Македонија
(Видео) Стоилковски: Дали Јовановски криминално дозволил семејна зграда за свој роднина?
СДСМ и Јавното обвинителство молчат за документиран криминал во Прилеп. Криминал за којшто директно е одговорен Илија Јованоски, поранешниот градоначалник од СДСМ во Прилеп, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
„ Ред се редат кривични, а јавните обвинители никаде ги нема глас да пуштат. Да потсетам, согласно закон, за соучество во дело се смета и со постапување но и со непостапување! Во вториот дел, како соучесништво!
Досега неколку пати посочивме јавно за случајот во Прилеп. Јованоски прво на нелегален начин променил инвеститор на парцела во центарот на градот, за потоа новиот инвеститор, фирмата „Дино 99“, да изгради дивоградба објект, надвор од рамките на дозволениот проект и сето тоа е документирано од градежните инспектори од општината.
Постапката во тој случај е јасна, решението за градба треба да биде ништовно. Но, наместо поништување, Илија Јованоски на нелегален начин дозволил да се изгради дивоградбата со обид за измена на проект во градба. Нормално, надвор од законот“ рече СТоилковски.
Тој упати честитки за градежните инспектори, кои, како што рече, документирале криминал и постапиле по закон, без разлика на притисоците на Јованоски.
„ А, прашањето на коешто мора Јованоски да одговори е: Дали целиот овој криминал е направен затоа што сопственикот на инвеститорот „Дино 99“ е близок роднина на Илија Јованоски? Дали можеби ова требало да биде нова семејна зграда во Прилеп? Дали Јовановски во Прилеп криминално дозволил семејна зграда за свој роднина? Пример за криминално водење на локална самоуправа беше Прилеп, како и за владеење на криминалот во градот. Локалните власти на СДСМ владееја по теркот на фамилијата од Струмица, да се земе сѐ и да се богатат на грбот на граѓаните.
Но, ќе дојде ден кога ЈО и правосудниот систем ќе излезат од скутот на мафијата и правда ќе има за се’! Да не се повтори картели и фамилии да ја водат државата по принципот на СДСМ“ порача Стоилковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
За девет месеци од наплата на патарините државата заработила над 58 милиони евра
Вкупните приходи од наплата на патарина за првите девет месеци од годинава изнесуваат 3.611.645.604, денари (58,725 милиони евра).
Во септември годинава прометот на наплатните станици изнесува 401.971.971 денар, а во летните месеци кога е највисока фрекфенцијата на возила, биле инкасирани 494.308.025 во август, 469.811.647 во јули и 399.325.680 денари во јуни годинава.
Најпрофитабилна е наплатната станица Романовце, а најниски се приходите на Кадрифаково.
Македонија
Најмногу дожд во изминатото деноноќие падна во Пожаране и Попова Шапка
Најмногу дожд во изминатото деноноќие наврал во Пожаране и Попова Шапка, а најмалку во Штип и Кавадарци.
Управата за хидрометеоролошки работи информира дека во Пожаране и Попова Шапка наврнале 32 литри на метар квадратен, во Маврови Анови и Крушево 23, во Тетово 21, во Претор 20, во Лазарополе 14, во Гевгелија 11, во Битола, Тополчани и Скопје-Зајчев Рид 6, во Ѓуриште, Пожар-Радовиш 5, во Прилеп, Велес, Скопје-Петровец 4 и во Штип и Кавадарци еден литар на метар квадратен.
До вторник синоптичарите најавуваат променливо облачно време со локални врнежи од дожд. Денеска наместа врнежите ќе бидат поројни и пообилни (над 30 l/m² за 24 часа), проследени со засилен ветер и појава на ретки грмежи.
Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од јужен, а долж Повардарието од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 12 до 17 степени.
Македонија
Таен ринг за борби со кучиња разоткриен во битолско, заработувале од мачење животни
Грчки државјанин сопственик на куче, пит бул, косовски државјанин сопственик на куче од расата американски стафорд, како и двајца македонски државјани како соизвршители ќе одговараат на кривично дело – Убивање и мачење животни од член 233 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Основното јавно обвинителство Битола ги прибра сите потребни докази и поднесе обвинение, бидејќи на 1 ноември во селото Црнеец во близина на Стрежево, тие заради користољубие грубо ги злоупотребувале и ги изложиле на непотребни маки кучињата.
Првообвинетиот организирал борба меѓу двете кучиња во дворот од семејната куќа на второобвинетиот, кој претходно имал подготвено ринг каде се одвивала борбата. Настанот го следеле и други лица од Косово, Грција и Македонија, кои полициските службеници ги затекнале на лице место и кај кои биле пронајдени парични средства во различни апоени на евра и денари наменети за обложување.
Како резултат на борбата, со особено тешки повреди се здобило кучето од расата пит бул, кое имало угризни рани со различна големина, тешки повреди на главата и видливи знаци на трауматски шок.
Доказите обезбедени до овој момент упатуваат на сомненија дека се работи за организирана операција за која бил подготвен ринг за борби за кучиња во кој се пронајдени траги кои укажуваат дека вакви борби се случувале и друг пат, како и лекови за пружање прва помош на повредени кучиња.
Јавниот обвинител до Основниот суд во Битола достави предлог за продолжување на претходно определената мерка куќен притвор за двајцата македонски државјани.
Доколку двајцата странски државјани кои се во бегство од моментот на сторување на делото, не бидат обезбедени до почетокот на судската постапка, јавниот обвинител ќе предложи нив да им се суди во отсуство.

