Македонија
(Видео) Стоилковски: Ако во рок од 24 часа Демократскиот сојуз не одговори за бесплатниот паркинг на функционери на власта, ќе објавиме списоци
Oбјавуваме скандал што покажува зошто власта е одлепена од реалноста, но и зошто Демократскиот сојуз ѝ е верен партнер на власта на СДСМ – ДУИ. Демократскиот сојуз како дел од колачот на власта, од СДСМ – ДУИ долгогодишно го имаше подарок ЈП „Градски паркинг“ во свое владение, а за возврат обезбедувале привилегии, повластувања за функционери на власта, изјави на прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
„ЈП ‘Градски паркинг’ било претворено во своевиден штаб на Демократскиот сојуз, со тоа што службени возила, телефони и простории биле на дофат на партијата. Сето тоа наведува на сомнителни криминогени зделки. Директори, министри, функционери, разни раководни кадри со години паркирале бесплатно низ Скопје, користеле повластена позиција на сметка на граѓаните, а тоа им го овозможувале директорите на паркинзи од Демократскиот сојуз.
Обезбедувале повластувања за функционери на власта, бесплатен паркинг за нив. Секој во Скопје мора да плати паркинг, освен функционерите на СДСМ, на ДУИ, на Демократскиот сојуз, на членови на власта, ставени на посебни списоци со потпис на директорите од Демократски сојуз.
Јавно прашувам дали на име на Борче Јакимовски, доскорешен директор на претпријатието и член на претседателството на Демократскиот сојуз на Павле Трајанов, од плаќање паркинг ослободувал автомобили на функционери на СДСМ, на ДУИ, како и на Демократскиот сојуз?
Дали на име на Владимир Кроневски, член на претседателството на Демократскиот сојуз, воедно помошник-директор на јавното претпријатие, од плаќања се ослободувани стотина автомобили на функционери од власта?
Дали и по кој основ од плаќање се ослободени возила, да речеме, на советникот и шеф на канцеларијата на Димитар Ковачевски, Мартин Попов, на поранешниот директор на ‘Водовод’, Душко Вескоски, на генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ, па и на поранешниот градоначалник на Аеродром, Златко Марин, како и на други функционери од СДСМ. Дали е ослободен од плаќање и Агим, зад чие име стои името на Артан Груби?“, праша Стоилковски.
Тој нагласи дека остава простор од 24 часа за одговори од Демократскиот сојуз и од поранешното раководство на ЈП „Градски паркинг“. Доколку молчат, Стоилковски предупреди дека ќе ги објави списоците со сите регистарски таблички за привилегираните функционери, ослободени од плаќање паркинг во Скопје, а кои до нив ги доставил укажувач.
„ Огромен е бројот на ослободени од плаќања, а се работи за високи партиски избрани и именувани функционери. Да потсетам дека паркирањето беше поскапено, а за луксузите за бесплатен паркинг на функционерите на СДСМ, ДУИ и Демократскиот сојуз се погрижиле токму директорите на претпријатието на ‘Градски паркинг’“, заклучи Стоилковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) По ерата на Југославија, селото Драчево е првото село во Македонија што добива сопствено модерно кино
Општина Кисела Вода вчера вечер официјално го отвори новото кино во Домот на културата во Драчево. Проектот, реализиран во партнерство со „Киноверзум“, претставува втора филмска сцена на територијата на оваа општина и вкупно петта во мрежата на оваа групација во Македонија.

Свеченото отворање се одржа пред преполна сала, во присуство на претставници на Владата, Собранието, како и голем број уметници и културни работници. Настанот го водеше актерот Рубенс Муратовски, а вечерта беше заокружена со проекција на меѓународно наградуваниот документарен филм „Приказната за Силјан“, кој беше македонски кандидат за „Оскар”.

