Македонија
(Видео) Стоилковски: Во кое својство Заев отиде на средба со Вселенскиот Патријарх Вартоломеј
„Страховладата“ на СДСМ целосно се потчинува на Зоран Заев и се однесува како воопшто да нема техничка влада и технички премиер за спроведување на фер и демократски изборен процес, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
„Владата и лично Оливер Спасовски мора да одговорат, во кое својство Оливер Спасовски го однесе партискиот лидер Зоран Заев на средба со Вселенскиот Патријарх г.г.Вартоломеј, во седиштето на Цариградската патријаршија во Истанбул?
Поканата од Вселенскиот Патријарх се однесува на премиерот како политичка функција, а не лично до Зоран Заев. Оттука Оливер Спасовски мора да одговори кој раководи со владата, тој или Зоран Заев?
Владата, пак, мора да одговори зошто во владините соопштенија се наведува Зоран Заев, односно во која функција Заев е дел од владина делегација. Притоа Владата мора да одговори кој ги сноси трошоците за посетата на Заев во Истанбул.
Заев и Спасовски истовремено мора да одговорат дали за време на посетата Зоран Заев ја повторил својата понуда за мито за Вселенскиот Патријарх, којашто ја дискутираше со лажниот Порошенко по телефон.
За потсетување, Заев на лажниот Порошенко во телефонски разговор е снимен како вели дека е подготвен да му плaти на Вартоломеј 100.000 евра во кeш!
Прашањето на коешто сега Заев и Спасовки мора да одговорат е дали му кажале на Вартоломеј за овој разговор, и кој е ставот на Вселенскиот Патријарх за намерата на Заев да даде мито од 100 до 150 илјади евра за Вартоломеј да го покрене процесот за афтокефалност на МПЦ?“ прашува Стоилковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

