Македонија
(Видео) Стоилковски: ДКСК да отвори случај за Темелко Ристески, враќање на парите, кривична и политичка одговорност за сите инволвирани од власта
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, презентираше документ, за којшто рече дека е официјален извештај од проф. д-р Темелко Ристески, ангажиран како експерт и платен со народни пари до Државниот секретар во Министерството за одбрана и платен со буџетски пари, врз основа на договор за дело број 04-80/3 од 2.1.2020 година, помеѓу него и Министерството за одбрана.
„Во овој документ, кој го потпишал проф. Ристески, а подоцна ја потврдил и неговата автентичност и содржина, професорот го известува Министерството за одбрана за сите негови партиски активности кои ги извршил, а кои, како што самиот пишал, доаѓаат како обврска од неговиот договор со Министерството. Проф. д-р Темелко Ристески, кого сите ние граѓаните на Македонија преку буџетот го плаќаме да дава експертско мислење и помош на Министерството за одбрана, ја следел кампањата за време на парламентарните избори 2020 година“, изјави Стоилковски.
Тој, како што наведува во Извештајот, напишал и 10 објави на Фејсбук во поддршка на Коалицијата „Можеме“, предводена од СДСМ, потоа напишал и два агитациски текста кои биле објавени на фејсбук-профилот на Партијата на пензионерите, а остварувал и телефонски и лични контакти со цел агитација за Коалицијата на СДСМ, додаде Стоилковски.
Извештајот, заедно со признанието од Ристески, според Стоилковски е доволен доказ за ДКСК веднаш да отвори случај и против него и против неговите претпоставени во Министерството за одбрана, но и против владата на Димитар Ковачевски, која цела недела се обидува да го релативизира и прикрива овој случај.
„Оттука се поставува и прашањето уште колку примери како овој постојат во институциите и уште колку вакви професори ангажирани, наводни експерти работат за следење на кампањи и објавување на Фејсбук, уште колку наводни експерти работат за СДСМ и ДУИ, а земаат пари од буџетот?
Очекуваме покрај враќање на парите од буџетот кои биле искористени за плаќање на партиски активности, да има и кривична одговорност, но и политичка за сите инволвирани во случајот“, порача Стоилковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

