Македонија
(Видео) Спасовски на состанок на министри за внатрешни работи во рамки на Брдо Процесот
Министерот Спасовски на неформален состанок на министри за внатрешни работи во рамки на Брдо Процесот
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и државната секретарка на Министерството за внатрешни работи Магдалена Несторовска, заедно со министрите за внатрешни работи и шефовите на делегации кои членуваат во Брдо Процесот, претставници од Република Австрија, од институции на ЕУ и меѓународни и регионални организации, во Порторож дискутираа за неколку круцијални теми и прашања кои ги надминуваат границите на регионот, односно претставуваат европски и глобални предизвици.
Во текот на вчерашниот работен ручек присутните учесници се осврнаа на борбата против трговијата со луѓе и зајакнувањето на соработката врз основа на Конвенцијата за полициска соработка на Југоисточна Европа.
Денеска на дневен ред беше министерската конференција, односно 10. Неформален состанок на министри за внатрешни работи на Брдо Процесот, фокусот на дискусијата беше ставен на управувањето со мешани миграциски текови, кое се наметна како предизвик со зголемениот број на нерегуларни пристигнувања во регионот, кој за мигрантите претставува транзитна рута до Европа.
Во своето излагање министерот Спасовски, како посебни приоритетни области за кои е потребно натамошно зајакнување на капацитетите, се осврна на граничните проверки и граничниот надзор, односно опрема за граничните премини наменета за спречување на незаконски влез, воспоставување интегриран систем за видеонадзор на државната граница, поддршка во обезбедувањето мобилност на патролните тимови и тимовите за реакција, редовна размена на информации и податоци, а гледано во перспектива – и опрема за копнен и воздушен надзор во реално време.
Меѓудругото министерот Спасовски во обраќањето рече дека ,,Поставувањето на интероперативен систем за идентификација би овозможил поефективно идентификување на мигрантите, но и споделување информации на потенцијални безбедносни ризици, вклучително и во контекст на организиран криминал и тероризам, чија крајна цел би била подобра прекугранична полициска соработка и безбедност за сите. Согласно стратешката определба за полноправно членство и придружување кон ЕУ, но и со цел поефикасно учество во изнаоѓањето заеднички европски одговор на миграциските предизвици, приоритет на Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија останува развивањето на национални капацитети за идентификација и регистрација, согласно критериумите на ЕУ, кои ќе бидат интероперабилни со ЕУ системите. Искуствата покажаа дека поседувањето на компатибилни национални капацитети само по себе не е доволно, па затоа неопходно е паралелно да се работи и на изнаоѓање можности за нивно практично поврзување со соодветните ЕУ-системи.
Како составен дел од процесот на ублажување на миграцискиот притисок во регионот, од исклучително значење за регионот е поддршката на Заедничката платформа за соработка, на Европската крајбрежна стража и на други меѓународни и регионални иницијативи, особено во областа на враќање на илегалните мигранти во нивните земји на потекло. Во овој контекст, напорите на партнерите од Западен Балкан во воспоставување правна основа за соработка при враќање и реадмисија со трети земји претставуваат позитивен развој и добра практика што треба да се следи.
За успешно справување со илегалната миграција неопходен е сеопфатен и заеднички пристап на надлежните служби на сите засегнати држави, надлежните агенции на ЕУ и Европската комисија, со поддршка на релевантни меѓунарoдни и регионални организации во рамки на нивните надлежности, кој ќе вклучува активности со моментален и видлив ефект врз миграцискиот притисок, а со тоа ќе овозможи гранично управување на долг рок, согласно Европскиот концепт за интегрирано гранично управување“.
Во рамки на министерската конференција министерот Спасовски имаше обраќање на уште една тема специфична и, за жал, глобално распространета – сексуалната злоупотреба или сексуалната експлоатација на деца преку интернет, особено актуелна во услови на пандемија.
,,Факт е дека за успешна превенција, сузбивање и навремено казнување на сторителите, нужно е континуираното подобрување на соработката помеѓу регионалната полиција и систематска и планска соработка помеѓу сите установи, служби и организации коишто имаат одредена улога во процесот на заштита на децата од насилство, со посебен акцент на меѓународната соработка и координација во оваа област. Во очекување сме иницијативата за здружување на криминалните истражители од Словенија, Хрватска, Србија, Црна Гора, Северна Македонија и Босна и Херцеговина да прерасне во вистинска експертска мрежа, преку која заеднички би соработувале во истраги и спречување на онлајн сексуална експлоатација на деца. Преку заедничка обука, размена на знаење, добри практики и заеднички активности насочени кон зголемување на капацитетите за идентификација на жртвите и сторителите, оваа мрежа на експерти, зајакната со вклучувањето на ЕВРОПОЛ и ЦЕПОЛ, уверен сум дека ќе доведе до зајакната истрага за сексуална експлоатација на деца преку интернет“, рече Спасовски.
