Македонија
(Видео) Социјалдемократите и либаралите од регионот децидни дека Западен Балкан мора да се интегрира во ЕУ
Северна Македонија е домаќин на завршниот настан на регионалната академија за прогресивни политики од земјите на Западниот Балкан, „ПрогВеБ“. Меѓународната конференција, насловена „Еден Балкан кон ЕУ“ има за цел, да ги обедини социјалдемократите и либералите од Западниот Балкан во надминување на предизвиците со кои се соочува Западниот Балкан во неговата цел да се интегрира во Европската Унија.
Домаќин на конференцијата е претседателот на СДСМ, Зоран Заев, а меѓу повеќето говорници, свои обраќања имаа: претседателот на ЛДП, Горан Милевски, европратениците Тонино Пицула и Тања Фајон, претседателот на СДП Хрватска, Давор Бернардиќ, заменик претседателката на СДСМ, Радмила Шеќеринска, потпретседателката на СДСМ, Мила Царовска и претседателот на СДММ, Дарко Каевски.
Главната порака која ја испратија сите говорници е дека Северна Македонија мора силно да продолжи на својот пат кон интегрирање кон Европската Унија, заедно со Албанија, Србија, Црна Гора, Косово и Босна и Херцеговина. Европеизацијата на Западниот Балкан е процес кој треба силно да се движи напред, за доброто на сите граѓани од земјите од Западниот Балкан. Европската Унија и Балканот се тесно поврзани во својата култура и вредностите. Само обединет балкан може црвсто да гази напред кон Европската Унија и кон целосно интегрирање на регионот!
На лидерската сесија, лидерите на политичките партии од регионот се согласија дека одлуката на Европката Унија за неотпочнување на преговори за Северна Македонија и Албанија е погрешна и треба да биде исправена час поскоро. Низ интеграциите и низ позитивните промени, нашите општества добиваат многу, но најмногу добиваат нашите млади, кои повторно гледаат иднина и перспектива во своите домашни земји.
Социјалдемократските и либералните вредности, не само што ќе овозможат брза интеграција на земјите од Западниот Балкан, туку ќе донесат и многу сериозен бенефит за граѓаните на нашите земји, како сериозни работнички права, загарантирана минимална плата и силни социјални реформи. Секој човек е роден еднаков и без разлика на сите работи, секој човек заслужува еднаква можност за успех.
На маргините на конференцијата се одржаа и повеќе билатерални средби, фасцилитирани и поддржани од организаторите, политичките тинк-тенкови: Прогрес институт за социјална демократија, Фондацијата Борис Дивковиќ, Фондацијата Ќемал Стафа, Центарот за модерни вешнити и Форумот на леви иницијативи. Целта на билатералните средби беше поврзувањето и остварувањето на врски помеѓу лидерите на социјалдемократските и либералните партии од регионот, европратеници и меѓународните секретари на шведската социјалдемократска партија и либерална партија. Овие новоизградени мостови ќе ја зајакнат регионалната соработка, но и ќе обезбедат јасен пат на нашата земја кон Европската Унија.
Конференцијата „Еден Балкан кон ЕУ“ е завршниот настан на првата генерација на младинската едукативна програма „Прогресивни политики во Западниот Балкан – ПрогВеБ“, организирана од пет политички тинк-тенкови: Прогрес институт за социјална демократија, Фондацијата Борис Дивковиќ, Фондацијата Ќемал Стафа, Центарот за модерни вешнити и Форумот на леви иницијативи, поддржани од Олоф Палме меѓународниот центар и Меѓународната фондација на центристичката партија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба Мицкоски-Зеленски: Само праведен мир носи стабилност
Премиерот Христијан Мицкоски во Минхен оствари средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, со кого, како што објави, разговарале за актуелните безбедносни предизвици во Европа, за потребата од единство и солидарност, но пред сè, за праведен мир.

– Веруваме дека мирот мора да биде изграден врз правда, почитување на достоинството на народите. Само таков мир носи стабилност и сигурна иднина за Европа, напиша Мицкоски во објава на Фејсбук.

Мицкоски и Зеленски разговарале и за продлабочување на соработката, економска размена и поддршка во процесите за напредок на државите.

