Македонија
(Видео) Силјановска: Во Законот за попис не се вметнати европски регулативи и се прави злоупотреба на европското знаменце
На денешната седница во Собранието пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска-Давкова истакна дека Законот за попис на населението е со низа недоследности во кој не се вметнати регулативите и стандардите на Европската Унија и Евростат, а истовремено се прави и злоупотреба на европското знаменце од страна на владејачкото мнозинство.
„Во европските парламенти на членките на ЕУ обично во текот на една година не се носат повеќе од 150 – 160 закони, кај нас за два месеца оваа собраниска фабрика произведе речиси 170 закони, меѓу нив и Законот за попис на населението, домаќинствата и становите, чиј наслов не соодветствува со она што ќе се попишува. Слушам на телевизија, во текот на расправата на Алсат директорот зборува за резидентно население, за нерезидентно население, но го препрочитав неколку пати законот и не можам да видам таква класификација. Веројатно ќе биде во методологијата, но и неа ја нема и ќе ја добиеме еден месец по донесувањето на законот па ве упатувам на други искуства, да видете како методолошките упатства се заедно во пакет со законите, со сериозни објаснувања, со сите инструменти на тајмингот на роковите и слично“, рече Силјановска.
Таа додаде и дека од страна на владејачкото мнозинство се прави злоупотреба на европското знаменце.
„Овој закон во редовна постапка дојде на еден интересен начин, без европско знаме, потоа го снема, па се врати со европско знаме. Си велев зошто било така, мислам дека заради повикувањето на регулативата којашто кога ќе го проверите нејзиното спроведување апсолутно ќе видите дека не е точно дека е делумно аплицирана. Се обидовме одредбите од регулативата да ги предложиме преку амандманите, меѓутоа тоа не беше прифатено. Е па сега да оцениме дали европското знаме навистина нешто значи. Инаку, за два месеца овде поминале речиси 20 закони со европско знаменце, што е невиден рекорд, и се чудам зошто не добиваме почеток на преговори на таква фантастична европеизација во ова собрание“, заклучи Силјановска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Зелен хуман град“ бара ургенција од Град Скопје за постапката против Цементарница Усје
Граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ испрати барање до Град Скопје како подносител на кривичната пријава против Цементарница Усје АД Скопје, поднесена во 2023 година, да достави ургенција до Јавно обвинителство со цел да се добие информација за статусот и фазата на постапката.
Од иницијативата бараат Обвинителството да одговори дали постапката е во тек, дали е привремено запрена и кога се очекува да продолжи, како и причините за таква одлука, односно дали е трајно запрена и со кое образложение.
„Зелен хуман град“ оценува дека усвојувањето на заклучокот со кој Советот на Град Скопје ја издвоил Цементарница Усје како најголем загадувач и препорачал нејзина дислокација до органите на централната власт е позитивен почетен чекор, но, според нив, тој не е доволен сам по себе.
Од иницијативата посочуваат дека Градот Скопје, како подносител на кривичната пријава, има обврска активно да се залага постапката да не запре и да биде изречена соодветна казна.
Во барањето се наведува и потребата од воведување 24-часовен мониторинг на индустриското загадување, кој, како што посочуваат, веќе е достапен за јавноста во реално време, како и третирање на условите од Најдобрите достапни техники на Европската Унија од 2013 година за цементната индустрија како минимални стандарди во Македонија.
Иницијативата повторно побара дислокација на Цементарница Усје надвор од Скопје.
Македонија
Дизелот поскапува
Од ноќеска на полноќ дизелот поскапува за еден денар, додека цената на бензините ќе остане иста, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 27.1.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 72,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 74,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 67,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 66,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 33,099 (денари/килограм)
Со новата одлука, малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 не се менуваат, малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 1 денар за литар.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемува за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,112 ден/кг и сега ќе изнесува 33,099 ден/кг.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДС и Филипче живеат во измислен универзум, се надеваме дека ќе се обратат кај лекари
Заврши опседнатоста на СДС со Александар Вучиќ и соседна Србија, сега си најдоа нова опсесија. Откако со недели и недели ја труеја македонската јавност со соседната земја, до степен човек да не можел да ги разликува дали биле опозиција во Србија или пак во Македонија, сега отидоа малку по на север и се фатија со Унгарија, реагира ВМРО-ДПМНЕ на прес – конференцијата на Јон Фрчкоски од СДСМ.
„СДС на чело со Венко Филипче, очигледно, живее во некој паралелен, измислен, универзум штом со ништо друго не се занимаваат освен со теории на заговор, дека се е против нив, небаре се центар на светот. Ваквите состојби кај луѓето бараат професионален третман од стручни медицински лица, за што се надеваме дека ќе се обратат кај лекари и побрзо ќе ја надминат ситуацијата. Или пак, ваквата нивна илузија е нивен свесен чекор, за да избегаат од реалните проблеми и состојби во самата СДС, само и само да не му се загрози претседателското столче на Филипче, за што има се погласни повици да си замине од партијата, која ја имаат заробено со кланот Дубаи“, пишува во реакцијата.
Кога сме кај кланот Дубаи и Зоран Заев, додава ВМРО-ДПМНЕ, ги прашуваме СДС добри ли му беа Виктор Орбан и Унгарија за време на седумгодишното владеење кога реализираа бројни средби во Македонија и Унгарија со високи делегации, кога лично Заев изразуваше голема благодарност кон унгарската Влада за соработка и помошта која му ја даваа на нашата држава.
„Наместо да лутаат како безидејни, што и се, им препорачуваме што побрзо да си погледнат во сопствениот двор и да се зафатат со решавање на внатрешните проблеми, зошто никој на СДС и Венко Филипче не им е крив за проблемите во партија, освен тие самите кои не слушаат никого, ни членство, ни поддржувачи, туку си тераат по свое. Дополнително прашуваме, каде во свет лице фатено на дело да шмрка кокаин, дели лекции за морал?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

