Македонија
(Видео) Серафимовска: Владата нема стратегија за заштита на здравјето на младите и безбеден старт на учебната година
Денеска, 1 септември, наместо со традиционалниот почеток на учебната година Македонија се соочува со хаотична и неизвесна состојба во образованието. Освен одложениот почеток од 1 октомври, ситуацијата бележи и средношколци на улиците, наместо во училишните клупи од една страна, и неинформирани родители и ученици од друга страна, изјави Христина Серафимовска од ВМРО-ДПМНЕ.
„Владата на Заев нема стратегија за заштита на здравјето на младите и безбеден старт на учебната година, наместо старт на учебна година, добивме ученици кои со право протестираат и збунети родители
Се претворивме во држава на жолт печат каде информации за образованиот процес се добиваат од портали и социјални мрежи наместо по службен пат од училиштата.
Владата предводена од СДСМ веќе имаше неколкумесечно искуство со настава во услови на криза, од која, за жал, ништо не научи и не извлече можни решенија.
Одложен е почетокот на школската година, само поради неорганизираност на старата Влада и училиштата раководени од нивни кадри. За скратена наставна програма веќе 6 месеци неуспешно се говори, а протоколите за учениците наместо навреме, беа изработени со закаснување непосредно пред 1 септември.
Учениците од стручните училишта, сместувањето во училишните домови и превозот на учениците се исто така прашања кои сè уште висат во воздух…
ВМРО ДПМНЕ неколкупати до сега излезе во јавност со конструктивни предлози и решенија за предизвиците во образовниот процес. Овие предлози вклучуваа неколку модели на настава меѓу кои и комбинирана настава, како и можност различни општини да имаат различни опции согласно состојбите. Ваквите предлози во целост се поклопуваат со она што сега го бараат средношколците од улица!
Оваа Влада е должна да одговори зошто ги отфрли конструктивните предлози кои доаѓаа од опозицијата? Зошто во време на здравствена криза креира дополнителни кризи и во образованието?
Зошто нема план?
Владата да објави список кои чекори ќе ги преземе за подобрување на условите за учење. Очигледно е.
Ова е Влада без јасна цел, недостиг на визија и со многу прашалници како понатаму, а цената за сите нејзини недостатоци, за жал, ќе ја плаќаат денешниве ученици и општеството во целина“, порача Серафимовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски за бугарската формулација „достапен јазик“ наместо македонски: Не е во прашање само Уставот, туку редефинирање на македонскиот идентитет
Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, ја коментираше формулацијата „достапен јазик“, наместо македонски јазик, што ја употреби Министерството за надворешни работи на Бугарија.
„Не ме чуди, ги потврдуваат тезите дека Бугари во Устав не е единствено барање, туку комплетно редефинирање на македонскиот идентитет. Но, ова се денови кога треба да простуваме, да се сплотуваме како нација. Како народ ќе сфатиме дека без оглед дали сме власт или опозиција, за некои прашања мора да бидеме заедно“, изјави Мицкоски по посетата на Соборниот храм по повод христијанскиот празник, Божик.
Тој изрази жалење што, како што рече, претходната влада влегла во една авантура и го заглавила евроинтегративниот процес, прифаќајќи капитулација, односно ултиматум од Бугарија.
„Апелирам до опозицијата – подадена е раката – да ги напуштат нивните тези и да застанат во одбрана на националните интереси. Ова е таков ден, немам што повеќе да додадам“, рече премиерот.
Говорејќи за доставувањето на Акцискиот план за правата на заедниците, претходно деновиве Мицкоски наведе дека македонската страна била советувана од Брисел документот да ѝ биде доставен на Софија еден ден порано, како гест на добра волја.
„Така направивме – го дадовме ден однапред. И сега им сметало што е на македонски јазик. Во меѓународна употреба, согласно Уставот, официјален јазик е македонскиот јазик. Јас не можам, како претседател на Владата, ниту пак министерот, да го кршиме Уставот. Ако мислат дека ќе го испратиме на друг јазик – ние немаме друг јазик“, изјави Мицкоски.
