Македонија
(Видео) Стоилковски: Директорка на клиника овозможила тендери за компанијата на татка си
Нема крај на скандалите и аферите поврзани со сомнежи за криминал, корупција и исцицување на државниот буџет од власта на сметка на осиромашување на граѓаните. Незаменливоста на тимот на Зоран Заев, предводникот на правосудните реформи, аболициран и помилуван за два криминално коруптивни случаи, Глобал и Поткуп, ги отвори портите за неказнивост и со тоа целосна незапирливост во криминални дејства на луѓето блиски до власта, изјави Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, незаменливоста кај Заев, Филипче веројатно ја разбира како опција за набавки во четири очи, од кои две се или негови или очи на негови блиски.
,,Не стивнува аферата по која и ОЈО започна постапка, за крвавите тендери и за можен организиран криминал за набавките во четири очи од 400.000 евра, а веќе во јавноста пламнува нова афера за три тендери тешки повеќе од 3 милиони евра префрлени од Клиниката за хематологија на веледрогеријата „д-р Пановски“.
Доколку тоа што Директорката на клиниката, Ирина Пановска Ставридис е ќерка на Златко Пановски, сопственикот на веледрогеријата добитник на тендерот, не е злоупотреба на службена положба и корупциски скандал, власта да објасни на јавноста за што станува збор? Ова е директен судир на интереси на штета на буџетот. Ќерката директор на клиниката овозможува тендери за компанијата на татка си, и тоа во три наврати во период од септември лани до мај годинава. На сајтот на Бирото за јавни набавки се прикажани сите три договори меѓу Клиниката за хематологија и веледрогерија „д-р Пановски“, но, како јавија и медиумите, документите за две од трите постапки ги нема, а на достапниот договор наместо ќерката-директор, потпишани се овластени потписници”, рече Стоилковски.
Тој додава дека министерот Филипче залудно се крие од одговорност, кога самиот тој ја поставил ќерката на Пановски за директор, иако уште тогаш во јавноста се говореше за конфликт на интереси заради врската меѓу министерот со директорката на клиниката за хематологија.
,,Колку што му е на Заев за судските реформатор, а на Анѓушев за иновациите, толку му е на Венко Филипче до јавното здравство! Никој во власта не мисли на скандалот „Крвави тендери“ тежок 35 милиони евра, ниту набавките тешки 400.000 евра за кои испитува ОЈО. Веројатно незаменливоста и наводните правосудни реформи ќе го сторат своето. Во меѓувреме секојдневно го исцицува македонското здравство сомнително префрлајќи пари на сметки на неговата љубена и нејзината компанија. Притоа пак, таа без ужива во пренесената неказнивост и незаменливост и без проблем управува со една од универзитетските клиники, набавувајќи лекови од семејната компанија, со огромна можност за нови злоупотреби! Заев и Филипче мора да одговорат дали Клиниката за хематологија се претвора во приватна клиника на Пановски?”, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба Мицкоски-Зеленски: Само праведен мир носи стабилност
Премиерот Христијан Мицкоски во Минхен оствари средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, со кого, како што објави, разговарале за актуелните безбедносни предизвици во Европа, за потребата од единство и солидарност, но пред сè, за праведен мир.

– Веруваме дека мирот мора да биде изграден врз правда, почитување на достоинството на народите. Само таков мир носи стабилност и сигурна иднина за Европа, напиша Мицкоски во објава на Фејсбук.

Мицкоски и Зеленски разговарале и за продлабочување на соработката, економска размена и поддршка во процесите за напредок на државите.

– Напредокот е можен кога има визија, храброст и јасна определба. Македонија ќе продолжи да биде глас на разумот, партнер на стабилноста и поддржувач на праведниот мир, порачува Мицкоски.

