Македонија
(Видео) Спасовски: Буџетот на МВР за 2021 е развоен за континуирано реформирање на полицијата
Буџетот на Министерството за внатрешни работи за 2021 е развоен за континуирано реформирање на полицијата, изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
Тој рече дека предлог-буџетот за МВР за 2021 година е 10.455.110.000 денари и е 312.452.000 денари поголем од буџетот за 2020 година, односно е зголемен 3,08 %.
„Притоа, зголемувањето е обезбедено во ставките што означуваат реконструкција и изградба на објекти, како и во непречена реализација на континуираното обезбедување униформи за полициските службеници и лична заштитна опрема. Сето ова укажува на развојната компонента на буџетот, која е во насока на подобрување на работењето и реализирањето на сите активности што се во надлежност на министерството, како и непречено функционирање за остварување на основните стратешки приоритети и цели во согласност со стандардите на НАТО и ЕУ“, истакна министерот за внатрешни работи.
Како дел од проектите е продолжувањето на проектот за реконструкција и изградба на полициските станици, имајќи предвид дека во претходниот период беа делумно или целосно реконструирани 45 објекти на Министерството, во сите сектори за внатрешни работи, а се почна со изградба и на центарот за санирање од катастрофи и обезбедување континуитет во работењето во Прилеп, како и на градбата на новите современи форензички лаборатории.
Покрај ова, министерот Спасовски го образложи и проектот „Надградба на постојниот софтвер за идентификација“, предвиден во новиот буџет, со кој се зголемува откривачката функција на полициските служби.
„Втората основна цел, која преку овој развоен буџет сакаме да ја оствариме, а е суштински испреплетена со првата, е создавање модерна, опремена, стручна, ефикасна, но и задоволна полиција, која ќе биде блиска до граѓаните и на законит, стручен, транспарентен и одговорен начин ќе ги гарантира нивната целосна лична и имотна сигурност и ќе продолжи одлучно и неселективно да се справува со организираниот криминал и корупцијата и успешно да работи во превенција од сите облици на тероризам и други противуставни дејства“, појасни Спасовски.
Тој рече дека е направено кратење на средствата шот претставуваат непродуктивни трошоци.
„Така, не се превидени средства за купување мебел и возила, односно дел од овие средства е пренасочен за набавка на опрема во согласност со стандардите и барањата за интеграција во ЕУ и НАТО“, рече Спасовски.
По минатогодишното доброволно исплаќање 139.589.212 денари за бонус плата на 5.012 вработени за оствaрени над 150 часа прекувремена работа на годишно ниво во текот на 2019 година, министерот Спасовски најави дека со буџетот за 2021 повторно се обезбедени средства во износ од 150.000.000 денари за бонус плата за 2020 година. Покрај ова, а благодарение на остварените заштеди во годинешниот буџет, обезбедени се и средства за исплата на бонус плата во износ од речиси 78.500.000 денари за 2017/2018, чија реализација ќе се одвива во наредниот период.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДЗС со вежба го одбележа Светски ден на цивилната заштита
Со вежба за цивилна заштита и спасување во битолско викендов се одбележува 1 Март – Светски ден на цивилната заштита. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов во изјава за медиумите истакна дека овој ден е посветен на луѓето, без разлика дали се од институциите или од доброволните друштва, кои секогаш се во служба на безбедноста и заштитата на граѓаните при природни непогоди, несреќи, кризни состојби и други опасности.

По повод Светскиот ден на цивилна заштита, во соработка на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС) и Доброволно противпожарно друштво (ДПД) „Архангел“ од Битола, беше реализирана дводневна вежба во Битола и кај манастирот „Св. Ѓорѓи“ во битолското село Велушина (во предел кон границата со Грција).

– Првиот ден се реализираше презентација на улогата на ДПД во системот за заштита и спасување со разменување теортетски и практични искуства и добри искуствени практики. Вториот ден, при показната вежба – симулација на настан „Гаснење пожар на отворен простор“ се примени јасна командно-контролна структура (ICS), со однапред утврдени улоги и одговорности во насока на јакнење на меѓуинституционалната соработка и со доброволните друштва, нагласи Ангелов.
Македонија
(Видео) Филипче: Со Мицкоски, има драматичен пад на странските инвестиции за 729 милиони евра
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција изјави дека со Христијан Мицкоски на чело на Владата има драматичен пад на директните странски инвестиции од 61 отсто, односно намалување од 729 милиони евра во 2025 година во споредба со 2024 година.
„Во 2024 година има рекордна вредност на директни странски инвестиции од 1.196.000.000 евра, а сега во 2025 година само 467 милиони евра. Тоа е резултат на економската политика на оваа Влада – едноставно дебакл“, изјави Филипче, повикувајќи се на податоци од Народната банка.
Тој нагласи дека бројките значат работни места и благосостојба, посочувајќи дека во време на владите на СДСМ биле отворени 16 нови фабрики и над 10.000 работни места во технолошко-индустриските развојни зони.
Филипче тврдеше дека сега се бележи повлекување на компании и кратење на производствени линии, при што, како што рече, „илјадници работни места се под ризик“.
Тој ја обвини Владата за „тотална негрижа“, посочувајќи на, како што наведе, буџетски дефицит од близу две милијарди евра, издавање две еврообврзници во вредност од една милијарда евра и барање нови 300 милиони евра задолжување.
Филипче додаде дека СДСМ предложила зголемување на минималната плата и пренамена на буџетски средства, но дека власта го одбила предлогот. Според него, намалени се средствата за земјоделство и за пациенти со ретки болести, додека, како што рече, „има пари само за тендери блиски до врвот на ВМРО-ДПМНЕ“.
„Нема напредок, нема дури ни стагнација – има назадување на сите процеси во државата“, изјави Филипче.
Македонија
Инвеститори граделе без одобрение во Охрид и Струга, инспекторатот наложил уривање
СВР Охрид поднесе кривична пријава против К.П. (46) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“.
Според полицијата, таа како инвеститор, на катастарска парцела во охридското село Љубаништа, без правосилно одобрение за градење издадено од надлежниот сектор во општина Охрид, изградила објект за домување. Надлежен инспекторат донел решение за отстранување на градбата.
ОВР Струга, пак, поднесе кривична пријава против М.М. (58) од Струга, исто така поради сомнение за „бесправно градење“. Пријавениот, како инвеститор, без правосилно одобрение од општинскиот орган, изградил објект за домување и гаража на катастарска парцела во Струга.

