Македонија
(Видео) Стоилковски: Јавен интерес е одговорот дали веќе е склучен договор Македонија да е партнер со Бугаринот Васил Божков, притворен мафијаш, коцкарски могул
„Сè уште молчат Владата и Артан Груби, молчи и директорот на Државната лотарија, Перпарим Бајрами, шефот на кабинетот на Груби, всушност, за скандалот, можноста Македонија да биде 15 години партнер со најголемиот бугарски мафијаш, притворен, човек со докази за контакти со Пригожин, човекот на Путин според бугарскиот обвинител, партнер, Македонија да ја направат партнер со човек од црната листа на САД заради криминал, корупција, подмитување министри и функционери за да му минуваат законите за коцкање во Бугарија!“, рече Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ај што молчи Груби, ај што молчат ДУИ и Владата, молчат и институции, како ЈО.
Фактите се следни:
По две години неуспешни обиди да го сменат законот за игри на среќа, Груби со владин потпис ѝ одобрува на Државната лотарија, каде што директорот е негов личен шеф на кабинетот, човек од доверба, за три нови лиценци на фирми за коцкање, фирми во ортаклак со Македонија.
Лотарија на Македонија објавува оглас на 11 септември со важење до 23 октомври! И во тој оглас се прави фоторобот на посакуваната коцкарница – да е странска, присутна на Балканот, да работи 8 години, да направила огромен капитал од онлајн-коцкање. Сè на сè, убаво стокмен оглас.
Според овој оглас, се упатува на бугарскиот коцкарски могул Васил Божков-Черепот.
Тој и дури 58 негови фирми поврзани со него од 2021 година се на црната листа на САД. Како најпознати коцкарници на интернет се 7777.бг, односно 8888.бг, и од 2021 година одат во рацете на друг, се верува близок на Божков, според пишувањето на бугарските медиуми, кој избега во Дубаи. Ова е информација од декември 2021 година, додека сега годинава, летово кога се враќа назад и е во притвор во Бугарија, тој ги презема повторно фирмите, ова е информација 9 август 2023 година, веројатно по системот на Ковачевски и Заев, чувари на фотелји.
Лотаријата и институциите мора да одговорат, од јавен интерес е дали веќе е склучен договор со фирма што е поврзана со Васил Божков, познат како Черепот во Бугарија?
Дали притисокот на Артан Груби и ДУИ за Законот за игри на среќа, да се промени Законот за игри на среќа, ваквите зафати со владин потпис на Артан Груби, дали зад нивната огромна заинтересираност за него постои и можност за огромна корупција, однапред договорен влез на фирмата, легализирано со можеби формален оглас сега од Лотарија на Македонија?
Македонија тоне во сиромаштија, а Владата ја интересираат само закони за марихуана и закони за коцкање и закон зад кој лежи огромен потенцијал за криминал и корупција! Само избори се спасот!“, изјави Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во домот на судија од Апелација пронајдени соѕидани 350.000 евра
Во рамките на опсежна истрага на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција иницирана откако на 14 декември беше осомничен адвокат поради сомненија за кривично дело – Примање награда за противзаконито влијание, во континуитет интензивно се преземаат дејствија што резултираа со проширување на постапката и кон судија, осомничен за Противправно стекнување и прикривање имот за кој постојат сомненија дека е прибавен меѓу другото со дејствија на корупција и трговија со влијание. Според информациите, се работи за судијата Ѓоко Ристов од Апелацискиот суд во Скопје.
„Врз основа на наредба што јавниот обвинител ја побара и обезбеди од надлежниот суд денеска беше извршен детален претрес на локација во Неготино, во домот на родителите на сега осомничениот судија, каде соѕидани во простор во ѕидот до овој момент се пронајдени 350.000 евра за кои постои сомнение дека биле незаконски стекнати и прикриени. Претресите и другите истражни дејствија продолжуваат, а јавноста ќе биде известена за натамошниот тек на постапката“, велат од Обвинителството.
