Македонија
(Видео) Спасовски: Преземаме мерки за подобар стандард и побрзо вработување на младите
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска учествуваше и се обрати на конференцијата „Да кажеме СТОП на исселувањето на младите“ во организација на Институтот за социјална демократија – Прогрес и тинк-тенк фонданцијата за социјална демократија Калеви Сорса.
Спасовски истакна дека повеќе од јасно е дека пред системот, пред институциите, пред носителите на одлуки се исправува нов и специфичен предизвик што наметнува неопходно барање на соодветен и ефикасен одговор на проблемското прашање: како да се задржат и мотивираат младите да го најдат своето место под сонцето. Односно, како тие да се етаблираат во реален, објективен фактор на општествениот опстој и напредок.
„ Од тие причини, од аспект на политиките на Владата, важен акцент е ставен токму врз мерки со кои ќе се подобрат студентскиот живот и стандард, а младите ќе дојдат полесно до прво вработување. Наша приоритетна цел е младите да ја проектираат и градат својата иднина во својата татковина. Во претходниот мандат започнавме со програмата ‘Младинска гаранција’, а при креирањето на Владините мерки за поддршка на стопанството и граѓаните во услови на вонредна состојба предизвикана од ширењето на коронавирусот воведовме три типа на парична поддршка за младите во Северна Македонија преку платежни картички и ваучери, вредна 12 милиони евра, со цел нивно полесно прилагодување на новата реалност, преку одржување на нивото на ученичкиот и студентскиот стандард, како и на куповната моќ“, ги акцентираше Спасовски досегашните политики кои Владата ги проектираше за задржување на младите дома.
Тој потенцираше дека во новата Програма на Владата 2022-2024, младите се опфатени преку таргетирани политики со кои се овозможува нивна извесна и сигурна иднина. Така, предвидена е поддршка за секое вработено лице до 29 години кое ќе се вработи за првпат, за сите кои сè уште не развиле вештини за вработување да го сторат тоа преку пракса, предвиден е поврат на персонален данок на доход за сите нововработени млади под 30 години, предвидена е поддршка во отворањето на младинските центри и локалните младински совети, со цел вклучување на младите во процесите на донесување одлуки и зголемување на капацитетите на младите луѓе, политики за младите лекари, поддршка за младите земјоделци и дигитализација на сите нивоа.
„Од аспект на Министерството за внатрешни работи, пак, би сакал да посочам дека во изминативе неколку години успеавме преку приемот на речиси 2.300 млади до 25-годишна возраст, драстично да ја поместиме старосната структура во корист на помладите генерации, поместувајќи ја границата во старосното структуирање до речиси 50 проценти на вработени до 40-годишна возраст“, ги потенцираше можностите и шансите кои ги дава МВР на младите и професионални кадри во периодот од 2017 до денеска министерот Спасовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Граѓаните да ги ажурираат своите податоци за „Безбеден град“ на посебниот шалтер во МТВ или во станиците за технички преглед
Министерството за внатрешни работи ги потсетува граѓаните дека на посебниот шалтер во Одделот за граѓански работи, во зградата на МТВ (приземје) во Скопје, кој работи секој работен ден во периодот од 08:00 до 17:00 часот можат да поднесат барање за промена на контакт-податоците кои ги доставиле при регистрација на возилата, доколку има настаната промена или во случај да имаат добиено известување со неточни податоци.
Истото, може да се изврши и низ станиците за технички преглед на возила во државата каде што е распореден деташиран референт на МВР.
Македонија
Делови од Кисела Вода и Чаир денеска без струја
Од ЕВН Македонија информираат дека денеска без електрична енегија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 11.00 часот, дел од корисниците од улиците Кујунџиска и Битпазарска, објектите лоцирани околу националната галерија Чифте Амам, како и дел од корисниците од старата чаршија. (општина Чаир)
– во периодот од 10.00 до 14.00 часот, корисниците од ул. Јустинијан Први лоцирани околу ДИМ Маркет, како и дел од корисниците од улицата Речиште. (општина Кисела Вода)
Македонија
Поради протест блокирани повеќе гранични премини за влез и излез од државата на товарни возила
Поради протест блокирани се повеќе гранични премини за влез и излез од државата на товарни моторни возила.
Како што известуваат од Макам-Транс, превозниците од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора на 26.01.2026 година започнаа протест со блокада на граничните премини за влез и излез на товарни моторни возила од државите кој ќе трае до надминување на проблемот за евиденција на престој на возачите во Шенген зоната.
Граничните премини кои се блокирани се: Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блаце, Блато и Стење.
Затворени се граничните терминали за влез на товарни моторни возила на територија на нашата држава и на коловозните ленти на самите гранични премини за излез од државата, но само на делот за товарен сообраќај.
Патничкиот сообраќај за патници несметано ќе се врши на секој граничен премин, велат од Макам-Транс.
Како што информира АМСМ, сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

