Македонија
(Видео) Ристова: ВМРО-ДПМНЕ бесрамно излажа и ширеше паника дека во државата има отровен зеленчук
ВМРО-ДПМНЕ го проби дното кога е во прашање пласирање лажни вести и дезинформации. Цел викенд партијата предводена од Христијан Мицкоски бесрамно и скандалозно лажеше дека на македонскиот пазар, на македонските трпези има отровен зеленчук, изјави на денешната прес-конференција, Лолита Ристова, пратеничка на СДСМ.
Со тоа, оваа партија свесно ширеше паника и предизвикуваше вознемиреност кај граѓаните.
„Таквите скандалозни тврдења, се покажаа како целосно невистинити. Во Македонија во продажба нема зеленчук или овошје од увоз што не се безбедни за консумирање и тоа е потврдено согласно со стандардните процедури на надлежните институции. Со тоа се демантира уште една лага од белата палата, која единствено цел имаше да создаде паника кај граѓаните и недоверба кон институциите“, вели Ристова.
Оценува дека за сите изнесени лаги Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ниту еднаш не собраа храброст да ѝ се извинат на јавноста.
„Истото ова го гледаме и сега, наместо извинување, ВМРО-ДПМНЕ продолжува да ги надградува лагите што веќе се демантирани. Ова е класичен пример за неодговорност кон сопствените граѓани, кон сопствениот народ, доказ дека партијата предводена од Мицкоски не се грижи ниту за своите сограѓани ниту за својата држава. Деструкции, блокади, свесно пласирани лажни вести, тоа е сѐ што знае и може ВМРО-ДПМНЕ“, посочува таа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) На повеќе локации низ Скопје паднаа дрвја, Ѓорѓиевски: Екипите се на терен, реагираме навремено
Поради засилениот ветер и неповолните временски услови, на повеќе локации низ градот беа регистрирани паднати и оштетени дрвја.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски извести дека градските служби веднаш излегле на терен и постапуваат со целосна мобилизација, со цел отстранување на опасностите и обезбедување безбедно движење за граѓаните.
„Се сечат и расчистуваат паднатите дрвја, се отстрануваат скршените гранки и се нормализира сообраќајот таму каде што имаше застој. Приоритет ни е безбедноста на граѓаните и непреченото функционирање на градот“, рече Ѓорѓиевски.
Тој апелираше до сите на зголемена внимателност додека траат активностите на терен.
Македонија
(Фото) Силниот ветер откорна покрив во училиште во Гевгелија
Преку Единствениот број за итни повици 112 е примена пријава дека поради силен ветер летнала лимената конструкција од покривот на основното училиште „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија, соопшти Центарот за управување со кризи.

Според информациите, нема повредени лица. Побарана е интервенција од службени лица од МВР, како и од надлежните институции.

Силниот ветер направи проблеми и во Скопје. На шест локации се пријавени паднати дрвја и искинати кабли, при што е причинета материјална штета на повеќе автомобили.
За состојбата се известени СВР Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“, кои преземаат мерки во рамки на своите надлежности.
Македонија
Сè помалубројни, постари и понеисправни автобуси во кои се возат сè помалку патници, покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации
Центарот за граѓански комуникации ги објави истражувањето и базата на податоци за капацитетите на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје.
Нивното истражување покажува дека:
– Само за десет години, бројот на превезени патници со автобусите на ЈСП Скопје е намален за 30 милиони годишно – во 2015 година се возеле по 52 милиони патници годишно, а сега бројот на превезени патници е сведен само на 22 милиони годишно.
– ЈСП располага со вкупно 341 автобус, од кои дневно се исправни 185 автобуси, а во работа се пуштаат само по 157 автобуси дневно.
– Бројот на автобуси на ЈСП Скопје континуирано се намалува во последните десет години. Пред десет години претпријатието имало 316 исправни автобуси, а денеска само 185.
– Со опаѓањето на бројот на автобуси, расте нивната просечна старост која сега изнесува 13,3 години, највисока во последните десет години.
– Доминантен дел од автобусите, односно повеќе од 80 % се од кинеските „Јутонг“ и од украинските „ЛАЗ“. ЈСП има и десет автобуси од марката Санос, стари по 33 години.
– Само 10 % од автобусите на ЈСП имаат највисок еколошки стандард Еуро 6, додека другите се со еколошки стандард Еуро 4 и Еуро 5.

