Македонија
(Видео) Стоилковски: Директорка на ЈП од СДСМ распишала тендер за мала хидроцентрала среде избори
Директорот на ТЕЦ „Неготино“ и висок функционер во СДСМ, Небојша Стојановиќ од Неготино, преку својата семејна фирма „ХЕМ алијанс“, чиј сопственик е татко му, а управител сопругата, во нетранспарентна постапка за јавна набавка, со низа пропусти и недоследности, успеал да добие тендер за изградба на мала хидроцентрала на системот за водоснабдување „Лукар“ преку јавно-приватно партнерство со ЈП „Комуналец Неготино“, објави на прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
„Тендер на ЈП ‘Комуналец’, чија директорка е Марина Бојаџиева, бил распишан и објавен на првиот ден од изборната кампања за локалните избори во 2021 година, односно на 27.9.2021 година, што е во спротивност со Изборниот законик, кој децидно вели дека за време на кампања забрането е објавување тендери од страна на јавни институции.
Небојша Стојановиќ, користејќи го моментот кога целото внимание на јавноста е насочено кон изборите, од позиција на директор на ТЕЦ „Неготино“ и висок функционер на СДСМ, веројатно се потпрел на своето партиско и политичко влијание за објавување тендер во своја полза. И на тој тендер е и единствен понудувач!
Директорката на ЈП „Комуналец“ од Неготино, Марина Бојаџиева, иако била пристигната само една понуда на овој тендер, не го искористила своето законско право да го поништи тендерот. Среќниот добитник за изградба на мала хидроцентрала на системот за водоснабдување „Лукар“ е директорот на ТЕЦ „Неготино“ и висок функционер во СДСМ, Небојша Стојановиќ“, изјави Стоилковски.
Тој порача дека институциите мора да реагираат, а како што рече директорката на ЈП „Комуналец“ од Неготино, Марина Бојаџиева, мора да одговори: Зошто тендерот е објавен на првиот ден од предизборната кампања? Дали за предметот на јавна набавка е изработен елаборат за животна средина како законска обврска? Дали е спроведена јавна расправа и колку граѓаните биле запознаени со намерата за изградба на мала хидроцентрала на системот за водоснабдување „Лукар“? Дали формираната Комисија за евалуација на понудите ги исполнила законските критериуми? Дали во годишниот план за јавни набавки на ЈП „Комуналец“ била предвидена ваква крупна јавна набавка?
„Повеќе од очигледно е дека се работи за типична манипулација на СДСМ и користење партиски и политички влијанија за лична корист. Институциите мора да реагираат, во спротивно одобруваат незаконско работење, тендери и партиски злоупотреби за лични цели“, нагласи портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Герасимовски: Го чуваме редот и јавниот простор во Центар, 86 казни за непрописно паркирање за три дена
Комуналните инспектори и комуналните редари на општина Центар претходната недела изрекоа вкупно 86 казни за непрописно паркирање на јавни и зелени површини, од кои досега 24 се платени.
Контролите се фокусирани на подрачјата на Дебар Маало и Градски ѕид, каде најчесто се евидентираат вакви прекршоци. Засилените контроли ќе продолжат и во наредниот период, известуваат од општина Центар.

На секое непрописно паркирано возило се остава известување за сторен прекршок, а казната изнесува 50 евра, согласно Законот за комунални дејности и Одлуката за комунален ред на Општина Центар. Доколку прекршочниот платен налог се подигне и се плати во рок од осум дена, сторителот има можност да плати половина од износот на изречената казна.
„Редот мора да се почитува, а безбедноста на пешаците и заштитата на јавниот простор се наши приоритети. Апелирам до сите граѓани да ги почитуваат законите и прописите за сообраќај и комунален ред, за да имаме уредна, безбедна и хумана средина за сите,“ рече градоначалникот Горан Герасимовски.
Општина Центар ги повикува граѓаните да ги почитуваат законите и прописите за сообраќај и комунален ред, со цел заштита на пешаците и јавниот простор.
Македонија
За една недела отстранети 653 кубни метри отпад во Скопје
Во текот на изминатата седмица, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнаа и транспортираа 653 кубни метри непрописно одложен отпад на територијата на градот Скопје.
ЈП Комунална хигиена-Скопје повторно интервенираше и на булеварот Никола Карев (Пластичарска улица), каде што беа подигнати приближно 60 кубни метри мешан комунален отпад од три помали диви депонии.
Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје минатата недела врачи 32 записника за лица и правни субјекти затекнати при непрописно одлагање отпад. Најголем број на записници се изготвени во скопската општина Чаир.
Македонија
Програми за доживотно учење на Факултетот за музичка уметност – Скопје
Факултетот за музичка уметност – Скопје при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје ги објави програмите за доживотно учење – единствена можност за сите заинтересирани лица над 20 години кои сакаат да го прошират своето музичко образование и да се надградат професионално.
Наставата се реализира со врвен универзитетски кадар и нуди висок квалитет во различни области: свирење на инструменти, соло пеење, популарни жанрови, диригирање и композиција. Секој учесник добива индивидуален пристап и работи во одлични услови кои овозможуваат целосно развивање на талентот и личен напредок.
На крајот од секој семестар, учесниците добиваат сертификат издаден од Факултетот за музичка уметност – Скопје, што претставува официјално признание за стекнатите знаења и вештини.
Повеќе информации за програмите на следниот линк: https://www.fmu.ukim.edu.mk/about/lifelong-learning
Уписот е во тек и трае до 25.2.2026 год. За дополнителни информации во врска со уписот, обратете се на тел.бр.02-3134345 или на е-пошта: [email protected].
фото/Depositphotos