Станува збор за една од најопсежните истраги поради сомненија за висока корупција во нашата држава до сега, која е поткрепена со информации и известувања од Агенцијата за национална безбедност. Дејствијата координирани од јавниот обвинител ги преземаат припадници на Одделот за борба против организиран криминал при Министерството за внатрешни работи и Управата за финансиска полиција, чија посветеност и професионален интегритет придонесе за успешно разоткривање и обезбедување докази за еден од најсериозните и најсложените облици на криминал.
Македонија
Мицкоски: Безбеден град веќе спасува животи, прекршоците намалени од 100.000 дневно на 3.000
Системот „Безбеден град“, кој официјално треба да профункционира од 1 февруари, веќе дава резултати во тест-периодот, изјави премиерот Христијан Мицкоски. Бројот на сообраќајни прекршоци и незгоди е значително намален, а со тоа и бројот на повредени и загинати лица во сообраќајот.
„Во јануари имаме уште поохрабрувачки бројки од декември – тоа значи повеќе спасени животи, помалку сообраќајни незгоди, и побезбеден сообраќај“, рече Мицкоски.
Додека во првите денови биле регистрирани и повеќе од 100.000 прекршоци дневно, сега таа бројка е сведена на 2.000 до 3.000.
Мицкоски одговори и на прашањето за заштитата на личните податоци на граѓаните во рамки на проектот. Тој најави дека ќе бидат потребни дополнителни усогласувања и протоколи, особено во првите три до шест месеци од имплементацијата.
„Никој не бил перфектен при стартот на овој проект. Сосема логично е да се вршат прилагодувања во текот на првите месеци. Но, најважно е што веќе се гледаат резултати“, рече премиерот.
Македонија
Уставниот суд веќе ја потврди законитоста на одлуките за вонредната состојба, му одговори Пендаровски на премиерот Мицкоски
Поранешниот претседател Стево Пендаровски му возврати на премиерот Христијан Мицкоски поради неговата изјава дека има основани сомнежи за уставноста и законитоста на одлуките за вонредна состојба што беа донесени во времето на пандемијата.
„Навистина мислев да не му давам значење на господинот Мицкоски, затоа што ја разбирам неговата потреба катастрофалните резултати од своето досегашно владеење да ги покрива со коментари за работи кои не ги разбира“, наведува Пендаровски во писмена реакција, додавајќи дека „за жал, на експертот за енергетика претходно не му ги објасниле неговите големи правници“.
Тој потсетува дека Уставниот суд уште пред повеќе од пет години потврдил дека одлуките за вонредната состојба се во склад со Уставот и законите.
„Уредбите со законска сила ги носеше и ги имплементираше Владата. Дали таму имало злоупотреби, тоа државните институции, кои сега се под тотална контрола на Мицкоски, можат да го проверат кога сакаат, ако сакаат“, додава поранешниот претседател.
Тој истакна и дека сите одлуки за прогласување на вонредна состојба биле доставени до Собранието веднаш по завршувањето на секоја вонредна состојба.
„Мене ми е јасно дека и ова образложение нема да го спречи Мицковски да продолжи неосновано да обвинува и клевети, затоа што тоа е, за жал, единствениот начин на кој е научен да владее“, заклучува Пендаровски.
Изјавата на Пендаровски следи по денешниот коментар на премиерот Мицкоски, кој го повика Обвинителството да постапи по допрен глас поради наводите на хирургот Жан Митрев дека во времето на вонредната состојба, тогашната власт, предводена од СДСМ, односно премиерот Зоран Заев и тогашниот министер Венко Филипче сакале да ја преземат неговата приватна клиника. Мицкоски во таа пригода посочи дека „се случувале мафијашки упади“ и дека некои од уредбите што биле носени сè уште не се разгледани од страна на Собранието, со што, според него, има сомнежи и за одговорност на поранешниот претседател Пендаровски.

