Македонија
(Видео) Се зголемуваат ингеренциите на инспекциските служби
Инспекциските служби добиваат нови поголеми овластувања за справување со прекршителите на ковид-протоколите. Ова е предвидено со новите измени на Законот за заштита на здравјето на населението од заразни болести, кои беа усвоени на вчерашната владина седница.
Заменик-претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски. образложи дека по повеќе консултации со Министерството за здравство, Министерството за внатрешни работи и со Инспекцискиот совет, постигнат е консензус за преземање брзи и ефикасни мерки.
„Досега само Државниот здравствен и санитарен инспекторат имаше овластувања да изрекува мерки, а другите инспекциски служби само поднесуваа кривични пријави за непочитување на протоколите во согласност со Кривичниот законик. Со новите законски измени вакво овластување за изрекување забрана за работа и прекршочен платен налог добиваат и Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за труд, Државниот инспекторат за транспорт и другите инспекторати на централно и локално ниво. Конкретно, доколку инспекторите утврдат прекршување на здравствените протоколи, ќе имаат овластување на самото место да изречат привремена забрана за вршење на дејноста од 10 до 30 дена на правните субјекти што не ги почитуваат мерките“, истакна Николовски.
Претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска, појасни дека со новите законски измени инспекциските служби ќе вршат надзор во сопствениот делокруг на работење, така што ќе бидат опфатени сите релевантни субјекти – угостителски објекти, превозници, производствени капацитети и слично.
„Ако некој угостител, маркет, превозник, фабрика и друго не ги почитува протоколите, надлежната инспекциска служба ќе има законско овластување на самото место да изрече забрана за вршење дејност од 10 до 30 дена, поточно во истиот момент да го затворат објектот. Жалбата против решението со кое се изрекува ваквата забрана нема да го одлага неговото извршување. Со ова значително ќе се зголеми ефикасноста на инспекцискиот надзор, а ќе се намали шансата од ширење на вирусот“, вели Филиповска-Грашкоска.
Во однос на висината на глобата, со измените, за микропретпријатие што прекршило некој протокол, се предвидува глоба од 2.500 до 3.000 евра во денарска противвредност, за мало претпријатие 5.500-6.000 евра, за средно 17.500-18.000 евра и за големо претпријатие 25.000-30.000 евра, како и соодветни глоби за одговорното лице на правниот субјект (1.500 евра), 750 евра за трговец поединец и 250 евра за физичкото лице.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Потпишан Меморандум со највисоко рангираните универзитети во Македонија за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, објави Ѓорѓиевски
Градоначалникот на Град Скопје, заедно со највисоко рангираните универзитети во Македонија потпишаа Меморандум за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, со што академската заедница официјално се вклучува како активен и рамноправен партнер во овој значаен европски културен процес, информираат од Град Скопје.
Со Меморандумот се потврдува јасната европска ориентација на универзитетите и нивната улога како двигатели на знаење, креативност и иновации, како и нивната општествена одговорност во развојот на заедницата. Вклучувањето во „Скопје 2028“ отвора можности за интеграција на културата во наставните и истражувачките програми, поттикнување на студентската креативност и младинскиот ангажман, развој на интердисциплинарни и меѓународни партнерства и зголемување на академската видливост на европско ниво.
Академската заедница останува посветена на активна, професионална и визионерска улога во реализацијата на „Скопје 2028“, со цел зајакнување на европските вредности, продлабочување на интеркултурниот дијалог и создавање одржлива, солидарна и креативна иднина за Скопје и Македонија.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (HORIZON Europe). Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, како национален координатор на истиот.
Во своето воведно излагање, таа истакна дека одливот на младите високообразовани и компетитивни македонски кадри е една од најголемите закани за македонскиот општествен развој, со сериозни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалубројна и послаба епистемолошка заедница (професори, истражувачи, новинари-аналитичари, културни дејци), тешко е да се креираат добри политики во различни области.
Најдобрите си заминуваат во потрага по подобар живот, но и заради недостиг на меритократија (потценето знаење, талент, вештина и креативност), како и отсуството на владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето, смета таа.
За неа, напливот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, продуцираат некритична и послушна ,,интелигенција”.
Таа истакна дека борбата со егзодусот на најдобрите треба да почне со реформи во основното и средно образование, преиспитување на високообразовната мрежа и заострени критериуми при избор и кариера.
На крајот, претседателката укажа на потребата од воведување дуално образование во сите степени, преиспитување на преоптоварената високообразовна мрежа, организирање заеднички студии и проекти со други универзитети, ангажирање на македонските умови од дијаспората со помош на вештачката интелигенција и дигитализација.
Македонија
СДСМ: Македонија сака во ЕУ а ВМРО изолација
Македонските граѓани во големо мнозинство, над 70% сакаат членство во ЕУ. Додека Мицкоски и ВМРО намерно ја туркаат земјата кон изолација, далеку од ЕУ, истакнуваат од СДСМ.
„Известувачот за Македонија, Томас Вајс денеска изјави дека мора да се исполнат реформи и условот со уставни измени за да продолжи европскиот пат на земјата, при презентирањето на нацрт-извештајот за 2025 година.
Евроамбасадороот Михалис Рокас вчера беше дециден дека нема членство во ЕУ без право на глас и без право на вето.
Со ова, приказните на Мицкоски се разобличени целосно.
Исто како и празната националистичка реторика која веќе не поминува“.
Граѓаните, додаваат од СДСМ, го гледаат Мицкоски седнат во авион како се лукзуора на нивна сметка, со скапи часовници од 60.000 евра, со тендери како томбола за бизнис.
Тоа, како што оценуваат, е личен финаниски патриотизам.
„Зборува за меко ткиво а не знае дека и мозокот е меко ткиво.
Мицкоски, граѓаните имаат мозок“.

