Македонија
(Видео) Спасовски и Филипче во посета на Табановце: Се почитуваат насоките и препораките за коронавирусот
Комплетно се почитуваат насоките и препораките за справување со коронавирусот – состојбата на будност и подготвеност ќе трае и понатаму, заклучи претседателот на Владата, Оливер Спасовски, кој заедно со министерот за здравство, Венко Филипче, и заменик-министерот за здравство, Арменд Арслани, денеска го посети граничниот премин Табановце, со цел проверка на системот за превенција од коронавирусот на граничниот премин.
Спасовски посочи дека се почитуваат сите насоки дадени од Кризниот штаб за контрола на секој патник што влегува на територијата на Република Северна Македонија.
„Обезбедени се посебни соби за изолација на сите гранични премини, каде што фреквенцијата е поголема. Сакам да им се заблагодарам на сите институции и организации што ги почитуваат апелот и препораката од Владата за неорганизирање поголеми собири и со тоа се намалува и ризикот од пренесување на вирусот. Уште еднаш апелирам да се почитуваат препораките од епидемиолозите, Центрите за јавно здравје и Кризниот штаб бидејќи сите заедно низ еден систем, кој одлично функционира, можеме максимално да бидеме заштитени. Се разбира дека оваа состојба на будност и на подготвеност ќе трае и понатаму“, рече претседателот на Владата, Спасовски.
Министерот за здравство, Венко Филипче, исто така истакна дека координацијата е одлична и им се заблагодари на припадниците на Министерството за внатрешни работи, кои одлично се справуваат со оваа ситуација.
„Целосно се почитува алгоритамот за справување со вакви случаи, тоа значи дека се прашува секој патник од каде доаѓа и доколку доаѓа од ризичните региони, се прави дополнително интервју дали бил во контакт со заболени лица, дали евентуално патникот има симптоми и доколку има, се упатува во посебна изолирана соба, се прави контакт со епидемиолозите од Центарот за јавно здравје, кои потоа, по потреба, постапуваат според алгоритамот. Сметам дека ова е одлична координација, продолжуваме и со едукативни часови, кои се одвиваат овде во зградата на полицијата, од доктори од Центарот за јавно здравје и Институтот за јавно здравје во Скопје, со цел да се надградат знаењата на полицајците и цариниците во оваа сфера“, посочи министерот Филипче.
Тој информира дека првата и единствена пациентка со констатирана заразеност хоспитализирана на Клиниката за инфективни болести веќе неколку дена е без температура и полека влегува во постабилна фаза од болеста. Исто така, нема нови пациенти што во овој момент се тестираат на коронавирусот.
„Новина е што во текот на вчерашниот ден стигнаа контролните резултати од лабораторијата во Германија, со која соработуваме, кои ги потврдија сите наши тестови, сите негативни и позитивниот на пациентката, што е обврска како супервизија на работата на нашата лабораторија во рамките на Институтот за јавно здравје. Воедно, набавката на дополнителна заштитна опрема е во тек. Во текот на вчерашниот ден го потпишавме договорот за дезинфекциските средства и тие веќе од утре ќе бидат дистрибуирани со помош на локалната самоуправа во основните училишта, каде што за тоа има потреба“, посочи министерот Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почна седницата на Советот за безбедност во Вила Водно
Почна седницата на Советот за безбедност што ја закажа претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на која на дневен ред е безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова, а на седницата присуствуваат членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Начинот на работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија, начинот на остварување на правата и исполнувањето на должностите на членовите на Советот, свикување и одржување на седниците, спроведувањето на заземените ставови, поведените иницијативи и дадените мислења и предлози, информирањето за својата работа, како и други прашања во врска со организирањето и начинот на работа на Советот, се определени со Деловник за работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија.
Седниците на Советот се затворени. Во одредени случаи седниците можат да бидат и јавни за што одлучува претседателот на Советот.
Македонија
Муцунски разговарал со шеикот Бин Зајед и дал целосната поддршка кон Обединетите Арапски Емирати
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски денеска телефонски се слушнал со заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан.
Муцунски ја истакнал целосната поддршка кон Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и изразил сочувство за жртвите од нападите.
„Министерот остро ги осуди нападите извршени од Иран врз Обединетите Арапски Емирати, оценувајќи ги како сериозна повреда на принципите на меѓународното право, вклучително и почитувањето на државниот суверенитет и територијалниот интегритет. Тој нагласи дека во услови на зголемени регионални тензии, неопходни се воздржаност, одговорност и дипломатски ангажман, со цел спречување понатамошна ескалација и зачувување на стабилноста и мирот во регионот“, се вели во соопштението на МНР.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ до Филипче: Ако Македонија е како Иран, дали Заев е ајатолахот?
ВМРО-ДПМНЕ реагира на денешната изјава на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој Македонија ја спореди со Иран и Венецуела.
По ваквата изјава од владејачката партија велат дека СДСМ е потоната во свој микро свет, во кој сите се лоши, а само тие се добри.
„Кој мисли дека му верува на Филипче кога кажува дека Македонија е како Иран? Ако Филипче вели Македонија е како Иран, дали со оглед на тоа што СДС беше на власт 7 години, а во влада скоро 9 со техничката, ова значи дека Заев е Ајатолахот, а Филипче неговиот прв проповедник?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
На новинарско прашање во врска со отворената поддршка на Македонија кон САД за нападите кон Иран, лидерот на опозицијата кажа оти Соединетите Американски Држави, како наш стратешки партнер треба да знаат дека во нашата земја има власт со многу слични карактеристики на тие авторитарни режими со кои тие се справуваат.
Елаборирајќи го својот став, тој ги повтори критиките дека Владата на чело со ВМРО-ДПМНЕ ја турка земјата кон изолација, дека преку вицепремиер во извршната власт има контакти со рускиот претседател Владимир Путин, како и дека целосно го партизира правосудството.
„Имаме власт и премиер којшто ја бутка земјата во изолација, притоа знаејќи дека во стратешки интерес на Соединетите Американски Држави е интергацијата во ЕУ и на нашата земја и на целиот регион“, рече Филипче.

