Македонија
(Видео) Спасовски: И Арачиново добива градинка, продолжуваме со капитални проекти
Во Арачиново, покажавме дека е можен и соживот и грижа за сите и денес најавувам уште повеќе инвестиции за рамномерен регионален развој и со тоа и нови работни места и повисоки плати и пензии за сите, во брзата трансформација на економијата што следува, изјави Оливер Спасовски, носител на изборна единица 2 од СДСМ.
„Арачиново за прв пат добива градинка, ќе ја добие првата градинка, за којашто заокружувањето на проектната документација е во завршна фаза. Општина – голема како Арачиново години и децении била оставена без детска градинка“, кажа тој.
Спасовски рече дека СДСМ за само три години инвестирале во градба и реконструкција на 44 градинки и определни се нови 15 милиони евра за заокружување на 70 новоизградени објекти за градинки.
„Градиме и канализационен систем долг над 10 километри (10.1) во Арачиново, што е во тек и инвестираме 106 милиони денари. За изградба и реконструкција на водоводна и канализациона мрежа, само во општините во ИЕ 2 вложивме 814 милиони 441 илјада 489 денари. Интензивно работиме на локалната инфраструктура во целата држава и сме во фаза на отпочната изградба на дополнителни 500 километри водоводи и канализации. Ниту еден капитален проект не дозволивме да запре за време на здравстено-економската криза и продолжуваме и уште повеќе и уште подобро, со цел 34.000 денари просечна плата и 20.000 денари минимална плата во следниот мандат, повисоки пензии и нови работни места“, рече Спасовски.
Тој кажа дека СДСМ ги насочува парите кон граѓаните и се грижат за сите на дело.
„Режимот на Груевски обновен во Мицкоски знае само за поделби и насочува пари само во сопствени џебови. Затоа на овие избори ќе ја оставиме ВМРО-ДПМНЕ во опозиција, прво самите себе да се обноват. И на овие избори, на ВМРО-ДПМНЕ во опозиција ќе им се придружи и ДУИ, бидејки по 17 години власт немаат што да им кажат на граѓаните и затоа излегуваат со обновен национализам. Режимот и национализмот ги оставивме во мрачните времиња на минатото – тие се опасност, а ние продолжуваме заедно, во сигурна иднина, по правиот пат бидејки Можеме, бидејки покажавме дека можеме а во наредниот период можеме уште повеќе и уште подобро“, кажа Спасовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Проданоски и Андоновски од Прилеп: Безбедниот интернет е заедничка одговорност
Во Прилеп денеска беше одбележан Меѓународниот ден на побезбеден интернет – 11 февруари, со јасна порака дека дигиталната безбедност на децата и младите мора да биде врвен приоритет. Настанот се одржа во ООУ „Кире Гаврилоски – Јане“, во присуство на градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски и министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.
Активноста беше реализирана во рамки на проектот MKSafeNet – Центар за побезбеден интернет на Македонија, преку кој на учениците, родителите и наставниците им се приближуваат конкретни алатки и насоки за безбедно користење на интернетот. Фокусот е ставен на превенција, родителска контрола и создавање сигурна дигитална средина.
Настанот имаше едукативна и интерактивна содржина, со што учениците на разбирлив и прилагоден начин учеа како да препознаваат ризици во онлајн просторот и како одговорно да ги користат дигиталните содржини. Преку разговори и практични примери беше нагласено дека интернетот може да биде простор за знаење, креативност и развој, но само доколку се користи внимателно и со поддршка од возрасните.
„Безбедниот интернет не е избор, туку обврска на сите нас – институциите, училиштата, родителите и младите. Само со заеднички пристап можеме да создадеме сигурна дигитална средина“, беше пораката упатена од настанот.
Од Општина Прилеп истакнаа дека соработката со Министерството за дигитална трансформација продолжува и во наредниот период, со цел унапредување на услугите и зајакнување на дигиталната писменост кај најмладите
Македонија
До крајот на денот претежно облачно, утре со повремен локален дожд во утринските часови, преку денот со сончеви периоди
Времето до крајот на денот ќе биде претежно облачно. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има повремени локални врнежи од дожд, а на планините на северозапад врнежи од снег. Ќе дува слаб до умерен, а наместа во источните делови и долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Утре ќе биде променливо облачно, во утринските часови со повремен локален дожд, а во текот на денот со кратки сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од дожд и снег. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 14 степени.
Во Скопје, ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено во утринските часови и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Во наредните денови продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во почетокот на новата седмица врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и на некои од повисоките места.
Македонија
Сали – Памер: Австрија останува силен поддржувач на европската перспектива на Северна Македонија
Министерот за европски прашања и прв заменик-претседател на Владата, Беким Сали, оствари работна средба со амбасадорот на Република Австрија, Мартин Памер, на која беа разгледани тековните реформски процеси и соработката со австриските партнери.
Во разговорот беше нагласено значењето на континуираната поддршка од Австрија за европската интеграција на Северна Македонија, како и усогласеноста на австриската развојна соработка со националните реформски приоритети.
Сали информираше за тековните активности поврзани со спроведувањето на Реформската агенда и подготовките за отворање на преговарачките кластери, со посебен акцент на владеењето на правото, реформата на јавната администрација и подобрувањето на институционалните капацитети.
Соговорниците разговараа и за можностите за понатамошна соработка преку европските инструменти, особено во области поврзани со доброто владеење, животната средина и јакнењето на административните структури.
На средбата беше изразена заедничка подготвеност за продлабочување на партнерството и за подобра координација на развојната помош во насока на поддршка на реформските процеси и европската интеграција на државата.

