Македонија
(Видео) Стоилковски: Дали Владата со потпис на Артан Груби ја става Македонија во партнерство со бугарската мафија
Дали Владата со потпис на Артан Груби ја отвори вратата за криминалните пари на бугарското подземје и ја стави Македонија во партнерство со бугарската мафија, прашува портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
„По низа толкувања и заобиколувања на законите, Владата тивко, со потпис на Артан Груби летово, дозволи отворање нови видеолотарии, односно онлајн-коцкање! Тоа е овој документ со потпис на Артан Груби. И тоа не за една, туку за три нови онлајн-коцкарници во партнерство со државната лотарија – односно со државата! Државната лотарија, пак, овој септември распишува оглас во кој речиси е направен фоторобот на идниот партнер на ДУИ и СДС и кој во никој случај не може да биде домашна фирма“, вели Стоилковски.
Прашува: „Дали фирмата што партнерски ќе работи со Владата во Македонија е онлајн-коцкарницата 8888.бг од Бугарија? Дали оваа фирма не е позната како фирма на бугарското подземје, на групацијата на познатиот Васил Бошков, т.н. Черепот, познат на законот во Бугарија, кој живее во Дубаи? Зошто се поставени услови што ги исклучуваат домашните фирми? И зошто Владата дава лиценца на дури 15 години?“.
Според Стоилковски, додека Владата лаже дека е против коцкање и обложување, додека државата тоне во сиромаштија, ДУИ и СДС повторно влетуваат во партнерство со мафијата, овој пат поврзано токму со коцкарници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Шуто Оризари, Сарај и Кисела Вода
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08.30 до 10.30 часот дел од корисниците од ул. Брсјачка Буна, Демирхисарска и Пелагонија (општина Шуто Оризари)
· во периодот од 09.00 до 10.00 часот корисниците во с,Кондово кај пумпата за водовод (општина Сарај)
· во периодот од 10.00 до 13.00 часот дел од корисниците од ул.Михаил и Ефтихиј и ул.Георги Димитров (општина Кисела Вода)
Македонија
Претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд
Претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд, особено претпладне во југозападните и јужните делови (над 25 l/m² за 24 часа). Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 11, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд со послаб интензитет. Ќе дува умерен југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност ќе продолжи периодот на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Денеска во попладневните часови и во четврток врнежите ќе бидат со послаб интензитет. Во петок и во деновите од викендот повторно се очекуваат пообилни врнежи од дожд (над 30 l/m² за 24 часа), локално во форма на невреме со засилен ветер и услови за појава на грмежи. Од недела утринските и дневните температури значително ќе опаднат.
Македонија
Министерот Муцунски домаќин на министерот за надворешни работи на Сојузна Република Германија, Јохан Вадефул
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, вчера во Скопје го пречека министерот за надворешни работи на Сојузна Република Германија, Јохан Вадефул, кој во рамки на својата работна турнеја на Западен Балкан ја оствари првата официјална посета на Република Северна Македонија.

На средбата министерот Муцунски изрази задоволство од посетата, потенцирајќи дека таа уште еднаш ја потврдува важноста што Германија ѝ ја придава на регионот на Западен Балкан, а особено на нашата држава. Посетата претставува јасна потврда за силната германска поддршка на европската перспектива на регионот.

Двајцата министри го поздравија интензивниот политички дијалог на високо ниво што двете земји го развиваат повеќе од три децении. Се согласија дека сеопфатната билатерална соработка во сите сектори претставува цврста основа за понатамошно интензивирање на дијалогот и развивање нови форми на партнерство.

Министерот Муцунски се заблагодари за континуираната и недвосмислена германска поддршка на евроинтегративниот процес на нашата земја. Тој го информираше министерот Вадефул за актуелните активности поврзани со европската агенда, реформските процеси, регионалната соработка и добрососедските односи, при што ја потврди силната посветеност на Владата кон спроведување на реформите и напредокот на патот кон членство во Европската унија.

Министерот Вадефул увери дека Германија останува силен поддржувач на интеграцијата на земјите од Западен Балкан во Европската унија, вклучително и на нашата држава. Тој нагласи дека целосната европска интеграција на регионот претставува најсилен гарант за долгорочна стабилност, мир и просперитет во Европа.

