Македонија
(Видео) Спасовски: Има подобрување на безбедноста, тоа го кажуваат и граѓаните
Безбедносната состојба во Валандово е стабилна и поволна, како впрочем и на целата територија на државата. Имаме подобрување на безбедноста, а тоа го кажуваат и граѓаните, рече министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, по денешната посета на полициската станица Валандово, повикувајќи се на последната анкета на ОБСЕ според којa 75 отсто од граѓаните се изјасниле дека се чувствуваат безбедни.
Во полициската станица Валандово министерот разговараше со раководството, но и вработените за прашања што ја засегаат работата и делокругот на задачи на полициската станица, а тема на разговор биле и условите за работа на полициските службеници.
„Во изминативе година и половина јас и актуелното раководство на министерството презедовме низа конкретни активности за подобрување на статусот, на материјално-техничките и инфраструктурни услови за работа на полициските службеници. Подобрувањето на статусот и условите на работа, сфатени и како загарантирани права на полициските службеници се наш заеднички интерес, оти логиката е едноставна – само задоволен полициски службеник е ефикасен и професионален полициски службеник“, рече Спасовски.
Министерот кажа дека за набавка на нови униформи предвидени се нови, околу 200 милиони денари, а предвидено е и зголемување на платите за пет проценти.

Посочи оти за 2019 година предвидени се 70 милиони денари и за реновирање на полициските станици, а меѓу предвидените објекти за реконструкција е и полициската станица во Валандово.
На средбата со градоначалникот на Валандово, Перо Костадинов, беше констатирано дека соработката меѓу полицијата и локалната самоуправа во Валандово е одлична, но се разговараше и за сегменти каде таа може да биде уште подобра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муртезани со корејскиот амбасадор Донгбае – Зајакнување на билатералната соработка и поддршката во развојни проекти
Министерот за европски прашања и национален координатор за странска помош, Орхан Муртезани, денеска оствари средба со нерезидентниот амбасадор на Република Кореја, со седиште во Софија, Ким Донгбае, на која се разговараше за унапредување на билатералната соработка, со посебен акцент на развојната помош, економските односи и можностите за идни заеднички проекти во области од заемен интерес. Муртезани изрази искрена благодарност за континуираната поддршка на Владата и народот на Република Кореја, особено за грант-помошта во вредност од околу 440 илјади американски долари за набавка на осум електрични возила и осум полначки станици за потребите на здравствените инспекторати.
Министерот нагласи дека Министерството за европски прашања, како институција надлежна за координација на процесот на европска интеграција, има клучна улога и во хоризонталната координација на странската помош во земјата, вклучувајќи ја и поддршката од Европската Унија и другите билатерални партнери. Во таа насока, беше изразена благодарност за минатогодишната грант-донација на Република Кореја која овозможи значајно подобрување на ИТ инфраструктурата во МЕП.
Муртезани ја истакна и успешната соработка меѓу царинските управи на двете земји, реализирана преку заеднички проекти за поддршка на малите и средни претпријатија и развој на е-трговијата, во вредност од околу 700 илјади долари, како и втората фаза на проектот, во износ од околу пет милиони евра, насочена кон унапредување на системите за управување со податоци и ризици. Муртезани и Донгбае ја потврдија подготвеноста за продлабочување на соработката во приоритетни области како дигитализацијата, сајбер безбедноста, здравствените услуги, јавната администрација, зелената агенда и енергетската транзиција.
Тој го информираше амбасадорот Ким за тековниот напредок на Северна Македонија во процесот на пристапување кон Европската Унија и ја потенцираше важноста од поддршката на пријателските земји, како Република Кореја, во остварувањето на стратешките цели на државата.
Македонија
Стаменкоска Трајкоска на средба со делегација од Стопанската комора на Македонија-Турција
Денес, градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, оствари работна средба со делегација од Стопанската комора на Македонија-Турција (МАТТО). На овој работен состанок, таа ги запозна гостите со развојните потенцијали на општината, тековните активности за унапредување на деловната клима и стратешките насоки кои ја позиционираат Кисела Вода како сè поатрактивна средина за инвестирање.
Средбата помина во конструктивна атмосфера, во која двете страни разменија идеи за продлабочување на економската соработка меѓу локалната самоуправа и деловниот сектор. Разговорите беа насочени кон иницијативи за унапредување на приватниот сектор, реализација на проекти од областа на заштитата на животната средина, развој на лесната индустрија и создавање одржливи услови за економски раст.
Претставниците на МАТТО ја потврдија својата подготвеност за понатамошно институционално партнерство и заедничко создавање можности што ќе придонесат за унапредување на локалната економија и долгорочен развој на Општина Кисела Вода.
Македонија
Бензините поскапуваат, дизелот поевтинува
Од ноќеска на полниќ, цената на бензините ќе се намали за половина денар, додека дизелот ќе поевтини за половина денар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 25.11.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 75,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 77,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 73,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,865 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се намалуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,756 ден/кг и сега ќе изнесува 34,865 ден/кг.