– Напредокот е можен кога има визија, храброст и јасна определба. Македонија ќе продолжи да биде глас на разумот, партнер на стабилноста и поддржувач на праведниот мир, порачува Мицкоски.

На вториот ден од 62-та Минхенска безбедносна конференција Мицкоски оствари средби со Ричард Гренел, специјален пратеник на претседателот на САД Доналд Трамп за специјални мисии, со холандскиот премиер Дик Схоф, со Џаред Коен, претседател за глобални прашања и ко-раководител на Глобалниот институт Голдман Сакс и со Тед Дојч од Американско-еврејскиот комитет.
Македонија
Пациенти со хемофилија со месеци без „фактор 8“, се бара одговор од МЗ
Од Левица велат дека пациентите со хемофилија повеќе од шест месеци се без неопходниот лек „фактор 8“ поради нераспишан тендер, што, според нив, ги доведува во сериозна здравствена состојба.
Пратеничката Јована Мојсоска преку социјалните мрежи се обрати до министерот за здравство Азир Алиу и директорот на Институтот за трансфузиона медицина Амир Елези, потсетувајќи дека на седница за пратенички прашања било најавено дека лекот ќе биде обезбеден.
Според неа, пациентите со хемофилија живеат во тешки услови додека го чекаат лекот, а добила и повик од лице кое подолг период е врзано за кревет поради недостиг од терапија.
Мојсоска прашува кој ќе сноси одговорност доколку настанат сериозни последици по здравјето на пациентите поради пролонгирањето на постапката.
Македонија
Трипуновски: Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци
Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци што егзистираат од земјоделство. Вака одговори денеска министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, на новинарско прашање, по закројувањето винова лоза во Кавадарци, во чест на празникот Свети Трифун, што се смета за заштитник на лозарите и винарите.

На новинарско прашање околу реакцијата дека годинава субвенции ќе добиваат лозари со над пет декари лозје, министерот одговори дека нема кратење на субвенции.
– Имаме сериозна и навремена поддршка и реформи во земјоделскиот сектор, што ќе значат сериозно зголемување на продукцијата. Она што е новина можеби во програмата за 2026 година, е, јасната распределба. Приоритет ќе добијат вистинските земјоделци, што егзистираат од тоа. Во изминатите години се воочени таканаречени ловци на субвенции, кои не обработуваат земјоделски површини, а сакаат да бидат корисници на субвенции. Ова сметам дека не е ниту фер кон вистинските земјоделци, ниту пак е законски. Затоа оваа година најавуваме дека ќе имаме сериозна контрола на терен, за парите да завршат кај вистинските лозари, земјоделци, што се многу важни за економијата и руралната средина, појасни министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во новата програма се предвидувало, минималната површина да биде 0.5 хектари, за да се биде корисник на земјоделски субвенции. Трипуновски подвлече дека земјоделството е еден од приоритетите.
Запрашан кога ќе бидат одблокирани средствата од ИПАРД програмата, тој рече дека платежната агенција со новиот менаџерски тим, работела на отстранување на сите забелешки што биле нотирани и оти се очекува многу бргу агенцијата да почне нормално да функционира. Агенцијата, посочува тој, и сега работи нормално, со тековните плаќања во делот на субвенции и во врска со ИПАРД апликации.
На новинарско прашање, тој информираше дека за оваа година, веднаш по носењето на програмата, традиционално пред овој празник, вчера биле исплатени субвенциите кон лозарите. На над 12 500 лозари, исплатени биле речиси осум милиони евра. На почеток на наредна недела, најавува исплата на субвенците и за овоштарите.
Трипуновски уверува дека навремено се исплаќаат и ќе се исплаќаат сите субвенции.
Министерот рече дека на денешниот празник ја негуваме традицијата и културата во делот на една од нашите најдобри и најголеми земјоделски култури, лозаропроизводството. Им оддаваме почит на нашите лозари кои произведуваат квалитетно грозје, а нашите винарски визби прават квалитетно вино, коешто е наш амбасадор.
– Како Влада и Министерство остануваме посветени да ја поддржуваме оваа гранка и да ја развиваме оваа битна земјоделска култура, истакна министерот за земјоделство.
Во најголемиот лозаровинарски регион во државата, посака здравје и бериќет, а трудот на земјоделците да биде вреднуван.

