Стаменов одговори на обвинувањата дека од скопската Зоолошка градина направил кланица. Тој објасни дека коњите што се заклани во кланицата на установата билe изнемоштени. Ова, според Стаменов, не е прв ваков случај, на што тој сведочел како вработен во изминатите 12 години.
„Според одлуката на Управниот одбор, која се носи во последните 20 години, се врши т.н. економско искористување на животните, кои во консултација со стручните лица во Зоолошката се во состојба пред умирање, болни, со неизлечливи рани и инфекции, крајно изнемоштени, кои не можае да бидат рехабилитирани. Ова не е прв случај, имало многу такви и во минатото. Крајно лицемерна е осудата што доаѓа кон мене токму од истите лица што ова економско искористување го имаат и самите правено и тоа не само на коњи туку и на други животни, пример за тоа е жирафата која им е дадена како храна на лавовите. За разлика од претходни години, сега над животните што не може да се спасат или боледуваат се спроведува навистина хуман третман“, кажа Стаменов.
Тој беше дециден дека немал намера, ниту помислил да изнемоштува и убива животни.
„Во претходниот период имавме добар пример, коњот што го спасивме од Дебар Маало беше животно во тешка состојба, но успеавме да го рехабилитираме да биде само дополнителна вредност на Зоолошката градина, така сум постапувал со сите животни. Од самиот почеток на моето назначување за в.д. директор на Зоолошката градина бев цел на разни напади, физички пресметки, закани, притисоци и опструкции за кои за дел од нив бевте сведоци и самите“, додава Стаменов.
Тој смета дека станува збор за директен атак насочен спрема него.
„Морам да истакнам дека запазени се сите законски процедури во оваа постапка, која не е нималку популарна, но која е одраз само на правилно спроведување на заштитата на животните. Јас мојата невиност ќе ја докажам пред институциите и секогаш ќе имам неизмерна љубов кон сите животни“, додава разрешениот директор.
Против него е поведена и постапка за убивање животни за што министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, рече дека нема да толерира вакви постапки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Скопскиот аеродром е апсолутен лидер во регионот со понудени 316 илјади повеќе седишта во прв квартал за 2026 година
Меѓународниот Аеродорм Скопје станува апослутен лидер во регионот по раст и по број на нови понудени места, се вели во најновата анализа на специјализираниот веб сајт за авиосообраќај, “exyuaviation.com”.
„За првиот квартал од 2026 година скопскиот аеродром нуди 316 528 повеќе седишта споредено со истиот квартал од 2025 година, што го прави апсолутен лидер во регионот. Зад Маѓународниот Аеродром Скопје е аеродромот со Белград со 267 илјади повеќе седишта или 100 илјади помалку од Скопје, а далеку зад скопскиот аеродром е аеродромот во Загреб со само 68 илјади повеќе понудени седишта во првиот квартал во 2026 година, велат од Министерството за транспорт.
Оттаму додаваат дека ова е уште еден показател на одличните политики на Владата кои преку Министерството за транспорт се реализираат во насока на силен развој на авиосообраќајот во земјата.
„За една година се воведоа 21 нова дестинација од скопскиот и охридскиот аеродорм, што говори за посветеноста за развој на цивилниот авиосообраќај, кој пак директно влијае врз туризмот и економијата во целина. Да потенцираме дека пред само два дена беше одбележан три милионитиот патник на скопскиот аеродорм што само ги потврдува одличните политики на Владата“, пишува во соопштението на Министерството за транспорт.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски истакна вака поставените политики даваат одлични резултати, а очекува следната година бројките уште повеќе да растат.
„Знаете дека по изборот на новата Влада се потрудивме да помогнеме во привлекување на нови дестинации. Од некаде септември минатата година до овој момент, за година и неколку месеци имаме 21 нова дестинација до скопскиот и охридскиот аеродром, што многу говори за нашата посветеност. Тоа се најмногу нови дестинации што било која државата ги реализирала. Не случајни се бројките, не случајно скопскиот аеродром ќе заврши со над 3 милиони и 200 илјади патници, не случајно охридскиот аеродром ќе оди со над 300 илјади патници или не случајно вкупната бројка ќе биде над 3, 5 милиони патници. А тука е растот, оваа година имаме континуиран раст, Ако во Март имаме раст од 6 % раст, Април 9 %, Мај 8 %, Јуни 12 %, Јули 7 %, Август 9 %, Септември 8 %, Октомври 12 %, веќе во Ноември имаме 25 % раст споредено со минатата година што значи за една четвртина е зголемен бројот на патници што патуваат на македонските аеродроми. Се надевам дека в’година, ако не 4 милиони, барем 3, 5 милиони патници да прославиме тука од скопскиот аеродром”- изјави вицепремиерот Николоски.
Македонија
Контрола во угостителски објекти во Куманово – затекнати малолетници после полноќ и под дејство на алкохол
Полициски службеници од СВР Куманово, заедно со инспектори од Државниот пазарен инспекторат и Државниот инспекторат за труд, во текот на ноќта меѓу 13 и 14 декември извршиле контрола во четири угостителски објекти на подрачјето на Куманово.
Како што соопшти Министерството за внатрешни работи, при контролата биле легитимирани вкупно 74 лица, а во два објекти биле затекнати малолетници после полноќ.
„Притоа, во еден од нив од слобода е лишена С.В.(45), која го изнајмила простортот, затоа што се затекнати 14 малолетници, од кои еден бил под дејстов на алкохол и е пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Исто така, Државниот пазарен инспекторат и Државниот инспекторат за труд изрекоа глоби на објектите поради сторени прекршоци по Законот за угостителство“, информираат од МВР.
Оттаму додаваат дека по целосно документирање на случајот, против одговорните лица ќе биде поднесена соодветна пријава.
Македонија
(Видео) ВМРО-ДПМНЕ предлага Резолуција за осуда на дезинформациите за мигранти
ВМРО-ДПМНЕ денеска претстави „Резолуција за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција“.
„Во изминатите денови, јавноста беше сведок на организирана и координирана кампања од страна на опозицијата, којашто влеваше несигурност и паника помеѓу граѓаните. Овие лажни сценарија ги нема во владините политики, напротив, ВМРО-ДПМНЕ активно се борела против мигрантите и мигрантските кампови, кои претходната влада на СДС и Заев сакаше да ги направи. ВМРО-ДПМНЕ јавно ги осудува политиките и одлуките на поранешната влада на Зоран Заев, со којашто беа отворени можности за создавање на кампови за мигранти, спротивно на националните и државни интереси“, кажа на прес-конференција, Никола Мицевски, координатор на пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој накусо ја презентираше Резолуцијата.
„Таа е составена од 9 точки, и во неа стои дека се осудуваат дезинформациите за наводно прифаќање мигранти и изградба на кампови, се потврдува дека такви политики не постојат ниту ќе постојат, се поништуваат сите претходни аранжмани на владата на Заев поврзани со мигрантски кампови и се повикува на одговорен јасен говор, заштита на безбедноста, стабилноста и меѓуетничките односи. Исто така, се констатира дека свесното ширење дезинформации ќе биде санкционирано согласно важечките закони. Резолуцијата воспоставува јасна државна политика против нелегалната миграција и стапува во сила веднаш по нејзиното изгласување. Во таа насока, оваа Резолуција на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја предложиме во Собранието на Република Македонија и од таа причина ги покануваме сите парламентарни партии заедно да ја поддржат“, истакна Мицевски.

