Македонија
(Видео) Стоилковски: Каевски со директорска плата од скромно куќиче до дивоградба хациенда со базен?
Дарко Каевски, најмладиот милионер во СДСМ, неколку дена молчи и не одговара на прашањата, како на 30 години и со административна плата за неполни 3 години директорување успева во иста година да се стекне со нов стан и да изгради луксузна куќа во Волково, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
„ Но, уште поинтересно е што Дарко Каевски, во стилот на неговите сопартијци, не одговори ниту дали има документи за градба на луксузна вила, хациенда со базени во Волково. Интернет алатката Гугл мапс покажува многу повеќе од тоа што Каевски сака да го сокрие од очите на јавноста.
Ова почитувани е парцелата во Волково, имот на семејството Каевски до септември 2020 година кога Дарко Каевски од директор на Агенција за млади и спорт, преминува во пратеник на СДСМ. Ова е објект којшто е легализиран, се работи за скромна куќа од неполни 40 квадрати како и гаража. И тоа било легализирано во 2014 година. И така е се до септември 2020, кога сателит ја има снимено токму оваа состојба.
Ова е политувани тоа што го покажува алатката односно дека настанува промена во октомври 2020 година кога се претходно исчезнува а цела парцела станува градежна зона со машини, а легалните објекти ги нема. За да ги нема, мора да има одобрение од општина за рушење, а тоа одобрение е дел од одобрение за градење. За одобрение за градење, неколку пати директно го прашавме Каевски, но тој не одговори. И, одиме на следната сцена снимена од сателит.
Ова почитувани е истата парцела, во 2021 година. На местото на скромно легализираното куќиче никнува луксузна хациенда, никнува уште еден објект на местото на гаража, ископан е базен во должина на новоизградената куќа, за што повторно е потребно одобрение од општина. А такво одобрение нема!
Уште поинтересно е што во својот анкетен лист до ДКСК, јавен документ, Дарко Каевски, сега пратеник а порано директор, најмладиот милионер и портпарол на СДСМ, не навел куќа, туку, празен плац, градежно неизградено земјиште во Волково!?
Дали причината за тоа што не е наведена куќа е тоа што во истата година кога е изградена луксузната хациенда на крајот на 2020-та година, Дарко Каевски во својот анкетен лист има наведено дека купил стан од околу 65 метри квадратни во Скопје? Залудно Каевски, како и сите голтари, а сега милионери се обидуваат да ги сокријат имотите со високи огради, кога со години постојат алатки како Гугл мапс кои што ги следат сите промени на теренот!
Истата парцела, добиена како наследство во октомври станува градежен плац за потоа да никне како луксузна, одморалиште, базен во медитерански стил“ порача Стоилковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.
Македонија
Повредата на данскиот скијач не се случила на патека под наша надлежност, велат од Ски центарот „Попова Шапка“
Повредата на скијачот од Данска не се случила на официјална патека администрирана од „Попова Шапка“, бидејќи ски-лифтот „Церипашина“ не бил во функција поради силните ветрови и неповолни временски услови, информираат од Ски Центарот.
Се додава дека скијачот бил гостин на приватен оператор кој работи надвор од патеките управувани од овој центар.
„Ски центарот сноси одговорност исклучиво за патеките и просторот што се под наша официјална администрација и управување, а не и за зоните каде што оперираат трети страни надвор од овие патеки“, се наведува во соопштението на Ски Центарот Попова Шапка..
И покрај тоа, веднаш по добивањето на информацијата за повредата, спасувачката единица излегла на терен за да обезбеди помош и да асистира при транспортот и третманот на повредениот.
Од Центарот посочуваат дека безбедноста на посетителите останува врвен приоритет и му се заблагодаруваат на спасувачкиот тим за брзата и професионална реакција.
„Макфакс“ претходно објави дека 24-годишниот скијач од Данска бил пронајден на Попова Шапка, а според информациите од полицијата тој бил повреден од снежна лавина и со повреди пренесен во болница во Скопје.

