Македонија
(Видео) Со трактори ќе го блокираат патот кон Бугарија кај Страцин, државата не најде решение за пресечениот локален пат
																								
												
												
											Жителите на кратовското село Страцин следната недела со трактори и автомобили ќе го блокираат патот кон Бугарија. Разочарани се што и по три недели откако јавно изразија револт, Јавното претпријатие за државни патишта не презело ништо за да им обезбеди пристап до селото откога им го пресече локалниот пат поради изградба на експресната сообраќајница Ранковце – Крива Паланка.
„Пред три недели кога се собравме и кажавме дека планираме да го блокираме патот кон Бугарија, ни рекоа дека ќе најдат решение, да не излегуваме на протест. Ние пат сè уште немаме ниту, пак, се работи на терен за да ни се овозможи пристап. Со стоката и со трактори, место по локалниот пат, сега одиме преку патот што води кон Бугарија. Следната недела ќе го блокираме и нема да може никој да помине. Денес имавме состаноци, а за викендов ни се закажани последните подготовки. Протестот ќе го пријавиме и ќе се организираме како секој ден што мораме со тракторите да излеземе на патот кон Бугарија, еден ден ќе ги оставиме паркирани на патот. Немаме друг излез“, велат жителите на Страцин, кои веќе формирале штрајкувачки одбор.
Тие бараат Јавното претпријатие за државни патишта да најде алтернатива на локалниот пат, со која ќе бидат поврзани сите куќи од селото за да може непречено да си ги завршуваат вообичаените обврски. Најавуваат дека за проблемот ќе ги известат и сите амбасади во Македонија, од кои очекуваат помош за локалниот пат повторно да им биде функционален.
Јавното претпријатие за државни патишта пред три недели извести дека на изведувачот му е даден налог веднаш да овозможи сообраќај по стариот локален пат со заобиколување на пресечените делови.
Објаснување зошто три недели на терен нема никакво поместување од Јавното претпријатие за државни патишта најавија за утре.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
																	
																															Македонија
Во Битола по 67 пат одржана традиционалната Ноќна атлетска трка
														Во рамките на одбележувањето на 4 Ноември, денот на ослободувањето на Битола, на Широк Сокак се одржа традиционалната Ноќна атлетска трка, во организација на Сојузот на спортови на Битола, со поддршка на Општина Битола.
Оваа манифестација, која се одржува по 67-ми пат е најстарата спортска манифестација во Битола. Годинава учествуаа над 700 учесници, основци, средношколци, студенти, граѓани и ветерани. Натпреварите се одвиваа во 24 категории, во машка и женска конкуренција.
Дел од наградите на најдобрите натпреварувачи им додели градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, кој истакна дека манифестацијата претставува симбол на спортскиот дух и заедништвото на битолчани.
„Горд сум што во очи денот на ослободувањето на Битола можеме да ја прославиме спортската традиција на нашиот град. Ноќната трка е симбол на упорност, младост и љубов кон Битола. На сите учесници им честитам на храброста и ентузијазмот, а на победниците им посакувам уште многу успеси,“ рече Коњановски.
Македонија
Димитриевски на првиот работен ден во новиот мандат: Најавувам над 30 инфраструктурни проекти во наредниот период
														Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски, на првиот работен ден од неговиот трет мандат изврши увид на повеќе теренски активности при што најави над 30 инфораструктурни проекти во периодот што следи.
„Почитувани сограѓани, прв работен ден по изборот, овде сме во населба Зелен рид, на улица Васко Карангелески. Улица којашто носи име на еден наш великан, вистински патриот. Сакам од овде да најавам дека во следниот период започнува реализација на повеќе од 30 инфраструктурни проекти во различни делови на градот, со акцент на централното градско подрачје, големите урбани населби и урбано-руралниот дел во градот.
Продолжуваме заедно, ви благодарам на довербата. Куманово заслужува континуитет, вчера тоа го доби, го потврди. А моја обврска е да продолжиме заедно да го градиме Куманово”, истакна Димитриевски .
Македонија
(Видео) ДИК ги соопшти првичните официјални резултати од вториот круг на локалните избори
														Државната изборна комисија попладнево ги соопшти првичните официјални резултати од вториот круг на локалните избори.
Гласањето како што информираше претседателот на ДИК, Борис Кондарко, било спроведено во 32 општини и во градот Скопје, со вкупно 1.013.357 избирачи.
„Бројот на избирачки места беше 1.777, сите избирачки места се обработени со оригинални записници, вкупниот број на избирачи кои гласале е 424.923 лица, вкупниот процент на избирачи кои гласале е 41,93 отсто“.
Вкупниот број на важечки гласачки ливчиња, како што кажа Кондарко е 404.464 гласачки ливчиња а 23.930 се неважечки.
Во десетте скопски општини гласале вкупно 474.304 избирачи, а на територијата на градот 167.575. Од нив, како што посочи претседателот на ДИК, 157.047 гласачки ливчиња биле важечки, а 10.528 неважечки.
За кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Орце Ѓорѓиевски, гласале 95.572 лица или 57,03 отсто, додека за кандидатот на Левица, Амар Мециновиќ, гласале 61.475 или 36,69 отсто од гласачите.
Кондарко посочи дека од денеска од 16:30 часот течат роковите за евентуални приговори на првичните официјални резултати. Приговорите може да се поднесат директно до ДИК во рок од 48 часа, поднесување на приговори по електронска пошта не е дозволено.
Ако до среда до истекот на рокот, не бидат поднесени приговори, за местата каде нема приговори ДИК ќе ги објави конечните резултати во четврток. Доколку има приговори, Комисијата има рок од 72 часа за одлучување, а потоа следи 24-часовен рок за поднесување тужби до Управниот суд. Управниот суд има рок од 48 часа за одлучување, што значи дека конечните резултати ќе бидат објавени најдоцна до понеделник или вторник.

