Македонија
(Видео) Стоилковски: Заев уште пред референдумот договарал програми со Косово со користење на придавката „Северна“
Владата и Министерството за култура во нејзино име уште лани пред референдумот договарало програми со косовската влада со користење на придавката „Северна“, тврди Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ. Тој рече дека во документот односно во заедничката меѓудржавна програма сите инволвирани македонски министерства и институции како и името на државата се напишани со придавката „Северна“.
„Документот, програмата подготвена за објавување, кој според она што е излезенo од Министерството за култура со назнака за објавување, на корицата е испишано ‘Република Северна Македонија’, ‘Министерство за култура на Северна Македонија’. Според содржината од македонското министерство, Меѓудржавната Програмата од 65 страници била одобрена во Приштина уште на почетокот на септември лани, а во неа насекаде пишува дека се однесува на Република Северна Македонија. Наведени се вклученост во оваа програма на Министерства и агенции од Република Северна Македонија. Дури и во предговорот напишан пред септември 2018 година авторот, косовскиот владин претставник Реџеп Хоти, ги поздравува претставниците, учениците, професорите од Република Северна Македонија, како и министерствата за култура, за образование и наука и други владини министерства и агенции на Република Северна Македонија, како што стои и е наведено во цела оваа Меѓудржавна програма“, рече Стоилковски.
Тој истакна дека во Меѓудржавната програма сите институции за соработка се наведени со додавката „на Северна Македонија“, а во тоа време, како што рече, се уште не беше ниту започната кампањата за референдумот.
„Откако документот излезе во медиумите, Владата демантираше. Но, документот постои, одобрен е од Косовската влада, од косовскиот претставник Реџеп Хоти, тој го употребува името Северна Македонија, и наведува министерства и агенции на Северна Македонија. Тоа е невозможно за една меѓудржавна програма, без таа да биде претходно мината низ тукашните, овдешните институции“, рече Стоилковски.
Тој додаде дека Владата е должна да одговори: Кој тоа во име на оваа влада, на владата на Заев договарал со Хоти употреба на Северна, и дали Заев е возможно да не знаел за тоа, пред референдумот воопшто да се одржи, од каде толкава сигурност за Северна, во оваа влада знаејќи дека и сега, денес, се уште тоа име не се употребува, наметнатото име, а има и судски институции кои треба да се изјаснат за чинот на менувањето на Уставот и кои министри и министерства ја одобриле оваа Програма каде се употребува Северна?
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Чаир и Студеничани
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08.00 до 16.00 часот, корисниците од улиците број 90, 131 и 191, корисниците од околните згради и продавниците кај 26 Јули, објектите на хотелите Хамбург и Аен, казиното Сенатор и адвокатското друштво Калач. (општина Чаир)
· во периодот од 09.00 до 16.00 часот, корисниците од селата Драчевица, Цветово и Алдинци, вили Китка, Мала Река, Принцес, Караџица и Солунска Глава. (општина Студеничани)
Македонија
Без вода дел од Карпош
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради водоводен приклучок од ф – 80 мм на улицата Ристо Равановски бр. 8, без вода ќе останат корисниците од улицата Ристо Равановски во општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди
Променливо облачно со сончеви периоди. Во западните делови ќе има повремен локален дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 10 до 16 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност до сабота ќе преовладува претежно облачно време со повремени врнежи од дожд. Пообилни врнежи се очекуваат во среда и четврток, кога на повисоките планини врнежите ќе преминуваат во снег. Од среда ветерот ќе го промени правецот во северен.

