Македонија
(Видео) Спасовски: Северна Македонија е на јасен, чист пат, заедно со најсилните сојузи во светот
Денес, можеме гордо да кажеме: времињата на несигурност и нестабилност се зад нас. Северна Македонија е на јасен, чист пат, заедно со најсилните сојузи во светот, рече техничкиот премиер, Оливер Спасовски, на седницата на Собранието, на која беше ратификуван договорот за стапување во членство на Северна Македонија во НАТО.
Тој рече дека веднаш кога Шпанија, како последна земја ќе го ратификува протоколот за членство, нашата земја ќе го депонира договорот во Вашингтон во Соединетите Американски Држави како земја депозитар што ги чува ратификуваните договори на сите земји членки, заедно со основачкиот договор за НАТО од 1949 година.
Спасовски рече дека историјата се пишува со храбри одлуки и дека нашата земја од целосна изолација се вратила на агендата на ЕУ и НАТО.
„Историјата се пишува со храбри одлуки. Историјата се пишува со компромиси достоинствени и прифатливи за сите страни. Кога сите мислеа дека нема излез, беа преземени чекори што нè извлекоа од минатото и безизлезот и ни ги вратија перспективите за нашите аспирации за членство во НАТО и ЕУ во нивната полна и извесна реалност. Од тотална изолација на меѓународната сцена направивме пресвртница и ја вративме Северна Македонија на агендата на Европската Унија и НАТО и добивме членство во НАТО“, рече тој.
Договорот од Преспа, додаде Спасовски, го потврди и го афирмира нашиот идентитет.
„Граѓаните на Северна Македонија поднесоа навистина голема жртва. Пратениците во Собранието донесоа тешки, но историски одлуки. Сите тешки одлуки ги донесовме во согласност со важечките закони преку легални процедури. Не беше едноставно да се помине низ процесот за промена на името на државата. Сепак, се согласивме да додадеме географска одредница пред името на нашата држава, а да ги задржиме сите идентитетски обележја на нацијата“, рече Спасовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Сарај и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 09:00 до 14:00 часот, дел од корисниците од село Буковиќ, горниот дел (општина Сарај);
во периодот од 09.00 до 12.00 часот, корисниците на улицата Струшка (општина Карпош).
Македонија
Апасиев: Следната недела ќе закажам посебна седница за трагедијата во „Пулс“
„Како претседател на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот во Собранието на РМ, следната недела планирам да ја закажам посебната комисиска седница на која ќе се разгледува добиената Претставка од „Здружението 16 Март“ на родителите од Кочани, на која ќе се расправа за изнесените наводи поврзани страшната трагедија во дискотеката „Пулс“. На седницата официјално ќе бидат поканети и претставници на подносителите“, напиша на социјалните мережи пратеникот и лидер на Левица, Димитар Апасиев.

За време на саботниот „Марш на ангелите“ во Скопје, семејствата на загинатите во „Пулс“ побараа пратениците да иницираат надзорна расправа и посебна анкетна комисија за целосно и независно испитување на случајот.
Македонија
Претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд
Претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат пообилни (над 30 l/m² за 24 часа), локално со услови за невреме со засилен ветер (над 60 km/h) и појава на ретки грмежи. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 11, а максималната ќе достигне од 13 до 18 степени.
Во Скопје, облачно со повремени врнежи од дожд, во делови од котлината повремено пообилни. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на серија влажни воздушни бранови до крајот на седмицата следува период на променливо облачно и релативно топло време со повремени локални врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат пообилни, локално со услови за невреме со засилен ветер (над 60 km/h) и ретки грмежи. Во текот на 24 часа се очекува да наврне поголема количина дожд (над 30 l/m2). Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец.

