Македонија
(Видео) Спасовски на Пониква ги посети кандидатите за полициски специјалци
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски и дел од раководството на МВР денеска го посетија зимскиот рекреативен центар „Пониква“ во Кочани, каде што се наоѓаат полициските службеници кои беа селектирани за прием во Единицата за специјални задачи.
Како што информираат од МВР, тие во моментов ја реализираат селективната обука и ги презентирале стекнатите професионални знаења.

„Да се биде припадник на ваква елитна единица не е едноставна работа, овие луѓе се најдобри меѓу најдобрите. Зад нив стојат поминати месеци и години напорен тренинг, исклучителна ментална и физичка подготовка и искуство од многубројни извршени сложени безбедносни задачи. Ми претставува особено задоволство што денеска со дел од моите соработници сме меѓу вас, да ви честитам за успешното спроведување на селективната обука и да ви посакам многу успех во новите предизвици што професионално се поставуваат пред вас како припадници на оваа наша респектабилна полициска единица – Единицата за специјални задачи“, рече министерот во своето обраќање.
Спасовски потенцираше дека припадниците на ЕСЗ во секој момент стојат подготвени за најтешките и најопасни полициски задачи.

„Тимската работа и професионалноста се главни одлики на Специјалната единица, затоа со право може да се гордееме со припадниците на оваа елитна единица на Министерството за внатрешни работи. Јас и моите соработници, свесни за важноста и улогата на припадниците на оваа единица , правиме се во рамки на законските и финансиски можности да ви овозможиме што е можно поквалитетни услови за работа. На вас, останува – своето знаење, вештини, професионална етичност и интегритет да ги вложите во името на законите – со цел заедно да изградиме полиција со која што ќе се гордеат граѓаните. Уште еднаш ви честитам и ви посакувам успех“, рече министерот.


©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Следува период на стабилно време, дневната температура ќе биде во пораст
Времето денеска ќе биде сончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до 2, а максималната ќе достигне од 9 до 15 степени.
Во Скопје, сончево со умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до -2, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на стабилно време, освен во вторник кога кон крајот на денот претежно во североисточните делови ќе има услови за повремен локален дожд. Утрата ќе бидат постудени, а дневната температура ќе биде во пораст.
Македонија
(Видео) Кузеска: Кој е Душан Адамовиќ и зошто е избран за почесен Конзул на Македонија?
„Пред околу еден месец, српското МНР соопшти дека му ја предале егзекватурата на почесниот конзул на Република Северна Македонија во Република Србија: Душан Адамовиќ. Седиштето на Конзулатот на Република Северна Македонија е во Панчево. Кој е Душан Адамовиќ и зошто токму тој е избран за почесен конзул?“, кажа денеска на прес-конференција, Богданка Кузеска – портпаролка на СДСМ.
„На платформата X може да се најдат стари објави на Адамовиќ кој вели дека, цитирам „Српска Македонија“ била окупирана. Ова е скандал сам по себе, но одиме понатаму. Адамовиќ е висок функционер на СНС сестринската партија на ВМРО-ОКГ, и близок со Александар Вучиќ. Бил член на Извршниот одбор на СНС, кородинатор за Срем и координатор за Јужен Банат. Во медиумите во Србија има скандалозни информации за бројни афери кои се поврзуваат со него. Во 2019 години поранешниот министер за внатрешни работи на Србија, Зоран Живковиќ јавно ќе објави дека Душан Адамовиќ е дел од група која се занимавала со трговија со оружје. Вести.рс пренесува дека во 2008 г. на само 24 години бил застрелан во нога затоа што должел пари. Преживеал напад со бомба во 2006 година. Бил уапсен и за други кривични дела. Бројни афери со криминални позадини се поврзуваат. Сега прашањето е како покрај толку угледни бизнисмени, личност со вакво криминално минато, со која се поврзуваат бројни афери во Србија е избран за конзул? Го провериле ли македонските безбедносни служби или Мицкоски лично лобирал за него? Овој скандал отвора сериозен сомнеж. Го повикуваме премиерот Мицкоски да излезе и да одговори: Како од толку угледни бизнисмени во Србија владата го избрала Адамовиќ за почесен конзул на Македонија? Каква е врската на Адамовиќ со Мицкоски?“, истакна Кузеска.
ВМРО-ДПМНЕ испрати реакција на прес-конференцијата.
„Предлогот за конзул на Душан Адамовиќ доаѓа од амбасадорот на Македонија во Белград именуван уште од времето на владата на СДС и ДУИ. Партијата на Башановиќ, СДС треба да разбере дека функцонира во Македонија и е опозиција во Македонија. Не сакаме да се вмрежуваме во дневно политичките настани во соседна Србија иако желбата на СДС е огромна за тоа. Споменатото лице ги исполнува сите критериуми потребни за негово поставување за конзул“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Заев и СДС беа главниот кадија во државата, тие судеа, тие пресудуваа, тие разрешуваа
„Во времето на Зоран Заев и СДС, Македонија беше држава на еден човек. Заев беше и обвинител и судија и главен кадија. Одлучуваше кој ќе биде гонет и кој ќе седи на судиската клупа“, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Судиите и обвинителите не се бираа по закон и интегритет, туку по послушност. Доколку ги следевте насоките на Зоран Заев, останувавте на функција. Доколку покажевте непослушност, веќе следниот ден бевте разрешени. Судските случаи се кроеја по политичка мерка. Наместо правда, имавме политички пресметки, а наместо владеење на право, имавме владеење на страв“, истакна тој.
Членови на ВМРО-ДПМНЕ, вели Манасиевски, беа предмет на политички прогон, а притисокот не застануваше само на нив, се одеше и кон нивните семејства.
„Тоа не беше борба за правда, туку демонстрација на сила. Случајот со Мерцедесот и Гордана Јанкуловска е само еден од симболите на тој систем. Поранешниот врховен судија Катевеновски јавно посочи дека таа немала никакво сторено кривично дело. Кога предметот стигнал до него, на рочиште зад затворени врати јасно кажал дека нема да даде позитивно мислење за притвор и дека одлуката ќе ја координира заедно со неговите колеги. Но, разговорот со колегите никогаш не се случил. Утредента, на седница на Судски совет, која била свикана по насока на тогашната власт, судијата Катевеновски бил разрешен. Разрешен бил поради тоа што не постапил по политичка директива. Тоа е вистинското лице на Зоран Заев и на СДС. Ветуваа вистина и правда, а испорачаа селективност, криминал и корупција. Оние кои зборуваа за независно судство, создадоа зависно правосудство“, рече тој.
Според Манасиевски, денес, клопчето се одмотува.
„Сведоштвата стануваат сè погласни. Индициите и сомнежите за директна поврзаност помеѓу СДС, Заев и одредени одлуки во правосудството не смеат да останат без одговор. ЈО има обврска да постапи. Затоа што вистината, колку и да се прикривала, секогаш излегува на површина“, заклучи Манасиевски.

