Македонија
(Видео) Стоилковски: Спасовски да ги разреши обвинетите за изборен притисок и сам да замине од МВР
Оливер Спасоски да ги разреши началниците и инспекторот осудени за злоупотреба, односно политички мотивиран притисок и потоа самиот да замине од МВР, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
„ Судскиот документ којшто покажува дека тројца полициски началници и еден инспектор, сите на Оливер Спасовски и СДСМ, направиле злоупотреба во изборен период или со други зборови малтретирале кандидат за градоначалник којшто не е од СДСМ.
Тоа е доказ за целосната партизација на полицијата од страна на Оливер Спасовски којшто пет години е министер за полиција. Јавноста е добро запознаена дека Владимир Ристов, познат како Камењар, началник на единицата за економски криминал, е близок соработник и вон работното време на Оливер Спасовски. Судскиот документ кажува дека тој, заедно со уште тројца негови колеги, креирале полициски случај и ја злоупотребиле својата положба врз кандидат за градоначалник којшто не е кандидат од СДСМ“ рече Стоилковски.
Според него, тоа е чиста партиска злоупотреба на полицијата во изборни цели. Дури и заробеното судство како актуелното, не може да премижи очигледна злоупотреба, па пресудува согласно 353 – несовесно работење од КЗ, истакна тој.
„ Потсетуваме дека за време на изборниот период постојано укажувавме на организирани притисоци и работа на групации од полициските службеници во служба на политички притисок од СДСМ. Се приложуваа докази, беа пресретнати вибер групи, комуникации во кои што најдиректно и брутално се споделуваа информации и се издаваа наредби за следење и пресретнување на нормални и легални предизборни активности на опозицијата и на независните кандидати. Потсетуваме дека беа распоредувани групации од полициски поединци и единици на коишто воопшто не им беше место во определени градови. Потсетуваме дека беше вршено насилство и мобинг од страна на партиски активисти од СДСМ коишто беа заштитени од полициските орди на Оливер Спасовски. И сето тоа е документирано и за сето тоа постојат докази“ додаде Стоилковски.
Наместо за заштита и обезбедување на демократските стандарди во изборен процес, како што рече, началниците на Оливер Спасовски спроведувале притисок.
„ Најмалку се очекува по оваа пресуда Оливер Спасовски да ги разреши тројцата полициски началници и инспекторот од позициите на коишто се уште се оставени. Истовремено, владата мора да го разреши Оливер Спасовски од позицијата министер за внатрешни работи! Секој еден ден минат со СДСМ на власт е поскап за народот од предвремени избори“ порача тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.
Македонија
(Видео) Филипче: Врските на Стоиљковиќ со Москва и кинеските кредити се сериозен сигнал
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по обраќањето на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, оцени дека пораките упатени од највисоката адреса на Алијансата се јасни и недвосмислени и директно се однесуваат на актуелната влада. Филипче вели дека врските на вицепремиерот Иван Стоиљковиќ со структури блиски до Москва како и кинеските кредити претставуваат сериозен сигнал за загриженост.
„Фактот дека вториот човек во Владата има отворени контакти со лица и организации кои се во директна комуникација со Кремљ, во време кога Русија води агресија врз Украина, е нешто што не може да се игнорира“, нагласи Филипче.
Тој посочи и на финансиските аранжмани на Владата, потенцирајќи дека заемот од една милијарда евра преку Унгарија, за кој европските институции во свој извештај нотирале дека станува збор за средства со кинеско потекло, отвора сериозни прашања.
„Кога на тоа ќе се додадат и кинеските пари кои пристигнаа преку заемот од Унгарија, станува јасно дека станува збор за политики кои испраќаат погрешни сигнали во рамки на Алијансата. Нашиот одбранбен чадор знае точно какви политики води оваа влада и јасно укажува на нив“, истакна Филипче.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 17 степени
Утре претпладне времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди, информира УХМР.
Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.

