Македонија
(Видео) Спасовски на работилница за планирање и управување со интегритет
„Секоја реформа има своја цел. Но, ниту една реформа не може да стигне до посакуваната цел доколку не се потпира на суштинските претпоставки за нејзино реално спроведување и операционализирање. Во центарот, пак, на тие претпоставки секогаш се наоѓа човечкиот фактор или човечкиот ресурс – оние што треба да ги реализираат зададените задачи, оние заради коишто воопшто и постојат самите реформи“. Ова, меѓу другото, го истакна министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во своето денешно обраќање по повод започнувањето со работа на дводневната работилница за планирање и управување со интегритет, а во рамки на Програмата за градење полициски интегритет што се спроведува во заедничка соработка на Женевскиот центар за демократска контрола на вооружените сили и Министерството за внатрешни работи.
Притоа, Спасовски потенцираше дека без постоењето или градењето на личниот и професионален интегритет се губи смислата, односно есенцијата на каков и да е општествен зафат – неговата кредибилност и веродостојност.
„Може да имате беспрекорни идеи, проекти, концепти, процедури, но што од сето тоа доколку уште во самата основа сме пропуштиле да инвестираме во луѓето, и не само во нивната спобоност, стручност или експертиза туку и во нивното професионално поводение, сфаќање, во нивниот етички и вредносен светоглед!?“, рече Спасовски.
Според Спасовски, сосема е разбирливо зошто во изминатиот период во рамки на Министерството за внатрешни работи беше одлучено да се реафирмираат заложбите за креирање квалитетна база на нови стандарди и вредности што ќе бидат во функција токму на воспоставувањето повисоко ниво на професионален интегритет на сите вработени во Министерството.
„Интегритет што од една страна ќе ги гарантира поголемата ефикасност и доселедната законитост во работењето, а од друга страна ќе го почитува достоинството и професионалните квалитети на нашите вработени“, истакна Спасовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Дали ОЈО се злоупотребува за изборната кампања исто како и хајката против Каевски набргу ќе стане јасно“, вели СДСМ
„После денешната прес конференција на ДПМНЕ прашањето е дали Белата палата води истраги вклучително и споменатата? СДСМ нема да навлегува во мотивите на ОЈО, секако дека секој што го прекршил законот треба да одговара, но, доколку се утврди дека нема прекршување на законот очекуваме исто така одговорност“, вели СДСМ.
„Постои сомнеж дека ова е можеби и злоупотреба за избораната кампања. Вештачењето е од 25.04.2024 година, само еден ден после првиот круг од претседателските избори, а предлогот е доставен за 3 работни дена потоа.
Дали ОЈО се злоупотребува за изборната кампања исто како и хајката против Каевски набргу ќе стане јасно“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Македонија
Арсовски од ЗНАМ: Ќе го департизираме секторот безбедност и ќе го решиме статусот на професионалните војници
Носителот на кандидатската листа за пратеници за ИЕ 3 од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Павле Арсоски денеска одржа прес конференција на која зборуваше за мерките од нивната програма за паралментарните избори, „Проглас за достоинствена Македонија“, а кои се однесуваат на безбедносните и разузнувачки служби.
Арсоски нагласи дека ЗНАМ е политичка опција која во изминативе месеци ја бранува јавноста, го предизвикува интересот и раѓа нова надеж кај граѓаните на Македонија.
„Тоа се потврди и со бројот на гласови кои ги доби нашиот кандидат за претседател, Максим Димитриевски во првиот круг од претседателските избори. Всушност, над 83 илјади граѓани кои се одважија да ни ја дадат довербата се доказ дека сме на прав пат,тие се наш ветер во грб и им благодариме на сите. Нема да ги изневериме“, рече тој.
Арсоски додаде дека од ЗНАМ се цврсто решени да направат вонредни напори за стабилизиација на државата, за развој на економијата, запирање на иселувањето на младите. Но пред се, цврсто се решени да покажат поинаков начин на практикување на власт, на вистинска служба на народот, да работат посветено и одговорно, чесно и домаќински.
„Со работа, ред и поредок да ја вратиме вербата на граѓаните во институциите на системот, да ја вратиме надежта во подобар живот и подобра иднина на генерациите што доаѓаат. Да го вратиме вистинскиот патриотизам и љубов кон татковината“.
Арсоски рече дека му е чест како на генерал во пензија со големо искуство и како носител на листата во ИЕ-3, да се задржи на безбедносните и разузнувачки служби, како дел од програмата „Проглас за достоинствена Македонија“. Ова, како што рече тој, поради тоа што нема просперитет на една нација и држава, нема инвестиции и економски развој без мир и стабилност и продолжи: „Во „Прогласот за достоинствена Македонија“ јасно ги посочуваме аномалиите во безбедносниот и одбранбен сектор и ги наведуваме нашите решенија за истите. Ние од ЗНАМ имаме намера да воведеме целосна професионализација и департизација на сите безбедносни, разузнувачки и контраразузнувачки служби и нивно фокусирање исклучиво на мисиите и задачите за кои се формирани, во служба на безбедноста и стабилноста на државата. Недозволиво е униформата и струката да се исклучат од одлучувањето за кариерен развој на војниците и полицајите, за нивното вработување, школување и усовршување, за учество во операции надвор од државата и секакво друго одлучување од делот на службата, а сето тоа наместо нив да го преземат партиските носители на политички функции“.
