Македонија
(Видео) Раководители од МВР му се закануваат на полицаецот од Арачиново за да го замолчат, тврди тој
По објавувањето на скандалот дека ПО Арачиново не располага со списи за казни и констатирањето на ваквата состојба од Внатрешната контрола при МВР, вратени им се надлежностите на полицајците. МВР ги задолжило полицајците со списи, а синдикалниот претставник Дејан Саздов, кој е и прераспределен во ПО Арачиново, се соочува со притисоци. Саздов тврди дека Внатрешната контрола го деградира и понижува. Со сличен притисок се соочуваат и неговите колеги од ПО Арачиново.
„Почнаа притисоци од страна на претставници од Секторот за внатрешна контрола. Дојдоа на моето работно место со само две прашања, а тоа се во кое својство сум ја дал изјавата и од кого сум побарал одобрување. Јас на ова гледам како на директен притисок врз мене. Појаснив дека синдикален претставник, според Законот за работни обврски, има право да обелоденува кривични дела. Тие и понатаму се обидуваат да ме попречат, но нема да потклекнам. Добивам закани за мојата безбедност од страна на непознати лица кои се поврзани со инволираните во ова незаконско работење“, вели Саздов.
Цел на притисоци се и другите вработени во ПО Арачиново, тврди синдикалниот претставник Саздов, кој додава дека претставници од Секторот за внатрешна контрола им викале додека ја вршеле контролата за списите за казни. „Вие сте неработници“ биле зборовите упатени до вработените, тврди тој.
„Таа меѓусебна поврзаност на високи функционери оди до таа мера што да удираат на секој можен начин. Тие удираат и врз членови на моето семејство, иако сега се свртеа поактивно кон мене. Реакциите на вработените во Секторот за внатрешна контрола кон полицајците од ПО Арачаиново само ја докажуваат инолвираноста во ова кривично дело“, додава Саздов.
МВР демантираше дека ПО Арачиново нема списи, иако по проверката била констатирана ваква состојба. Саздов тврди дека објавувањето на информацијата директно ги погодила засегнатите кои во моментов вршат притисоци во иднина да не се објавува незаконското работење во МВР.
Полицаецот и синдикален претставник Дејан Саздов ќе го пријави случајот во соодветните институции, а го повика и Јавното обвинителство да дејствува по допрен глас. Тој поднел и кривични пријави против високи функционери во МВР, за кои очекува епилог.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ноќеска повремени врнежи дожд насекаде
Управата за хидрометеорологија извести дека кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

