Македонија
(Видео) СДСМ обвинува: Владата на ВМРО-ДПМНЕ фатена во голем скандал со назначувањето на директорката за „Еразмус+“

СДСМ обвинува дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ е фатена во голем скандал со назначувањето на в.д. директорката на Националната агенција која располага со средствата од Еразмус+.
Претседателот на Комисијата за образование и наука на СДСМ, Јованче Манасков, истакна дека Ана Михајлов, првиот човек на агенцијата е под активна истрага на ОЛАФ, Европската канцеларија за борба против измами. Според СДСМ, ова ја урива довербата на младите во институциите.
СДСМ тврди дека назначувањето било направено „во координација“, но без согласност од Европската унија, која експлицитно го оценила огласот како нелегитимен и барала повторно објавување за нови кандидати.
Според свиркачите, причината за тоа е кандидатурата на Ана Михајлов, која од 2014 до 2017 година, заедно со Дорина Ѓорчева, доделила преку 8 милиони евра, што според СДСМ е предмет на истрага за можна проневера на европски средства.
Манасков исто така го спомена Бошко Нелкоски, првиот директор на агенцијата и ментор на новата в.д. директорка, како и поврзаноста со фирмите „Силвер Лион Сервисес“ и „Агронимија Органика“.
СДСМ бара Владата веднаш да ја разреши Ана Михајлов и да обезбеди услови истрагата на ОЈО да продолжи, а Обвинителството да постапи по наодите на ОЛАФ и сите инволвирани во скандалот да одговараат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Улица во Кисела Вода денес без струја

Корисниците на улицата Кумановска во општина Кисела Вода денес ќе останат без електрична енергија во периодот од 12:00 до 15:00 часот, информираат од ЕВН Македонија АД.
Прекинот е најавен поради технички зафати на дистрибутивната мрежа.
Македонија
Денес сончево и топло, од четврток промена на времето

Утрото ќе биде ведро и посвежо, а преку денот се очекува претежно сончево и топло време, со слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималните температури ќе се движат од 6 до 14 степени, додека максималните ќе достигнат од 27 до 33.
Во Скопје ќе преовладува сончево време, со утринска температура до 12 и дневна до 33 степени, информира УХМР.
До среда ќе се задржи стабилно и топло време. Од четврток попладне следува период на променливо облачно време со локални врнежи. Во петок се очекуваат и гремежи, како и умерен до засилен југоисточен ветер.
Температурите ќе бидат во постепено опаѓање, особено за време на викендот.
Македонија
Сиљановска-Давкова во Њујорк: Време е кормилото на ОН да му го довериме на жена

Во рамки на учеството на 80. Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на состанок на високо ниво по повод 30-годишнината од Четвртата светска конференција за жените.
Во своето обраќање, Сиљановска-Давкова истакна дека иако Пекиншката декларација останува темел на борбата за родова еднаквост, напредокот е нееднаков, кревок и често реверзибилен.
„Насилството врз жените останува неказнето, фемицидот ја осквернува светоста на животот, а жените сè уште се соочуваат со бариери во пристапот до ресурси, лидерство и одлучување,“ рече таа.
Претседателката посочи и на кризата во Обединетите нации, институција основана за заштита на мирот, а денес исправена пред бројни конфликти низ светот. Таа апелираше на храбро лидерство од жени, велејќи:„Ако сме сериозни во врска со мирот, време е да го довериме кормилото на ОН на жена.“
Во нејзиниот говор таа подвлече дека родовата еднаквост не е феминистичка привилегија, туку хуманистички императив, потенцирајќи дека жените се носители на исцелување, сочувство и надеж.
Учесниците на состанокот ја потврдија потребата од посветеност, конкретни политики и ресурси за реализација на визијата од Пекинг и за создавање праведни и просперитетни општества.
Пекиншката декларација, како што потсети Сиљановска-Давкова, повикува на еднакви права и пристап за сите – жени и мажи, девојчиња и момчиња – и тој повик, рече таа, останува ургентен и денес.