Македонија
(Видео) Стоилковски: Зошто Каевски во анкетниот лист крие куќа во Волково?
Според портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, цела недела СДСМ и од нив раководените државни институции, кои треба да се борат со корупцијата и да работат на градење правна држава со кредото „нема повластени пред законот“, молчат за случајот за дивоградбата во Волково. Обидот за забошотување на случајот, оценува Стоилковски, веројатно се должи затоа што станува збор за Дарко Каевски, сега пратеник и портпарол на СДСМ!
„Толку од еднаквоста пред законите! Ќе потсетам, 30-годишниот Дарко Каевски, со 3 години директорска плата во Агенцијата за млади и спорт, во 2020 година несразмерно го зголемува семејниот имот. Дарко Каевски по цела недела прозивки, не посочува документи, дозвола за градење. На местото на стара легализирана куќарка од неполни 40 м2, во 2020 година никнува луксузна хациенда во медитерански стил со базен. Сателитските снимки од алатката ‘Гугл’ се доказ за градежната активност во 2020 година дека се работи за целосно нов објект, а стариот целосно е срушен. Во 2020 година Волково е администрирано од СДСМ, со градоначалникот Александар Наумоски“, смета Стоилковски.
Истата година, додава Стоилковски, Дарко Каевски станува пратеник во Собранието, а во анкетниот лист и претходно како директор на Агенцијата за млади и спорт и во анкетниот за пратеник навел „неизградено градежно земјиште“ во Волково. Ниту пред 2020 било неизградено ниту во 2020 било неизградено. Зошто Каевски во анкетниот лист крие куќа во Волково?
„Во анкетниот лист Каевски навел дека истата година, 2020, купил стан од 65 м2 во Скопје. Ова се факти! Дарко Каевски пет години е носител на јавни функции. Во овие пет години Македонија тоне во мерењата на корупцијата, а институциите и сега молчат и не отвораат предмет. Институциите се должни и тоа е нивна работа да го испитаат случајот, пред сѐ, дали Каевски има дозвола за градба, со одобрение за копање базен, како и да се испитаат околностите, односно потеклото на парите. Индикативно е што Каевски не побарал дозвола за градба, крие изграден објект и претходно и по градбата, а лично не верувам дека станува збор за избегнување да се платат комуналиите поради нивната висина. Институциите се должни да го проверат случајот, тоа е нивна обврска. Да потсетам, злоупотреба на службена положба и овластување се прави и со постапување, но и со непостапување“, истакна на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
Оценува дека Македонија тоне во задолжувања, сиромаштија и кризи, само функционери од власта си го множат имотот. Според него, секој ден минат со СДСМ на власт е поскап од предвремени избори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Традиционална церемонија на свечено менување на државното знаме во претседателскиот кабинет
Повеќе од 170 основци од скопските училишта „Ѓорѓија Пулевски“ и „Кочо Рацин“ и од училиштето „Св. Наум Охридски “ од Охрид, денеска ја проследија церемонијата на свечено менување на државното знаме, којашто во Кабинетот се одржува секој втор петок во месецот во знак на оддавање почит кон државата.
Во присуство на бројни претставници на Армијата, учениците, заедно со своите наставници и образовни асистенти, најпрво внимателно го ислушаа командирот на почесната единица кој ги образложи причините и процесот на менување на знамето.
Потоа, нивните љубопитни очи се вперија кон јарболот на којшто постојното, беше заменето со ново државно знаме. Церемонијата заврши со интонирање на македонската химна од Воениот оркестар, пропратено со детскиот хор.
Во рамки на посетата, дечињата ја разгледаа свечената сала со двата импозантни мозаици на академик Глигор Чемерски, „Македонија-светла земја“ и „Македонија-земјата памети“.
Претседателката изрази радост за присуството на најмладите посетители и одговараше на бројните креативни прашања меѓу кои и: Кои и биле омилените книги на нивна возраст? Дали ѝ недостигаат студентите? Сонувала и посакувала ли некогаш да стане претседателка? Какви карактеристики треба да поседува еден лидер? Како се одвива еден нејзин работен ден и колку долго трае? Дали ги помни омилените наставници?
Таа, во својство на ученичка, ги именуваше саканите учители, истакнувајќи дека имале огромно влијание врз нејзината љубов кон учењето.
На крајот, Сиљановска-Давкова им порача дека вреди да се учи и дека нема подобар влог во иднината, од оној во знаењето.
Младите посетители, освен со убави спомени, од Кабинетот си заминаа и со автограм од претседателката Сиљановска-Давкова.
Македонија
Бугарија го ратификуваше договорот за тунелот на Коридор 8 – отворање на нова железничка врска Скопје-Софија
Бугарија го ратификуваше Договорот помеѓу Македонија и Бугарија за изградба на меѓуграничен железнички тунел на Коридорот 8, објави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил.
„Денес Народното Собрание на Република Бугарија го ратификуваше Договорот помеѓу Македонија и Бугарија за изградба на меѓуграничен железнички тунел на Коридорот 8.
Овој Договор во декември беше ратификуван и во Македонското Собрание.
Со ова се исполнети сите услови за доиадбзгра на железничкото поврзување помеѓу Скопје и Софија и Бургас.
Горд сум што овој Договор кој го потпишавме на 6ти Ноември со заменик претседателот на Владата на Бугарија Гроздан Караџов ќе значи поблиски економски врски помеѓу двете држави и двата народи, но покажува и силна посветеност на Македонија во реализација на Коридор 8 кој е исклучително значаен безбедносен коридор од висок интерес на НАТО и нашите стратешки партнери.
Паралелно го развиваме и Коридор 10 и Македонија ја правиме вистинска раскрсница на Балканот за добробит на сите македонски граѓани.
Продолжуваме да работиме“, напиша Николоски.
Македонија
(Видео) Димитриевски: Владата на Мицкоски им ги скрати субвенциите на земјоделците за огромни 40 милиони евра
Од времето на СДСМ кога субвенциите беа 140 милиони евра, Мицкоски ги намали на 100 милиони евра. Ова е огромен удар врз земјоделците, врз нивниот труд, нивните семејства и егзистенција, оценува Александар Димитриевски од СДСМ.
„Пред избори, ВМРО ОКГ на земјоделците им ветуваше 180 милиони евра субвенции.
Наместо да ги зголемат субвенциите, ги излажаа земјоделците. Сега им ги намалија за 80 милиони евра помалку од тие што им ги ветува. Дополнително им ги усложнија условите.
80 милиони евра директно одземени од маката, трудот и егзистенцијата на земјоделците, од луѓето кои произведуваат храна.
Мицкоски ги понижи и ги измами земјоделците“.
Како што додаде, кратење има на сите страни и усложнување на условите, со зголемување на прагот за добивање на субвенции.
„Кај поледелските култури, кај пченицата, кај лозарството и овоштарството, намалени субвенции за тутун, за кокошки.
Ги укинаа сите добри мерки што ги воведе владата на СДСМ. Ја укинаа авансната исплата на субвенциите, земјоделецте останаа без сигурност, без поддршка, без чувство дека трудот им се вреднува.
Оваа влада крати од сите, само за да има за сопствениот луксуз, само да има за криминални тендери.
Нема пари за минимална плата од 600 евра, нема пари за повисоки субвенции за земјоделците, ама власта има пари за криминални тендери, нов авион, за луксузирањата на Мицкоски и неговите министри“.
СДСМ, посочи тој, бара итна ревизија на програмата, враќање на средствата и вистинска поддршка за малите и средни земјоделци.
„Земјоделството не смее да биде жртва на криминалните политики на ВМРО-ОКГ“.

