Македонија
(Видео) СДСМ: Поради политичката агенда на СОНК, штета трпат учениците

Уценувачкиот однос и политичката агенда што ја спроведува раководството на СОНК се на штета на учениците и наставниот процес, oбвини Жаклина Лазаревска од СДСМ, на денешната прес-конференција.
„Со неколкунеделен прекин на наставата им се загрозува иднината на над 16.000 матуранти и нивното натамошно студирање. За штетноста од прекинот на наставата предупредија и народниот правобранител и УНИЦЕФ апелирајќи наставниот процес да продолжи“, нагласи пратеничката од владејачката партија, која додаде и дека Владата на СДСМ како никоја влада претходно покажала грижа за вработените во образованието и детската заштита.
Според Лазаревска, одбивањето да се покачат платите во просек за 3.000 денари од страна на раководството на СОНК покажува дека платите на наставниците не се цел туку, како што рече, политичката агенда на опозицијата.
„Тоа е истата опозиција, која овде, во Собранието, цела година блокира закон за поголеми плати на наставниците. Очигледно се избрза со штрајкот свесно иако во Законот за минималната плата стои временски период за усогласување на платите од 6 месеци. Правото на штрајк и протест е уставно гарантирано право, но правото на образование е исто така уставно гарантирано, кога овие права доаѓаат во судир, правата на децата се поважни“, рече претставничката на СДСМ додавајќи дека учениците мора да се вратат на училиште.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Гаши-Капетановиќ: укажано на потребата од подобрување на меѓусоседските односи во регионот, во време на геополитичките промени во светот

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, денеска во неговиот кабинет го прими Амер Капетановиќ, генерален секретар на Советот за регионална соработка.
Во оваа пригода, претседателот Гаши му упати честитки на Капетановиќ за неговото назначување за генерален секретар на Советот за регионална соработка во време на македонското претседавање со Процесот за соработка во Југоисточна Европа. Претседателот укажа на потребата од интензивирање и продлабочување на регионалната соработка како и подобрување на меѓусоседските односи во Регионот, особено во време на геополитичките промени во светот, со цел зачувување на мирот и стабилноста во Регионот.
Тој потенцираше дека Република Северна Македонија посветува големо внимание на регионалната соработка, како клучна компонента за евроинтеграцијата на Регионот и во континуитет активно учествува во работата на регионалните организации и иницијативи.
Капетановиќ укажа дека Советот за регионална соработка има оперативна улога во Процесот за соработка во Југоисточна Европа и претставува вредна политичка платформа која придонесува за стабилизација на Регионот, но и за економски развој и социјален напредок на сите земји од Југоисточна Европа. Таа соработка се фокусира на работите кои го обединуваат Регионот врз основа на принципот на инклузивност. Соработката е заснована на реалните потреби на сите граѓани во регионот и има тенденција на поголемо вмрежување меѓу граѓаните, компаниите и институциите во регионот преку регионални иницијативи.
На крајот соговорниците ја поддржаа парламентарната димензија во сите процеси на регионално здружување, со можност во иднина Република Северна Македонија да биде домаќин на повеќе тематски конференции, како што се: дигитална трансформација, парламентарна дипломатија, како и соработка за формирање на регионален центар за брза интервенција.
Македонија
Божиновска – Лорковски: Енергетската иднина зависи од брзите реформи

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска во Скопје се сретна со директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница, Артур Лорковски. Средбата се одржа во пресрет на новите предизвици поврзани со усогласувањето на националното законодавство со европските енергетски стандарди, понатамошната интеграција на македонскиот енергетски пазар во регионалниот и европскиот пазар и следните чекори во реформите на енергетскиот сектор
Божиновска ја истакна посветеноста на земјата во усогласувањето на националните енергетски политики со европските стандарди.
„Јасни правила и предвидливост – тоа е клучно за стабилен и конкурентен енергетски сектор. Работиме на законски решенија што ќе обезбедат сигурност за инвеститорите, ќе го забрзаат процесот на енергетска транзиција и ќе гарантираат одржлив развој,“ истакна таа.
Божиновска нагласи дека реформите во енергетскиот сектор се еден од врвните приоритети на Министерството, Во тој контекст, информираше дека Предлог-законот за енергетика беше поставен на Единствениот национален регистар на прописи (ЕНЕР), овозможувајќи јавна консултација за неговото финализирање. Директорот Лорковски изрази задоволство за транспарентноста на процесот
На средбата беше потенцирана важноста на забрзаната имплементација на интеграцискиот пакет за електрична енергија, што ќе овозможи подобра предвидливост на пазарот, оптимизација на прекуграничните капацитети за пренос и стабилизирање на цените.
Лорковски ја потврди посветеноста на Енергетската заедница во поддршката на реформските процеси во земјата, нагласувајќи дека усогласувањето на регулативите со ЕУ директивите е клучно за побрза интеграција на македонскиот енергетски пазар во пошироките регионални и европски текови.
Министерството за енергетика, како што соопштија од таму, останува посветено на реформите што ќе донесат стабилност, развој и конкурентност во македонскиот енергетски сектор.
Македонија
МНР: Македонија ја реафирмира цврстата поддршка за Украина и продолжува со осудата на агресијата на Руската Федерација

Одлуките на Република Северна Македонија во поглед на поддршката и гласањето за резолуциите на Генералното собрание на Обединетите нации се донесени врз основа на темелно истражување и анализа на актуелните глобални надворешнополитички движења, утврдените позиции на влијателните меѓународни чинители, нашата заложба за зацврстување на мирот, безбедноста и просперитетот во светот, како и стратешкиот интерес на државата за создавање стабилна позиција и градење поцврсти односи со нашите стратешки партнери, соопштија од Министерството за надворешни работи.
Во таа насока, како што информираат, особено се земени предвид и актуелните силни заложби на претседателот на САД и американската администрација за побрзо завршување на воените активности меѓу Украина и Руската Федерација преку водење ефективни и непосредни преговори, чија основна цел е што поскоро постигнување на траен мир и безбедност во Украина и поширокиот регион.
„Донесените одлуки во врска со нашето спонзорирање и гласање за резолуциите на Генералното собрание на ОН немаат и не треба да бидат толкувани како повлекување или промена на претходно изразените позиции. Напротив, со нив Република Северна Македонија ја реафирмира цврстата поддршка за Украина и продолжува со осудата на агресијата на Руската Федерација, истовремено изразувајќи силна солидарност и одговорност кон украинскиот народ и неговите напори за целосна заштита на територијалниот интегритет, суверенитетот, независноста, слободата и демократијата.
Во оваа насока, потсетуваме дека како и во изминатите три години, така и денес и во иднина, Република Северна Македонија останува силно приврзана кон севкупните напори на меѓународната заедница, особено на САД и Европската Унија, за што побрзо постигнување на прекин на воените дејствија и обезбедување на траен и одржлив мир, како во Украина, така и пошироко во регионот и светот“.