Македонија
(Видео) Сѐ уште активни осум пожари, другите делумно се изгаснати
Во земјата до 16 часот сѐ уште активни се осум пожари, а другите делумно се локализирани. Авионот на романското воено воздухопловство во два налета дејствуваше на пожарот во општина Прилеп кај селата Топлица, Ракле и Никодин, кој е делумно локализиран, но на одредени места сѐ уште има чад. На терен се екипи на Армијата и ШС „Црн бор“ од Прилеп, информира помошник-раководителот на Центарот за управување со кризи, Марија Милкова, на попладневната прес-конференција во ЦУК.
„Пожарот во Делчевскиот Регион во село Разловци и село Нов Истевник е ставен под контрола, а има мал чад во местото наречено Грбовец, но пожарот е под контрола. На терен се екипи од пожарната, странската помош, МВР и Армијата. Пожарот во Пехчево во село Будинарци сѐ уште е активен. Имаше моменти кога се надевавме дека пожарот е локализиран, но се појавија нови жаришта. На терен се припадници од Армијата, МВР, ШС ‘Малеш’, ШС од Струмица, противпожарни бригади од Скопје, Кавадарци и од Штип, вработени од ДЗС, ЕВН, месно население, меѓународни тимови од Словенија и Австрија и други субјекти што се справуваат со огнената стихија“, соопшти Милкова.
Таа додаде дека активен пожар има и во општина Сарај, во селата Раовиќ и Буковиќ, каде што на терен има екипи од Националниот парк Јасен, ШС „Караџица“, ПП-бригада на Град Скопје и жители од општината.
„Активен е пожарот и во општина Петровец, во селото Дивје, на месноста наречена Крушје, кој беше ставен под контрола, но во 13.30 часот повторно се разгорел. На терен се претставници од ШС ‘Караџица,’ Армијата и локалната самоуправа. Пожарот во општина Чашка, кај село Владиовци, беше локализиран во утринските часови, меѓутоа во 13.30 часот повторно беше активиран. На терен се претставници од ПП-единицата од Велес и месно население“, прецизира Милкова.
Нагласи дека пожарот, кој во попладневните часови избувал во селото Герман во општина Ранковце, е ставен делумно под контрола и на терен е единица од ПП Ранковце и ШС од Крива Паланка. Во врска со шпекулациите дека таму има жена со деца, рече дека навреме се спасени и не се загрозени.
„Пожарот во штипските села Драгоево и Селце е ставен под контрола иако на одредени места има појава на чад. На терен се претставници од ТТППЕ од Штип, МВР, Општина Неготино и други лица од месното население“, рече Милкова и додаде дека другите пожари се делумно локализирани.
Попладнево, истакна таа, се појавија пожари во велешкото село Којница, Крајница и Извор, каде што гори нискостеблеста мешана шума. На самото место се 11 вработени од ШС „Бабуна“ и додаде дека очекува овој пожар да биде локализиран до крајот на денот. Попладнево, посочи таа, избувнал пожар и во кочанско Костин Дол, но се држи под контрола и нема опасност да се прошири.
Таа информира дека е направена смена на меѓународната противпожарна помош од Бугарија, чии екипи беа на терен во Пехчевско. Тие се заменети со нови и веќе се пристигнати три противпожарни возила со неколку пожарникари во земјата, кои, како што рече, во текот на денешниот и утрешниот ден ќе бидат распоредени онаму каде што е потребно.
Во моментот, како што нагласи, заседава Главниот штаб и се прави попладневен пресек, а воедно се одредуваат и мерки каде, кога и кои субјекти на кои локалитети да дејствуваат во текот на утрешниот ден.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Повторен обид на Министерството за здравство да протурка реновирање на операциски сали и фаворизира одредени фирми“, вели ВМРО-ДПМНЕ
„Министерството за здравство повторно ја објавува постапката за јавна набавка на проектирање и изведба на реконструкција и реновирање на операциски сали, нивни пред простории и ходници со машински соби во УКЦ Мајка Тереза – хируршки клиники по принципот „клуч на рака“, вели Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата пред само месец и половина Државната комисија за жалби по јавни набавки ја поништи од причина што Министерството за здравство изготвило тендерската документација која не е во согласност со Законот за јавни набавки и истата доведува до дискриминација на економските оператори и ограничување на пазарната конкуренција.
