Македонија
(Видео) Скопје првпат добива новогодишна населба
Новогодишна населба на плоштадот Македонија, со украсени куќички, вештачки снег, катчиња за игра и смеа и секојдневна програма што ќе биде интересна за граѓаните, градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, ја најави предновогодишната програма што ја подготвува Градот во пресрет на новогодишните и божикните празници.
„Во текот на декември, на плоштадот Македонија, првпат ќе осамне новогодишна населба, нешто што во Скопје досега го немало. Нашиот план е населбата со име Винтерленд (Зимска земја) за граѓаните да се отвори на 7 декември. Во неа ќе има куќички украсени во новогодишен амбиент и мала сцена на која секојдневно ќе се организираат настани што ќе го привлечат интересот на сите граѓани, без разлика на возраста. Ќе има и топ за создавање вештачки снег, со што ќе се дополни зимската слика. Во селото ќе има и катчиња за детски игри, како и разновидни содржини од новогодишен карактер. На средината ќе се постави голема новогодишна елка, а просторот околу елката ќе биде организиран како дел за храна и пијалаци, каде што граѓаните ќе може да седнат и да уживаат во понудата на околните куќички“, изјави Шилегов.
Градоначалникот, меѓу другото, на денешната прес-конференција најави и дека китењето на градските улици и булевари ќе почне наредната недела.
„Очекувам во Скопје да се создаде вистинска предновогодишна атмосфера. Конечно, дојде време на скопјани да им понудиме европска новогодишна прослава, нешто што досега во градот не се случувало“, додаде Шилегов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДИК: Излезноста до 15 часот изнесува 18,18 отсто
Државната изборна комисија соопшти дека до 15:00 часот, на повторените избори за градоначалник во општините Врапчиште, Гостивар, Центар Жупа и Маврово и Ростуше, гласале вкупно 23.298 гласачи, што претставува 18,18 отсто од вкупно запишаните 128.286 гласачи.
По општини:
– Врапчиште – 21,01%
– Гостивар – 17,85%
– Центар Жупа – 10,99%
– Маврово и Ростуше – 18,60%
Гласањето се спроведува на 215 избирачки места.
Македонија
(Видео) МВР: Гласањето се одвива мирно, без нарушувања на јавниот ред и мир
Локалните избори кои се одржуваат во дел од општините на подрачје на СВР Тетово, односно ОВР Гостивар и СВР Охрид се одвиваат во мирна, фер и демократска атмосфера, информира Министерството за внатрешни работи.
„МВР презема мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес. До сега не се регистрирани инциденти или било какви нарушувања на јавниот ред и мир. МВР апелира до сите граѓани и до политичките партии, да придонесат за мирна и демократска атмосфера. Доколку има било какво нарушување на изборниот процес граѓаните да пријават во најблиската полициска станица или на телефонските броеви 192 или 112“, се наведува во објавата на ФБ.
Македонија
(Видео) ДИК: До 13 часот излезноста е 8,90 отсто, едно избирачко место воопшто не е отворено
До 13:00 часот на повторените локални избори гласале 11.217 лица или 8,90 отсто, соопшти Државната изборна комисија.
По општини:
– Врапчиште – 9,58 %
– Гостивар – 8,74 %
– Маврово – Ростуше – 10,03 %
– Центар Жупа – 6,61 %
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, кажа дека гласањето на сите избирачки места се одвива непречено, освен на избирачкото место 0782 во Ќафа кое се уште не е отворено.

