Македонија
(Видео) Стоилковски: Во Заевата иднина нема место за македонска историја
Зоран Заев ги злоупотребува власта и позицијата и упорно лажно ја убедува нацијата да ја прифати капитулацијата како опција за иднината. Но, Заев не кажува за чија иднина зборува? Може ли да се зборува за иднина без минато? За Заев сè е можно, само да си го продолжи рокот од соочување со правдата.
Почитувани, додека на сила се обидува да се протне овој капитулантски договор во уставниот систем, Зоран Заев почна кампања за лажење за неизбежноста на капитулацијата, изјави Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, оваа кампања Заев ја почна пред воопшто капитулантскиот договор да биде ратификуван и пред да се донесе каква било одлука за распишување референдум. Тоа е класична злоупотреба на системот и доведување на граѓаните во заблуда. Но, тоа е и доказ дека Заев е свесен дека граѓаните се противат на неговиот договор.
„Заев вели ‘да кажеме ДА за нашата иднина’. Но, Заев не кажува дека според капитулантскиот договор, во таа иднина нема место за Република Македонија, нема место за Македонците, во Заевата иднина нема место за македонска историја, нема место за македонска традиција, нема место за македонското сонце, нема место за МАНУ, за МНТ, за МРТ, за Танец.
Во своите памфлети Зоран Заев нема ниту збор за комисиите за менување на сета историја која сега се темели на научни факти, наоди и докази. Со други зборови, Зоран Заев во своите памфлети не кажува ниту збор за тоа што прифати од Грција, а тоа е систематско бришење на секоја трага на постоењето на Македонија“, вели тој.
Според Стоилковски, таканаречениот Договор е капитулација на македонската наука, на македонската самосвест, на македонското постоење. „Таква капитулација е неприфатлива за македонскиот народ, за македонската опозиција, за македонската наука, за македонскиот претседател. Таква капитулација се коси со вековната борба за самостојност и придобивките од неа запишани во документите од Илинденското востание, Асномскиот манифест, создавањето на независна и суверена Република Македонија.
Овој капитулантски личен договор на Заев за укинување на Македонија не треба да заживее. ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува во негово спроведување, а секаков обид за негово спроведување на сила ќе носи и одговорност. Македонија нема да потклекне, Македонија ќе победи“, додава тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Потпишан Меморандум со највисоко рангираните универзитети во Македонија за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, објави Ѓорѓиевски
Градоначалникот на Град Скопје, заедно со највисоко рангираните универзитети во Македонија потпишаа Меморандум за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, со што академската заедница официјално се вклучува како активен и рамноправен партнер во овој значаен европски културен процес, информираат од Град Скопје.
Со Меморандумот се потврдува јасната европска ориентација на универзитетите и нивната улога како двигатели на знаење, креативност и иновации, како и нивната општествена одговорност во развојот на заедницата. Вклучувањето во „Скопје 2028“ отвора можности за интеграција на културата во наставните и истражувачките програми, поттикнување на студентската креативност и младинскиот ангажман, развој на интердисциплинарни и меѓународни партнерства и зголемување на академската видливост на европско ниво.
Академската заедница останува посветена на активна, професионална и визионерска улога во реализацијата на „Скопје 2028“, со цел зајакнување на европските вредности, продлабочување на интеркултурниот дијалог и создавање одржлива, солидарна и креативна иднина за Скопје и Македонија.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (HORIZON Europe). Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, како национален координатор на истиот.
Во своето воведно излагање, таа истакна дека одливот на младите високообразовани и компетитивни македонски кадри е една од најголемите закани за македонскиот општествен развој, со сериозни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалубројна и послаба епистемолошка заедница (професори, истражувачи, новинари-аналитичари, културни дејци), тешко е да се креираат добри политики во различни области.
Најдобрите си заминуваат во потрага по подобар живот, но и заради недостиг на меритократија (потценето знаење, талент, вештина и креативност), како и отсуството на владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето, смета таа.
За неа, напливот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, продуцираат некритична и послушна ,,интелигенција”.
Таа истакна дека борбата со егзодусот на најдобрите треба да почне со реформи во основното и средно образование, преиспитување на високообразовната мрежа и заострени критериуми при избор и кариера.
На крајот, претседателката укажа на потребата од воведување дуално образование во сите степени, преиспитување на преоптоварената високообразовна мрежа, организирање заеднички студии и проекти со други универзитети, ангажирање на македонските умови од дијаспората со помош на вештачката интелигенција и дигитализација.
Македонија
СДСМ: Македонија сака во ЕУ а ВМРО изолација
Македонските граѓани во големо мнозинство, над 70% сакаат членство во ЕУ. Додека Мицкоски и ВМРО намерно ја туркаат земјата кон изолација, далеку од ЕУ, истакнуваат од СДСМ.
„Известувачот за Македонија, Томас Вајс денеска изјави дека мора да се исполнат реформи и условот со уставни измени за да продолжи европскиот пат на земјата, при презентирањето на нацрт-извештајот за 2025 година.
Евроамбасадороот Михалис Рокас вчера беше дециден дека нема членство во ЕУ без право на глас и без право на вето.
Со ова, приказните на Мицкоски се разобличени целосно.
Исто како и празната националистичка реторика која веќе не поминува“.
Граѓаните, додаваат од СДСМ, го гледаат Мицкоски седнат во авион како се лукзуора на нивна сметка, со скапи часовници од 60.000 евра, со тендери како томбола за бизнис.
Тоа, како што оценуваат, е личен финаниски патриотизам.
„Зборува за меко ткиво а не знае дека и мозокот е меко ткиво.
Мицкоски, граѓаните имаат мозок“.

