Македонија
(Видео) Спасовски од Старо Нагоричане: Постигнувањата во овој регион се доказ за вложувањата во рамномерен регионален развој
Техничкиот премиер Оливер Спасовски оствари работна посета на општина Старо Нагоричане. Во изјавата за медиумите, премиерот Спасовски истакна дека со градоначалничката на општина Старо Нагоричане, Жаклина Јовановска, разговарале за тековните проекти на општината коишто се реализираат со поддршка на разните програми на Владата насочени кон развојот на локалните самоуправи.
„Како што знаете, општината Старо Нагоричане е со доминантно рурални карактеристики од кои произлегуваат и нејзините предности, кои заслужуваат целосна поддршка. Како прво, тоа значи креирање програми за поддршка на граѓаните од општината кои доаѓаат од програмите за рурален развој и за поддршка на земјоделството. Во таа насока се договоривме со градоначалничката Јовановска да ги зајакнеме започнатите заеднички активности кои се однесуваат на приближување на можностите до граѓаните земјоделци во општината за да ги влечат придобивките од владините програми за развој на земјоделството и руралниот развој. Тука е бесплатната зелена нафта и повратот на персоналниот данок за земјоделците, средства кои тие можат да ги реинвестираат во модернизација на нивните земјоделски дејности“, истакна премиерот Спасовски.
Тој потенцираше дека посебно сака да ја афирмира програмата за поддршката млади и на жени земјоделки за кои се определени средства и до 10.000 евра и истакна дека силен потенцијал има и ИПАРД-програмите за финансирање во земјоделството и сточарството за што има бесплатна обука на фармери за поефикасно искористување на ИПАРД-средствата.
„Се разбира, поради карактеристиките на територијата на општината, поради претежно планинските предели и оддалеченоста меѓу селата, посебна грижа во изминатиот период беше посветена на патната инфраструктурна мрежа. Во изминатите три години како централна власт инвестиравме 1 милион 430 илјади евра за патната инфраструктура во општината: за рехабилитација на регионалниот пат Младо Нагоричане – Пелинце, и за регионалниот водовод за Младо Нагоричане, за којшто се почнати подготвителните активности и за кој се наменети 820 илјади евра. Во рамки на рамномерниот регионален развој, 10 проекти со вкупна вредност од 82 милиона 61 илјада 357 денари се завршени или се во фаза на реализација: за подобри услови за рурален развој, за развој на туризмот и мобилноста во Североисточниот Плански Регион, за заштита на животната средина, за подготвителни активности за повеќе локални патни правци. Никогаш како овие три години не се вложувало во нашата држава за рамномерен регионален развој. Постигнувањата во овој североисточен регион и во реонот на Старо Нагоричане го покажува тоа“, објасни Спасовски.
Тој изрази уверување дека Старо Нагоричане има особени предности во поглед на планинскиот, селскиот и културно-историскиот туризам.
„И самите го знаете значењето на Меморијалниот центар АСНОМ, потоа тука е манастирот ‘Св. Ѓорѓи’ од 11 век, која има огромно значење и претставува прекрасен примерок од средновековната византиска архитектура. Тука е и мегалитската опсерваторија Кокино и сите овие културно-историски споменици, заедно со питомите природни убавини на околните планини, ја прават општината атрактивна туристичка дестинација. Затоа е многу важна поддршката на Владата што досега ја дававме за заштита на животната средина и подобрување на условите за живот во Североисточниот Плански Регион, за рурален развој, и развој на туризмот и мобилноста во општината и во регионот“, истакна Спасовски.
Тој акцентираше дека станува збор за сериозни проекти кои претставуваат силен аргумент и за прекуграничните проекти со соседните држави Србија и Бугарија, и за пристап до високи финансиски средства од фондовите на ЕУ, за кои гарантира државата, и кои им стојат на располагање на општината за реализација на заеднички проекти во интерес на граѓаните од општината и регионот.
Градоначалничката Жаклина Јовановска во својата изјава изрази голема благодарност за посветеност на Владата за реализација на проекти со општините и подобрување на животот во руралните региони.
„Владата несебично се залагаше нашата општина, која спаѓа во Североисточниот Регион, како еден од најнеразвиените региони, да помогне граѓаните да имаат еден достоинствен живот каков што заслужуваат бидејќи претходната власт воопшто не обрнуваше внимание на овој регион како да не постои. Старо Нагоричане е општина од рурален тип којашто опфаќа голем број села коишто се од разбиен тип и ние реално без многу силна поддршка од Владата каква што добивавме и се надевам ќе добиваме не можевме да успееме да ги оствариме сите проекти кои ги наброи самиот премиер и верувам дека заедно со голема поддршка на граѓаните ќе го задржиме и во иднина темпото на инвестирање во сите аспекти на инфраструктурата и севкупниот развој на нашата општина и регион“, истакна Јовановска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба Мицкоски-Зеленски: Само праведен мир носи стабилност
Премиерот Христијан Мицкоски во Минхен оствари средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, со кого, како што објави, разговарале за актуелните безбедносни предизвици во Европа, за потребата од единство и солидарност, но пред сè, за праведен мир.