Тој додаде дека во Програмата се предвидени мерки за подобрување на условите за работа и стандардот на вработените во Армијата и Полицијата, инвестирање во модернизација на нивната опрема.
„Во постојана комуникација со војниците и старешините од АРМ, со синдикатите во одбраната и особено со синдикатот на професионални војници во „Прогласот за достоинствена Македонија“ предвидовме конечно и трајно, системски и со закон, решавање на статусот на професионалните војници, кои се веројатно единствената категорија на вработени во државниот сектор уредена со Закон, со статус на определено време во текот на целата кариера. Нашата намера, како крајна цел е, тие да имаат статус и права како и останатите вработени во Армијата, затоа што на војниците им е доста од игнорирањете на нивниот статус, а особено се несериозни ад-хок ветувањата кои ги слушаат деновиве. Власта на СДСМ и ДУИ имаше долги 7 години да го реши овој проблем и не го стори тоа. Ние од ЗНАМ ќе го решиме ова прашање“, потенцира Арсоски. Арсоски ги повика граѓаните во среда, на 8-ми мај, што помасовно да излезат на избори и да ја потврдат поддршката со заокружување на бројот 7 и Движењето ЗНАМ-За наша Македонија, по онаа што му ја дадоа на кандидатот за претседател од движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски.
Македонија
ДСЗИ ќе забрани на Токсикологија да работат лица со истечени договори оти директорката, која не зборува македонски, не им ги одзела пристапите
Организациската директорка на Клиниката за токсикологија Бесија Иљази, не постапила и не ја потпишала опомената од Државниот санитарен и здравстве инспекторат (ДСЗИ) која од неа бара да им ги одземе пристапите на единаесетмина, чии договори за ангажирање истекле со истекот на 2023 година, но и покрај тоа доаѓаат на работа и се евидентираат во електронскиот систем. Бидејќи не ја почитувала опомената, директорката Иљази сега ќе добие забрана за пристап на лица кои немаат договори за работа, а доколку не ја почитува ниту забраната, ќе следи парична казна.
„ДСЗИ изврши контролен инспекциски надзор на Клиниката за токсикологија по издадено решение за опомена со наложени инспекциски мерки. По истото беа должни во рок од три дена да испратат писмено известување дали е постапено по решението, но такво писмено известување не добивме. Со оглед на фактот дека на самиот надзор присуствуваа двајцата директори, медицинскиот и организацискиот, беше доставена документација во однос на листи од електронска евиденција на работно време и контрола на пристап во просториите. Од документите ДСЗИ констатираше дека под точка 1 и 2 од решението издадено за опомена не се постапува, односно здравствените работници и соработници кои што немаат договор за вработување односно договорот им истекол на 31.12.2023 година, истите се евидентираат и понатаму на Клиниката за токсикологија, што значи не е постапено по решението“, вели директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, рената Младеновска.
При контролниот увид на инспекторите им биле дадени документи кои покажуваат дека опомената со известување кои мерки треба да се преземат ја потпишал медицинскиот, но не и организациската директорка. ДСЗИ ги известил двајцата директори дека треба да им се одземат токените за идентификација и електронско евидентирање на работното време на лицата со истечени договори.
Директорката Младеновска денес извести дека од организациската директорка на Токсикологија добиле образложение зошто не потпишала. На вториот состанок со Иљази, исто како и на првиот се разбирале со преведувач оти таа не зборува македонски јазик.
„Таа има дадено изјава дека, во известувањето, од клиниката се бара да се одземат токените. Таа смета дека тоа не е мерка која е предложена од решението на ДСЗИ и побара да се вметне и тоа како мерка во самото решение за опомена па потоа да го потпише“, рече директорката Младеновска.
ДСЗИ ќе донесе уште едно решение за Клиниката за токсикологија во кое ќе забрани пристап на здравствени работници и соработници кои немаат никаков договор за вработување.
При контролниот надзор инспекторите констатирале дека клиниката единствено постапила по барањето да се свика Управниот одбор за да одлучува за актите во кои имаат заедничка надлежност медицинскиот и оргнизацискиот директор.
Клиниката за токсикологија веќе цел месец ја тресе скандалот со лицата ,кои и покрај тоа што немаат договори, доаѓаат на работа, многумина од лекарите јавно се пожалија дека немаат комуникација со организациската директорка, а мината недела, пак, пукна цевка за парно, направи поплава и се отвори нов скандал околу осигурувањето на клиниката.