Македонија
(Видео) Следното рочиште за „Поткуп“ закажано за 30 април
Премиерот Зоран Заев денеска во кривичниот суд на рочиште затворено за јавност ги слушаше телефонските разговори обезбедени со посебни истражни мерки во случајот „Поткуп“. Следното рочиште е закажано за 30 април.
„Денеска заврши уште едно судско рочиште за предметот ‘Поткуп’, денеска успеавме да ги ислушаме сите разговори што се поврзани со предметот, имаше и читање на СМС-пораките, така што таа фаза денеска завршува, следното рочиште е закажано на 30.04, кога ќе продолжиме со следните чекори во постапката“, рече Заев.
Тој додаде дека сè уште нема одлука од Апелациониот суд дали целосната снимка ќе биде објавена во јавност.
„Не знам како е постапката, сè уште нема одлука, за таа фаза чекаме одлука од Апелација. Штом ќе дознаеме каква е одлуката од Апелација по жалбата на Јавното обвинителство, веднаш ќе им соопштиме на медиумите дали ќе се презентираат и кога ќе се презентираат снимките“, рече Заев.
Тој повторно ги отфрли обвинувањата дека зел поткуп од струмичкиот бизнисмен Иван Николов.
„Прецизно во сите постапки, во сите телефонски разговори во текот на сите овие години ги ислушавме сите детали во разговорите, зборувајќи со господинот Иво Николов, зборувајќи со службениците во Општината, и се работи само за завршување на предметите. Доказ е и тоа дека одредени предмети се веќе завршени, во тој и овој период никој не побарал ниту пари, ниту што било и тоа само по себе потврдува дека се работи само за монтиран процес“, рече Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кисела Вода, Сопиште и Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00-13:00 часот дел од улицата Архитект Сотир Томовски, општина Кисела Вода;
· од 09:00-11:00 часот корисниците од село Гврлево, општина Сопиште;
· од 09:00-15:00 часот корисниците на ул. 101 во населба Волково, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Без вода денеска дел од Бутел
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно, во утринските часови повремен локален дожд, а во текот на денот кратки сончеви периоди
Времето денеска ќе биде променливо облачно, во утринските часови со повремен локален дожд, а во текот на денот со кратки сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од дожд и снег. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено во утринските часови и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во почетокот на новата седмица врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и на некои од повисоките места.