– Веруваме дека мирот мора да биде изграден врз правда, почитување на достоинството на народите. Само таков мир носи стабилност и сигурна иднина за Европа, напиша Мицкоски во објава на Фејсбук.

Мицкоски и Зеленски разговарале и за продлабочување на соработката, економска размена и поддршка во процесите за напредок на државите.

– Напредокот е можен кога има визија, храброст и јасна определба. Македонија ќе продолжи да биде глас на разумот, партнер на стабилноста и поддржувач на праведниот мир, порачува Мицкоски.

На вториот ден од 62-та Минхенска безбедносна конференција Мицкоски оствари средби со Ричард Гренел, специјален пратеник на претседателот на САД Доналд Трамп за специјални мисии, со холандскиот премиер Дик Схоф, со Џаред Коен, претседател за глобални прашања и ко-раководител на Глобалниот институт Голдман Сакс и со Тед Дојч од Американско-еврејскиот комитет.
Македонија
Пациенти со хемофилија со месеци без „фактор 8“, се бара одговор од МЗ
Од Левица велат дека пациентите со хемофилија повеќе од шест месеци се без неопходниот лек „фактор 8“ поради нераспишан тендер, што, според нив, ги доведува во сериозна здравствена состојба.
Пратеничката Јована Мојсоска преку социјалните мрежи се обрати до министерот за здравство Азир Алиу и директорот на Институтот за трансфузиона медицина Амир Елези, потсетувајќи дека на седница за пратенички прашања било најавено дека лекот ќе биде обезбеден.
Според неа, пациентите со хемофилија живеат во тешки услови додека го чекаат лекот, а добила и повик од лице кое подолг период е врзано за кревет поради недостиг од терапија.
Мојсоска прашува кој ќе сноси одговорност доколку настанат сериозни последици по здравјето на пациентите поради пролонгирањето на постапката.
Македонија
Трипуновски: Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци
Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци што егзистираат од земјоделство. Вака одговори денеска министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, на новинарско прашање, по закројувањето винова лоза во Кавадарци, во чест на празникот Свети Трифун, што се смета за заштитник на лозарите и винарите.

На новинарско прашање околу реакцијата дека годинава субвенции ќе добиваат лозари со над пет декари лозје, министерот одговори дека нема кратење на субвенции.
– Имаме сериозна и навремена поддршка и реформи во земјоделскиот сектор, што ќе значат сериозно зголемување на продукцијата. Она што е новина можеби во програмата за 2026 година, е, јасната распределба. Приоритет ќе добијат вистинските земјоделци, што егзистираат од тоа. Во изминатите години се воочени таканаречени ловци на субвенции, кои не обработуваат земјоделски површини, а сакаат да бидат корисници на субвенции. Ова сметам дека не е ниту фер кон вистинските земјоделци, ниту пак е законски. Затоа оваа година најавуваме дека ќе имаме сериозна контрола на терен, за парите да завршат кај вистинските лозари, земјоделци, што се многу важни за економијата и руралната средина, појасни министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во новата програма се предвидувало, минималната површина да биде 0.5 хектари, за да се биде корисник на земјоделски субвенции. Трипуновски подвлече дека земјоделството е еден од приоритетите.
Запрашан кога ќе бидат одблокирани средствата од ИПАРД програмата, тој рече дека платежната агенција со новиот менаџерски тим, работела на отстранување на сите забелешки што биле нотирани и оти се очекува многу бргу агенцијата да почне нормално да функционира. Агенцијата, посочува тој, и сега работи нормално, со тековните плаќања во делот на субвенции и во врска со ИПАРД апликации.
На новинарско прашање, тој информираше дека за оваа година, веднаш по носењето на програмата, традиционално пред овој празник, вчера биле исплатени субвенциите кон лозарите. На над 12 500 лозари, исплатени биле речиси осум милиони евра. На почеток на наредна недела, најавува исплата на субвенците и за овоштарите.
Трипуновски уверува дека навремено се исплаќаат и ќе се исплаќаат сите субвенции.
Министерот рече дека на денешниот празник ја негуваме традицијата и културата во делот на една од нашите најдобри и најголеми земјоделски култури, лозаропроизводството. Им оддаваме почит на нашите лозари кои произведуваат квалитетно грозје, а нашите винарски визби прават квалитетно вино, коешто е наш амбасадор.
– Како Влада и Министерство остануваме посветени да ја поддржуваме оваа гранка и да ја развиваме оваа битна земјоделска култура, истакна министерот за земјоделство.
Во најголемиот лозаровинарски регион во државата, посака здравје и бериќет, а трудот на земјоделците да биде вреднуван.