Премиерот додаде дека Бугарија повторно ја пропуштила шансата да покаже добрососедство, а на прашањето дали имало и други забелешки од Софија, одговори дека немало.
Бугарското Министерство за надворешни работи соопшти дека „Република Бугарија со загриженост ги забележува последователните тези на властите во Скопје, кои остро се разминуваат со есенцијата на Европскиот консензус од 2022 година“. Во соопштението не се спомнува македонскиот јазик, туку се користи формулацијата „јазик достапен за граѓаните“.
Во Преговарачката рамка, во став 35, се наведува дека Северна Македонија преку инклузивен процес треба да усвои Акциски план за заштита на правата на малцинствата и заедниците, кој ќе биде предмет на постојано следење во текот на пристапниот процес. Во став 37 се посочува дека напредокот во поглавјата за владеење на правото ќе биде тесно поврзан со спроведувањето на Акцискиот план, што значи дека без негова имплементација не може да се затвори ниту едно преговарачко поглавје.
Македонија
(Видео) Филипче за Божиќ: Имплементиравме политики што им донесоа подобар живот на граѓаните
Претседателот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, по повод големиот христијански празник Божиќ упати порака за мир, заедништво и градење праведно, толерантно и слободно општество, во кое младите ќе ја гледаат својата иднина.
„Го честитам најрадосниот празник во христијанството со традиционалната честитка – мир Божји, Христос се роди“, порача Филипче, заблагодарувајќи им се на присутните и упатувајќи желби за мирни и весели празници до сите верници кои го празнуваат Божиќ.
Тој истакна дека Божиќ е традиционален повод за собирање на семејството и најблиските, како и за покажување почит и грижа, нагласувајќи дека мирот е особено важен во турбулентни времиња.
„Мирот во овие турбулентни времиња ни е и тоа како потребен за да можеме да продолжиме општеството да го градиме – да биде праведно, да биде толерантно, да биде слободно“, рече Филипче.
Осврнувајќи се на политиките што СДСМ ги спроведувала во минатото, тој нагласи дека тие биле насочени кон подобар, побезбеден и побогат живот за граѓаните.
„Ние во минатото имплементиравме политики коишто граѓаните вистински можеа да ги осетат да живеат подобро, побезбедно, побогато. Младите тука да ја гледаат иднината. Имплементиравме политики коишто доликуваа на развиени општества, општество во кој никој нема да се чувствува помалку вреден, без разлика дали станува збор за етничка, дали станува збор за национална, верска, некаква културна, родова, полова или сексуална ориентација. Посакувам да сите заедно градиме општество во коешто никој нема да биде дискриминиран“, порача Филипче.
Македонија
Стоилковиќ со божиќна честитка: Празникот да биде поттик за духовна смиреност и заемна почит
По повод големиот христијански празник Божиќ, потпретседателот на Владата и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, упати честитка до сите верници од христијанска вероисповед, нагласувајќи дека празникот ја носи пораката на љубов, надеж и човекољубие.
Во честитката, Стоилковиќ истакна дека Божиќ е поттик за духовна смиреност, заемна почит и зајакнување на општествената кохезија, посочувајќи дека празничните денови треба да придонесат за продлабочување на семејните и општествените вредности.
Тој нагласи дека негувањето на солидарноста и унапредувањето на меѓусебното разбирање се особено важни за напредокот и заедничкото добро, додавајќи дека преку соработка и одговорност може да се придонесе за стабилност и благосостојба во општеството.
„На сите верници им посакувам добро здравје, мир и достоинствено празнување на Божиќ“, порача Стоилковиќ, упатувајќи ја традиционалната божиќна честитка „Христос се роди! Вистина се роди!“.