На вториот ден од 62-та Минхенска безбедносна конференција Мицкоски оствари средби со Ричард Гренел, специјален пратеник на претседателот на САД Доналд Трамп за специјални мисии, со холандскиот премиер Дик Схоф, со Џаред Коен, претседател за глобални прашања и ко-раководител на Глобалниот институт Голдман Сакс и со Тед Дојч од Американско-еврејскиот комитет.
Македонија
Пациенти со хемофилија со месеци без „фактор 8“, се бара одговор од МЗ
Од Левица велат дека пациентите со хемофилија повеќе од шест месеци се без неопходниот лек „фактор 8“ поради нераспишан тендер, што, според нив, ги доведува во сериозна здравствена состојба.
Пратеничката Јована Мојсоска преку социјалните мрежи се обрати до министерот за здравство Азир Алиу и директорот на Институтот за трансфузиона медицина Амир Елези, потсетувајќи дека на седница за пратенички прашања било најавено дека лекот ќе биде обезбеден.
Според неа, пациентите со хемофилија живеат во тешки услови додека го чекаат лекот, а добила и повик од лице кое подолг период е врзано за кревет поради недостиг од терапија.
Мојсоска прашува кој ќе сноси одговорност доколку настанат сериозни последици по здравјето на пациентите поради пролонгирањето на постапката.
Македонија
Трипуновски: Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци
Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци што егзистираат од земјоделство. Вака одговори денеска министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, на новинарско прашање, по закројувањето винова лоза во Кавадарци, во чест на празникот Свети Трифун, што се смета за заштитник на лозарите и винарите.

На новинарско прашање околу реакцијата дека годинава субвенции ќе добиваат лозари со над пет декари лозје, министерот одговори дека нема кратење на субвенции.
– Имаме сериозна и навремена поддршка и реформи во земјоделскиот сектор, што ќе значат сериозно зголемување на продукцијата. Она што е новина можеби во програмата за 2026 година, е, јасната распределба. Приоритет ќе добијат вистинските земјоделци, што егзистираат од тоа. Во изминатите години се воочени таканаречени ловци на субвенции, кои не обработуваат земјоделски површини, а сакаат да бидат корисници на субвенции. Ова сметам дека не е ниту фер кон вистинските земјоделци, ниту пак е законски. Затоа оваа година најавуваме дека ќе имаме сериозна контрола на терен, за парите да завршат кај вистинските лозари, земјоделци, што се многу важни за економијата и руралната средина, појасни министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во новата програма се предвидувало, минималната површина да биде 0.5 хектари, за да се биде корисник на земјоделски субвенции. Трипуновски подвлече дека земјоделството е еден од приоритетите.
Запрашан кога ќе бидат одблокирани средствата од ИПАРД програмата, тој рече дека платежната агенција со новиот менаџерски тим, работела на отстранување на сите забелешки што биле нотирани и оти се очекува многу бргу агенцијата да почне нормално да функционира. Агенцијата, посочува тој, и сега работи нормално, со тековните плаќања во делот на субвенции и во врска со ИПАРД апликации.
На новинарско прашање, тој информираше дека за оваа година, веднаш по носењето на програмата, традиционално пред овој празник, вчера биле исплатени субвенциите кон лозарите. На над 12 500 лозари, исплатени биле речиси осум милиони евра. На почеток на наредна недела, најавува исплата на субвенците и за овоштарите.
Трипуновски уверува дека навремено се исплаќаат и ќе се исплаќаат сите субвенции.
Министерот рече дека на денешниот празник ја негуваме традицијата и културата во делот на една од нашите најдобри и најголеми земјоделски култури, лозаропроизводството. Им оддаваме почит на нашите лозари кои произведуваат квалитетно грозје, а нашите винарски визби прават квалитетно вино, коешто е наш амбасадор.
– Како Влада и Министерство остануваме посветени да ја поддржуваме оваа гранка и да ја развиваме оваа битна земјоделска култура, истакна министерот за земјоделство.
Во најголемиот лозаровинарски регион во државата, посака здравје и бериќет, а трудот на земјоделците да биде вреднуван.