Уште една форма на активна соработка помеѓу полициските сили на земјите од регионот се очекува и од напредокот на заедничката кампања за превенција која е заснована на проектот Кажи Не!, подготвен од страна на партнерите кои учествуваат, со поддршка од Европол, кој треба да започне во септември. Нејзината цел е предупредување и заштита на што е можно повеќе деца и малолетни лица за стапиците на интернет поврзани со сексуална злоупотреба и експлоатација, како и да ги најде и доведе пред лицето на правдата сексуалните предатори.
До крајот на годината се очекува секоја земја партнер да подготви извештај со анализа на состојбите во својата држава, која потоа ќе биде основа за стратешки иницијативи, успешни практики и идни заеднички активности за уште поуспешна борба на ова поле.
На маргините на министерската конференција, министерот Спасовски оствари билатерална средба и со директорката на Европската канцеларија за поддршка во областа на азилот, Нина Грегори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Да не се потпаѓа на шпекулации, Македонија продолжува со дијалог, велат од Транспорт за проблемот со превозниците
Министерството за транспорт апелира да не се потпаѓа на шпекулации и секаков вид непроверени информации кои може да наштетат на дијалогот, а особено не на шпекулации од соседните држави. Секоја држава одлучува за себе, Македонија продолжува со дијалог за трајно решение, соопштија од Министерството по најавата на балканските превозници за нови блокади на границите.
„Во врска со престојот на превозниците во Шенген зоната би сакале да информираме дека во координација со Европската Комосија се работи на трајно решение. Ресорните министерства изминатиот период се во интензивна комуникација со ЕК со цел да се изнајде трајно решение. Министерството за транпсорт е во постојана комуникација со превозниците, како и со Европската комисија со цел изнаоѓање решение во рамки на новата визна стратегија која ја промовираше Европската Унија каде што се отвора можноста возачите да бидат третирани како професионалци како и можностите за друг вид визи“, соопштија од Министерството.
Од таму потенцираат дека е најавено одложување на примената на ЕЕС системот и дека активно сите чинители работат на решавање на овој проблем.
„Дијалогот со Европската Комисија е активен и сите можности се разгледуваат од страна на техничка работна група составена од сите ресорни министерства и претставници на Европската Комисија. Во следниот период разговорите продолжуваат со засилена динамика со цел наоѓање трајно решение кое е прифатливо за сите страни“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
Законот за пушење следната недела пред Владата – фазната имплементација не значи одложување, појаснува Министерството за здравство
Министерството за здравство соопшти дека останува целосно посветено на донесување и имплементација на Законот за заштита од пушење, согласно законските рокови.
Во моментот, како што велат од Министерството, се финализира анализата на пристигнатите коментари од јавната расправа на ЕНЕР, како и ставовите доставени од засегнатите страни, институциите и бизнис заедницата, по што следната недела финалната верзија ќе биде доставена до Владата.
„Потенцираме дека овие усогласувања не ја менуваат суштината на законот. Целите остануваат јасни и непроменети: спречување на започнување со пушење кај младите и создавање генерации без никотинска зависност, заштита на работниците и граѓаните од пасивно пушење во затворени јавни и работни простории.
Во однос на наводите за „фазна имплементација“, појаснуваме дека тоа не значи одложување на неговата имплементација по усвојувањето во Собранието. Законот ќе стапи на сила по неговото донесување согласно законските рокови. Фазноста се однесува на начинот на примена во почетниот период, при што првата фаза ќе биде со засилен надзор, информирање и опомени. Целта е институциите, угостителите, и граѓаните да се адаптираат, да добијат јасни упатства и поддршка, а културата на почитување на правилата да се изгради одржливо на долг рок“, велат од Министерството.
Се додава дека остануваат отворени за комуникација и навремено информирање на јавноста за секој следен чекор од процесот.
Македонија
Герасимовски: Го чуваме редот и јавниот простор во Центар, 86 казни за непрописно паркирање за три дена
Комуналните инспектори и комуналните редари на општина Центар претходната недела изрекоа вкупно 86 казни за непрописно паркирање на јавни и зелени површини, од кои досега 24 се платени.
Контролите се фокусирани на подрачјата на Дебар Маало и Градски ѕид, каде најчесто се евидентираат вакви прекршоци. Засилените контроли ќе продолжат и во наредниот период, известуваат од општина Центар.

На секое непрописно паркирано возило се остава известување за сторен прекршок, а казната изнесува 50 евра, согласно Законот за комунални дејности и Одлуката за комунален ред на Општина Центар. Доколку прекршочниот платен налог се подигне и се плати во рок од осум дена, сторителот има можност да плати половина од износот на изречената казна.
„Редот мора да се почитува, а безбедноста на пешаците и заштитата на јавниот простор се наши приоритети. Апелирам до сите граѓани да ги почитуваат законите и прописите за сообраќај и комунален ред, за да имаме уредна, безбедна и хумана средина за сите,“ рече градоначалникот Горан Герасимовски.
Општина Центар ги повикува граѓаните да ги почитуваат законите и прописите за сообраќај и комунален ред, со цел заштита на пешаците и јавниот простор.

