Македонија
(Видео) Спасовски и Лаанеметс од Талин: Заедно да ја направиме Европа побезбедна за нашите граѓани
Денеска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски предводи делегација од МВР во работна посета на Талин, Естонија, каде што оствари билатерална средба со својот естонски колега, министерот за внатрешни работи на Естонија, Лаури Лаанеметс.
Истакнувајќи годинава Република Северна Македонија одбележа 28 години од започнувањето на дипломатски односи со Република Естонија, Спасовски на средбата ги оцени политичките односи меѓу двете земји како пријателски, со интерес за унапредување на соработката.
„Република Естонија, како поддржувач на политиките на отворени врати во НАТО и проширувањето на Европската Унија, во многу наврати ја потврди поддршката за Република Северна Македонија во евроинтегративните процеси, на 12 јуни 2019 година, естонското Собрание го ратификуваше Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО, додека истиот беше одобрен од Претседателот на Република Естонија на 17 јуни 2019 година за што искрено и во оваа прилика ви се заблагодаруваме за безрезервната поддршка. Соработката помеѓу двете министерствата за внатрешни работи е на високо професионално ниво но без посебни специфичност, за што ценам дека е неопходно формализирање на полициската соработка”, рече министерот Спасовски. Притоа, тој го предаде изготвениот предлог текст на Договорот меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Естонија за соработка во борбата против криминалот.
Спасовски појасни дека текстот на Договорот е во фаза на собирање на мислења од надворешни институции по што ќе следи владина постапка за усогласување и преговарање на меѓународен договор и негово формално доставување по дипломатски пат.
„Договорот има за цел понатамошно развивање и продлабочување на билатералните односи, справување со заедничките предизвици во борбата против меѓународниот тероризам и справување со опасноста од проширување на нелегалното пуштање во употреба на опојни дроги, психотропни супстанци и прекурсори, како и ширење на други форми на меѓународен криминал кои ги загрозуваат безбедноста и другите суштествени интереси на двете држави, а воедно и координирање на меѓусебните активности во борбата против организираниот меѓународен криминал и илегалната миграција.
Двајцата соговорници разговараа на повеќе теми меѓу кои справувањето со сајбер криминалот и сузбивањето на илегалната миграција, при што во поглед на справувањето со сајбер криминалот, Спасовски го информираше колегата Лаанеметс дека Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија покажа исклучителна спремност во справувањето со овој вид на закани, при што се формираше меѓу секторска криминалистичка обработка помеѓу Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал , Секторот за компјутерски криминал и Секторот за меѓународна полициска соработка, со цел успешно справување, размена на информации, обезбедување на електронски докази, размена на информации преку меѓународните канали (Интерпол, Европол), контакт со меѓународни Интернет Сервис провајдери, VPN сервиси и др. Во делот на илегалната миграција, Спасовски потенцираше дека Северна Македонија како дел од рутата која мигрантите ја користат изминатите години, успешно се справува со целокупната ситуација.
Естонскиот министер Лаанеметс истакна дека особено се радува што денеска е домаќин на делегацијата од МВР на Република Северна Македонија предводена од министерот Спасовски,изразувајќи благодарност за можноста двајцата министри да поразговараат на теми од значење за полициската работа особено искажувајќи интерес и споделување на искуството на Република Северна Македонија во делот со справувањето со миграциската криза и миграцијата воопшто и компјутерскиот криминал.
„Подготвени сме да го споделиме нашето искуство и знаење со вас и сметам дека предлогот за потпишување на Договорот помеѓу нашите две Влади во делот на полициската соработка што денеска ни го предложивте со внимание и детално ќе биде разгледан од наша страна и ќе бидете известени за следните чекори кои заеднички ќе ги реализираме“.
Спасовски изрази благодарност до колегата Лаанеметс за укажаната чест за средба за размена на искуства и мислења за продлабочување на меѓународната соработка, со уверување дека оваа заедничка средба, иако прва ќе биде почеток на плодна полициска и стратешка соработка помеѓу Министерствата за внатрешни работи на двете земји.
Двајцата министри на крајот од средбата се согласија дека формализирањето на еден ваков договор за полициска соработка ќе претставува чекор напред во оперативната соработка што ќе отвори нови можности и идеи за размена на искуства на нашите полициски служби.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нова услуга на ЈСП: Онлајн надополнување на картичката
ЈСП воведува нова услуга – онлајн надополнување на картичките за возење.
„Од сега можете онлајн да ја надополните вашата картичка со билети и/или износ (средства) директно преку нашата официјална веб страна skopjebus.mk — без чекање, без редици и без одење до продажно место. Сè што ви треба е телефон или компјутер и неколку минути. Надополнувањето се прави од далечина, брзо и кога вам ви одговара, од удобноста на вашиот дом“, велат од ЈСП.
Од таму додаваат дека со новата услуга се добива онлајн надополнување со билети и/или средства, брза постапка во неколку едноставни чекори, нема редици и нема потреба од физичко присуство, достапно од телефон или компјутер.
Како да надополните картичка?
* Влезете на skopjebus.mk
* Изберете „Надополни картичка“
* Внесете ги потребните податоци за
картичката
* Одберете дали сакате билети или износ
(средства)
* Потврдете и завршете ја постапката
Пробајте ја новата функционалност тука: https://skopjebus.mk/mk/app/cards/load
Македонија
Утре променливо облачно време, попладне дожд
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има услови за повремен локален дожд, информира УХМР.
Претпладне тивко, а попладне ќе дува слаб до умерен ветер во западните делови од западен, а во источните и долж Повардарието умерен повремено засилен ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 3, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, ончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, освен утре кон крајот на денот кога ќе има услови за слаб локален дожд.
До петок ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северозападен правец кој ќе биде поизразен долж Повардарието.
Од петок ветерот ќе го смени правецот во југоисточен. За време на викендот облачноста ќе се зголеми.
Македонија
Утре прекинато водоснабдување во делови од неколку скопски општини
Од ЈП Водовод и Канализација известуваaт дека утре ( вторник ) се планирани неколку интервенции и тоа:
· поради изведување на водоводен приклучок на ул.Борис Трајковски 212, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица (место викано Каменик). Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.(општина Кисела Вода)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-150 мм на ул.Варшавска 4, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Варшавска и дел од бул.8-ми Септември. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности.(општина Карпош)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на ул.Боца Иванова бб(за АБЦ Комерц),
прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Боца Иванова,Томе Пуре, Душко Поповиќ, Александар Бујнов, Бетовенова и дел од Петар Манџуков. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности.(општина Бутел)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-80 мм на ул.20 –ти Октомври 44 прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.(општина Центар)

