Македонија
(Видео) Спасовски до Кочовска: Дали има одлука за исплата на средства за семејствата на загинатите и повредените во Кочани
Пратеникот на СДСМ, Оливер Спасовски на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања, упати прашање до министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, кое се однесуваше на одлуката да изврши исплати на средства од Буџетот на државата на семејствата на починатите и повредените во трагедијата во Кочани и ако има таква одлука, колку средства се исплатени на семејствата на загинатите и повредените.
Тој реагираше во однос на присуството на членовите на Владата.
„Имаме обврска денес, односно тие имаат обврска да бидат присутни на седницата. Имаме известување само од двајца министри дека не можат да присуствуваат и дека ќе бидат нивните заменици. Меѓутоа, гледаме и повеќе министри коишто не се присутни, ниту има заменици, за да можеме да ги поставиме пратеничките прашања“, кажа Спасовски.
Околу прашањето за Кочани Спасовски посочи дека граѓаните покажаа сериозна солидарност.
„Беа отворени сметки на кои се уплаќаа финансиски средства од граѓаните како помош за настраданите. Тие финансиски средства, пред сè, беа на сметките кои ги имаше отворено Црвениот крст на Република Северна Македонија. Според последното соопштение, стои дека за настраданите од пожарот во Кочани се собрани досега 156.542.967 денари, и тоа заклучно со 23.05.2025 година. Во неколку наврати, Црвениот крст има извршено исплата на погодените семејства од пожарот во Кочани. Со овие средства досега е обезбедена финансиска поддршка на семејства на починати лица во вкупен износ од 52.038.593 денари, од кои: за настраданите лица кои се на лекување во странство- 44.163.258 денари; за оние кои се лекуваат во земјава: 11.247.250 денари.
Вкупно досега исплатени: 107.449.101 денари.
Преостанати средства: 46.593.866 денари – на сметката на Црвениот крст.
Притоа, во соопштението се укажува дека сега ќе се направат консултации со надлежното министерство за да се утврди, зависно од степенот на повредите, колку финансиски средства и на кои лица и семејства ќе им бидат исплатени“, нагласи пратеникот на СДСМ.
Упати прашање до министерката за финансии: „Дали досега е донесена одлука да се извршени исплати на средства од Буџетот на државата на семејствата на починатите или на повредените, и ако има таква одлука, колку средства се исплатени за оваа намена“, праша Спасовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март не доби поддршка од пратениците од власта. Предлогот денеска беше на дневен ред на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта го одбила и предлогот за јавна расправа и разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.
Македонија
ДУИ обвинува за притисок врз судството: Изјавите на Филков за куќниот притвор се директно мешање во постапката
Демократската унија за интеграција (ДУИ) изрази длабоко незадоволство поради, како што наведуваат, заканите упатени кон судии и обвинители од страна на министерот за правда Игор Филков во неговото последно јавно појавување поврзано со куќниот притвор на поранешниот вицепремиер, Артан Груби.
Од партијата оценуваат дека извршната власт нема уставно право да сугерира како треба да функционираат судските органи и дека улогата на Министерството за правда е да го штити интегритетот и независноста на судството, особено во чувствителни случаи со засилена политичка поларизација.
„Министерот за правда, наместо да го заштити судскиот систем од партиска хистерија, дополнително го поттикнува тоа, создавајќи клима на однапред донесена пресуда и јавно испраќајќи пораки што вршат притисок врз обвинителите и судиите“, наведуваат од ДУИ.
Според нив, ваквите изјави претставуваат директно мешање во тековна постапка и сериозен удар врз правосудниот систем, со што се загрозува интегритетот на постапката и принципот на поделба на власта.
ДУИ го повикува министерот да се воздржи од понатамошно јавно мешање, а Министерството за правда, како што велат, преку јасна и одговорна комуникација да ја гарантира независноста на судството. Во спротивно, сметаат дека министерот треба да биде разрешен.
Партијата најавува дека ќе продолжи да го следи секое дејствие што, според нив, создава клима на линч и ќе ги информира своите стратешки партнери – САД, Европската Унија и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Реакцијата на ДУИ следува по прес-конференцијата на министерот за правда Игор Филков, кој побара отчетност и детално образложение за одлуката за замена на мерката притвор со куќен притвор во случајот со Груби, кој е под истрага за криминал вреден 8 милиони евра во Државна лотарија.
Филков посочи дека станува збор за лице кое 14 месеци било во бегство, за кое претходно бил утврден ризик од бегство, и јавно ги повика судскиот и обвинителскиот совет да утврдат дали има одговорност кај судијата и јавниот обвинител за одлуката за куќен притвор.