Повторената постапка објавена е на ден 24.04.2024 година, неработен ден прогласен со одлука на Влада поради одржување на прв круг претседателски избори.
Во тендерската документација за економска способност на економските оператори се бара минимум 550.000.000 денари со ДДВ вкупен приход во последните три години за секоја година поединечно.
Ова е целосно неосновано.
Прво, затоа што во финансиските извештаи приходот се искажува без ДДВ (ДДВ-то е обврска на друштвото да го плати спрема државата).
Второ, зошто не е објавена проценетата вредност на набавката за да може да се утврди дали овој услов е согласно Законот за јавни набавки? (Според Законот за јавни набавки – Договорниот орган не смее да бара минималниот годишен приход да изнесува двојно повеќе од проценетата вредност на набавката)“, се наведува во статусот на фејсбук на Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
„Народот доаѓа по своето, по она што Али и Груби му го одзедоа, по она што Заев, Таче и Стево му го продадоа“, рече Стојаноска
„Мора да почнеме поинаку да функционираме и да не молчиме пред неправдите. Мора да се обелоденуваат сите криминали и скандали. Мора да бидеме гласни, за да не станеме невидливи. Криминалот е тој кој треба да биде замолчен. Доста е“, порача Дафина Стојаноска синоќа на митинзите во Гостивар и Тетово.
„На 8-ми мај народот доаѓа по своето, по она што Али и Груби му го одзедоа, по она што Заев, Таче и Стево му го продадоа. На 8 мај нема уценети и поткупени. Никој повеќе не им се плаши, ниту ги сака нивните гнасни пари. Сите до денар ќе му го вратат на народот, како што ќе му ја вратат и државата. Доста долго остана во нивно заложништво. Нема повеќе сила, ниту пара која ќе го сокрие криминалот на ДУИ и СДСМ. Време е за слобода и правда. Време е за нов Претседател на Република Македонија и за нова Влада. Гласајте за професори а не за криминалци“, кажа Стојаноска.
Македонија
„За избор на Владата нема двојно гласање (Бадентер), тоа не е предвидено ниту со Уставот, ниту со било каков договор или закон“, вели Демократскиот сојуз
Демократскиот сојуз ги потсетува партиите, посебно ДУИ, но и сите граѓани, дека соглано член 99 од Уставот на Република Македонија, мандат за состав на Влада добива кандидатот на партијата/ партиите кои имат мнозинство (најмалку 61 пратеник).
„Владата ја избира Парламентот со мнозинство гласови од 120-те пратеници. Мнозинство се 61 пратеник. За избор на Владата нема двојно гласање (Бадентер), тоа не е предвидено ниту со Уставот, ниту со било каков договор или закон, ниту пак има таква пракса. Се работи за класична манипулација или непознавање на политичкиот систем и Уставните решенија за избор на Влада“, велат од Демократскиот сојуз.
„Сосема е извесно дека по 20 години на власт, недопирливите од ДУИ, ќе бидат испратени во долгогодишна опозиција и за грабежот што го направија и разнебитување на институциите и државата во целина ќе одговараат.
Наводната проевропска партија „ги отвори вратите на ЕУ“, при што за време на нивното владеење над 800 илјади граѓани од Македонија се иселија во земјите на ЕУ, меѓу нив и над 200 илјади Албанци.
Сите партии се изјаснија дека по изборите нема да коалицираат со ДУИ. Тоа е јасно за сите граѓани, затоа ќе гласаат за промени, а на ДУИ во опозиција ќе им се приклучи и СДСМ“, се додава во соопштението на Демократскиот сојуз.