Македонија
(Видео) Ристески: Шест месеци од мандатот, градоначалникот Муцунски ги помина во неработење
Цели шест месеци од мандатот, градоначалникот Тимчо Муцунски ги помина во неработење и без остварување на ниту едно ветување дадено пред граѓаните. Освен што ги довршува започнатите проекти од претходната локална власт кои одамна требаше да бидат завршени, Муцунски нема започнато ниту еден друг капитален проект во општина Аеродром. Нема нови паркови, постоечкото зеленило се уништува, никнуваат диви депонии кои не се чистат, а општината никогаш не била повалкана, изјави на денешната прес-конференција Милутин Ристески, координатор на советничка група на СДСМ и коалицијата во општина Аеродром.
Ристески додаде дека во изминатите денови сведоци бевме на фотографии со кои граѓаните се жалат на неискосени тревници, неисчистени контејнери и корпи за отпадоци, депонии, искршени клупи и уништени паркови. Граѓаните на дело ја гледаат неспособноста на Муцунски и кадрите на неговата ВМРО-ДПМНЕ.
Со ваквото неработење, со ваквиот однос кон граѓаните и општина Аеродром, Тимчо Муцунски брзо ќе исплива на првото место во трката за најнеуспешен градоначалник во редот на неговите скопски колеги од ВМРО-ДПМНЕ, изјави Ристески.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Мали остатоци од снег има на планинскиот превој од (село Лисец – Попова Шапка) кои се задржани на коловозот, извести АМСМ.
Врнежи од снег со слаб интензитет има на патниот правец (Крива Паланка – г.п.Деве Баир) кој не се задржува на коловозот и намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 30 метри, Ѓавато до 100 метри и планинскиот превој Крушево до 40 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд. Претпладне, врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и во некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен, а попладне наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на оваа седмица следува период на претежно облачно време со повремени врнежи од дожд, кои на повисоките планини, ќе преминуваат во врнежи од снег. Повремено наместа врнежите ќе бидат пообилни. До сабота ќе дува југоисточен и југозападен ветер, а во недела ветерот ќе го смени правецот и ќе дува засилен северен ветер.