– Ова е историски чекор, бидејќи по времето на Југославија, селото Драчево е првото село во Македонија кое добива свое модерно кино. Со овој чекор потврдуваме дека културата не смее да биде привилегија на центарот, туку право на секој граѓанин. Нашата визија е јасна- ја носиме уметноста таму каде што е домот на луѓето. Сакаме врвните филмски остварувања да бидат на само неколку чекори од вашиот праг-истакна градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.

Таа додаде дека ова е второ заедничко кино со „Киноверзум“ и е доказ дека со јасна заедничка визија се постигнуваат видливи и трајни резултати.

Посебно признание на настанот им беше оддадено на гостите, режисерката Тамара Котевска и продуцентот Јорданчо Петковски. Нивниот филм „Приказната за Силјан“, кој беше македонски кандидат во трката за „Оскар“, кој е откупен од „National Geographic“ и добитник на бројни награди на реномирани светски филмски фестивали, беше симболично избран за првата проекција на новото филмско платно во Драчево. За жителите на Драчево ова имаше и емотивна вредност, со оглед на тоа што продуцентот Петковски потекнува токму од ова место.

– Ова е седма година од постоењето на „Киноверзум” и горди сме што вечерва го отвораме нашето петто кино. По Штип, Велес, Свети Николе и првото кино во Кисела Вода, сега и Драчево добива филмска сцена со најсовремени технички услови. Опремено со ласерски кино-проектор и врвен систем за звук, на посетителите им ги нудиме најактуелните светски филмски хитови по најпристапни цени. Веќе од утре, на редовниот репертоар во Драчево се филмовите „Свадба” и „Оркански височини“, изјави Михаела Ѓорчева, основач на „Киноверзум“.

Овој проект е вистински пример за континуитет во спроведувањето на добрите идеи и плодна соработка, со оглед на тоа што иницијативата за негово отворање започна уште во мандатот на претходникот на Стаменкоска Трајкоска, сегашниот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски. Со оваа реализација, Општина Кисела Вода ја потврдува својата посветеност на културната инфраструктура, правејќи ги Драчево и Кисела Вода нови културни епицентри достапни за сите жители.






Македонија
Врнежи од слаб снег на неколку патни правци, патот кон село Герман е блокиран од паднато дрво
Од синоќа е воведена забрана за сообраќај на регионалниот пат Р2-233 Гостивар – село Чегране поточно во село Форино, поради излевање на реката Вардар. Сообраќајот се пренасочува од село Чајле кон село Старо Чајле према село Форино, извести АМСМ.
Патот кон село Герман е блокиран кај село Станча, од паднато дрво и не е прооден.
Сообраќајот на државните патишта се одвива по влажни коловози. Врнежи од слаб снег има во Крива Паланка – г.п Деве Баир, г.п Делчево, Страцин, и на Пониква, но во моментов не претставуваат пречка за одвивање на сообракајот.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, соопшти АМСМ.
Македонија
(Фото) Ѓорѓиевски: По две децении, Драчево повторно доби свое кино
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски преку социјалните мрежи извести дека по две децении, Драчево повторно доби свое кино.
„Особено ми е драго што иницијативата што ја започнавме пред завршувањето на мојот мандат како градоначалник на Кисела Вода, денес прерасна во реалност. Овој проект беше визија за враќање на културниот живот таму каде што му е местото, меѓу мојот народ. Од денес, таа визија живее“, вели градоначалникот.
„Киното ќе функционира во рамки на Домот на културата во Драчево, простор кој повторно ќе стане собиралиште на уметноста, емоцијата и заедничките доживувања.
Покрај Кисела Вода, сега и драчевчани ќе бидат дел од КИНОВЕРЗУМ и ќе имаат можност да уживаат во најновите филмски достигнувања и најголемите светски хитови, блиску до својот дом.
Филмското искуство повеќе нема да значи патување километри далеку, туку тука – дома. Културата повторно пулсира во Драчево“, додаде Ѓорѓиевски.

