Македонија
(Видео) Селмани: Полицијата треба да научи дека на протести новинарите не им се непријатели
Полицијата треба да научи дека новинарите на протести не им се непријатели, туку исто така се професионалци на службена должност кои треба да се заштитат ако бидат нападнати од протестантите. Таа заштита ја заслужуваат во согласност со домашното и меѓународното право, рече претседателот на Здружението на новинарите на Македонија, Насер Селмани, на денешната работилница за безбедност на новинарите за време на настани со висок ризик.
„Сигурноста на новинарите е врвен приоритет, едногласни сме со нашите партнери дека насилството врз медиумските работници е неприфатлива практика за една демократска земја“, вели Селмани.
Според претседателот на ЗНМ, целта на заедничките обуки за безбедноста на новинарите за настани од висок ризик организирани од ОБСЕ, МВР и ЗНМ е изградба на институционални механизми за создавање безбеден амбиент за работа на новинарите.
„Обуките имаат цел да ги запознаат припадниците на полицијата за важната улога на новинарите за информирање на граѓаните за настани од висок ризик, како што се протестите. Подоброто информирање ќе помогне да се избегнат инциденти какви што имаше случаи во минатото кога новинари настрадаа од протестанти, а притоа не им беше понудена помош од страна на полицијата, која патем од непознати причини и напаѓаше новинари“, вели Селмани.
На денешната работилница за безбедноста на новинарите беше заклучено дека информирањето на граѓаните и барањето отчетност од секоја власт нема да се исполни доколку новинарите работат под страв и несигурност.
„Силно веруваме дека како важен елемент во фунцкионирањето на демократските процеси имаат право да работат во амбиент без закани и притисоци. Убедени сме дека состојбата со слободата на медиумите во Македонија значајно ќе се подобри ако заеднички успееме да ставиме крај на политиката на неказнивост на напади врз новинари“, рече Селмани.
Виктор Јованов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Со милошевичко – орбанистички пристап, власта го загрози проектот „Скопје – Европска престолнина на културата“
Од ВМРО-ДПМНЕ да не се прават на Тошо. Ако денес го признаваат хаосот во проектот „Скопје – Европска престолнина на културата“, тогаш нека кажат и кој го создаде тој хаос. Муцунски, Орце Ѓорѓиевски и Љутков се на власт. Тие го заглавија проектот, го водеа спротивно на закони, без транспарентност, без консултации и без вклучување на културниот сектор. Денес сами признаваат дека бил блокиран, а од кого, од нив, велат од СДСМ.
Од партијата велат дека со нивниот милошевичко – орбанистички пристап кон невладиниот и независниот културен сектор, оваа власт не само што го загрозила кредибилитетот на проектот, туку ги срушила и неговите темели:- плурализам, уметничка слобода и европски стандарди.
„Видовме и која е нивната визија: Скопје престолнина на кичот. Затоа Љутков, наместо да го турка овој европски проект, откако е министер, само се жали дека СДСМ не го одржувала скапо платениот стиропор од Скопје 2014. Културната престолнина не е партиски плен за блиски фирми и „клиенти“, туку европски процес што треба да го води целата културна фела – уметници, институции, независна сцена, академска заедница. Затоа, должни се пред македонската јавност да одговорат: Кoja е нивната визија за проектот? Што точно образлагале во Брисел? Каква програма презентирале? Кои реформи ги гарантираат?“, велат од СДСМ.
Од опозицијата наведуваат дека досега се виделе само импровизации, затвореност, игнорирање на секторот и манипулации за дневнополитички потреби.
„Скопје ќе биде европска престолнина на културата само ако се врати духот на европските вредности: отвореност, транспарентност, професионализам и вистинска поддршка на уметниците. А тоа е невозможно со власт која ја става културата во кафез и ја води како партиски проект, без концепт и без одговорност“, сметаат од СДСМ.
Македонија
Мицкоски на Самитот на лидери во Тирана
Премиерот, Христијан Мицкоски, утре, петок, ќе присуствува на Самитот на лидери „Нашиот план до ЕУ“ кој ќе се одржи во Тирана, Република Албанија.
Предвидено е на панел дискусијата насловена „Исполнување на заеднички обврски, резултати и забрзување“ да се обрати премиерот Мицкоски.
Македонија
Мицкоски во Тирана на отворање на новите канцеларии на Македонското здружение „ВМРО-ДПМНЕ Албанија“
Денеска во Тирана во присуство на голем број Македонци од Албанија претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Владата Христијан Мицкоски, генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓоргија Сајкоски и претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ Жаклина Пешевска, на покана на Македонско здружение „ВМРО-ДПМНЕ Албанија“ присуствуваа на отворање на новата канцеларија на ова здружение.
Мицкоски во обраќањето пред присутните ја нагласи и можноста на Македонците во Албанија да имаат свој клуб, можност за здружување, можност слободно да работат на зачувување на својата култура, идентитет, јазик и традиција, можност што ја немаат Македонците во Пиринскиот дел на Бугарија.
„Македонците во Пиринскиот дел ја немаат оваа можност да се организираат, во 21 век се спречени да регистрираат невладино здружение, не можат да зборуваат слободно за својот македонски идентитет. Ние сме вредни, трпеливи и умни и ве уверувам дали сега или во периодот којшто следи, ќе дојдеме до таа цел“, посочи Мицкоски.
„Мене ми е драго што на сите овдека ни е јасен тој наш вековен автентичен македонски корен и наш вековен македонски идентитет. Како што можам да забележам македонскиот јазик се негува и се чува и тоа особено ме импресионира вечерва“, додаде тој.

