Македонија
Стојановски: Најавуваме жестока дискусија и аргументирана расправа за одбрана на интересите на студентите
Денес, на Комисијата за финансирање и буџет како единствена точка на дневен ред е спорниот предлог-закон за субвенциониран студентски оброк, поднесен од страна на владејачкото мнозинство.
„Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, пред почетокот на Комисијата, сакаме да ја информираме јавноста дека за овој предлог-закон ќе поднесеме два клучни и суштински амандмана, преку кои уште еднаш ќе се обидеме да ја одвратиме власта од својата намера и да ја извадиме на површина нивната лажна грижа за студентите. Првиот амандман е за зголемување на средствата за студентски оброк од 120 денари, како што предлага мнозинството, на 160 денари, а вториот е за продолжување на рокот до крајот на учебната година наместо до март 2023 година, како што предлага мнозинството.
Јавноста и студентите мора да знаат дека овие наши предлози колегите пратеници од мнозинството во изминатите денови ги одбија. Но, еве уште една можност за власта да се вразуми и да ги прифати нашите амандмански интервенции на предлог-законот за субвенциониран студентски оброк.
Доста е од разноразни лажни работни групи, средби, преговори, договори и преддоговори. Сега е време власта да покаже на дело дали за нив студентите се на врвот на приоритетната листа или се наоѓаат на самото дно заедно со другите групи и категории граѓани“, изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата најави жестока дискусија и аргументирана расправа за одбрана на интересите и потребите на студентите. Токму затоа ја повикуваме власта да се вразуми и да ги прифати нашите предлози и забелешки, порача Стојановски.
Власта барем денес, на Меѓународниот ден на студентите, мора да сфати дека студентите се темелот на иднината на државата. Власта барем денес мора да покаже дали заложбите и намерите им се искрени и вистински или, пак, празни и лажни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Спасовски ја загрозил безбедноста на граѓаните, автобусот на „Беса Транс“ имал технички преглед во станицата во Сарај
ВМРО-ДПМНЕ денеска го обвини поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски дека наместо да ја штити безбедноста на граѓаните, ја загрозил, посочувајќи дека станицата за технички преглед во Сарај, за која постоел извештај со утврдени нерегуларности, продолжила да работи и остварила незаконски профит.
Според соопштението, Спасовски не ги презел мерките што бил должен да ги преземе и не ѝ го одзел овластувањето на станицата во законскиот рок, иако постоел официјален извештај за неправилности. Наместо навремена реакција, се наведува дека биле потребни три месеци, во кои фирмата, како што тврдат од ВМРО-ДПМНЕ, остварила незаконски профит од 5,5 милиони денари, односно околу 90.000 евра.
Од партијата нагласуваат дека автобусот на „Беса Транс“, кој бил вклучен во сообраќајната несреќа во Бугарија во која загинаа 45 лица, имал извршен технички преглед токму во оваа станица во Сарај. Според соопштението, лиценцата на станицата била одземена три дена по трагедијата.
Во реакцијата се поставуваат прашања дали трагедијата можела да биде спречена доколку Спасовски реагирал навреме, дали постоел некаков договор со фирмата поради кој законската постапка била игнорирана и дали одземањето на лиценцата било направено поради чувство на вина по несреќата.
ВМРО-ДПМНЕ оценува дека вакви, како што наведуваат, тешки институционални пропусти не смеат да се повторуваат и побара правда и одговорност за, како што велат, загрозувањето на безбедноста на граѓаните.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Филипче се претставува како противник на мигрантите, а во 2018 туркал камп во Бардовци
ВМРО-ДПМНЕ денеска го обвини претседателот на СДСМ, Венко Филипче, дека јавно настапува како противник на мигрантите, додека за време на владеењето на СДСM, заедно со поранешниот премиер Зоран Заев, водел политика за населување мигранти во Македонија.
Во соопштението се наведува дека во периодот на владеење на Сoцијалдемократскиот сојуз постоела, како што тврдат, партиска и државна политика за носење мигранти, при што се посочува дека во 2018 година бил усвоен План за изградба на мигрантски камп во населбата Бардовци.
Според ВМРО-ДПМНЕ, одлуката за изградба на кампот е објавена во Службен весник во 2018 година и се однесува на имот со Имотен лист број 2140 за катастарската општина Бардовци.
Од партијата тврдат дека СДСМ и Филипче, и покрај, како што наведуваат, јавно изнесените деманти дека во Македонија ќе се носат мигранти од Велика Британија, продолжуваат да конструираат приказни и да шират паника меѓу граѓаните.
Во соопштението се поставуваат прашања до Венко Филипче и Зоран Заев за тоа колку мигранти биле подготвени да примат и каков профит би оствариле од таков чекор, како и зошто, според ВМРО-ДПМНЕ, континуирано ја актуелизираат темата со мигрантите.
На крајот, од ВМРО-ДПМНЕ повикуваат СДСМ и Филипче да престанат со, како што наведуваат, ширење паника и да се посветат на внатрешни партиски реформи, додавајќи дека „единствени мигранти во Македонија се партиските мигранти на СДС кои заминуваат во други партии“.
Македонија
СДСМ: За мигрантите мора да одлучува Собранието, а не општините
Собранието, а не општините, мора да одлучува за прашањето со мигрантите, соопшти денеска СДСМ, оценувајќи дека премиерот Христијан Мицкоски со денови одбива јасно да одговори дали ќе ја потпише предложената резолуција со која, како што наведуваат, треба да им се гарантира на граѓаните дека во Македонија нема да има прифаќање мигранти за пари.
Од СДСМ наведуваат дека наместо директен одговор, Мицкоски најавува локални иницијативи преку советниците на ВМРО-ДПМНЕ во одредени општини, што според партијата е обид темата да се префрли од државно на локално ниво.
„Зошто Мицкоски не го споменува Собранието, туку зборува за општини? Собранието е највисокиот орган на државата и е составено од пратеници директно избрани од народот. Затоа резолуцијата е народен договор“, се наведува во соопштението.
Од СДСМ посочуваат дека Собранието е над општините и има надлежност да спречи прифаќање мигранти на целата територија на државата. Во соопштението иронично се додава дека „добро е што премиерот не најавил иницијативи на ниво на месни заедници“.
Партијата уште еднаш го повика премиерот Христијан Мицкоски јасно да се изјасни дали ќе ја потпише резолуцијата, наведувајќи дека од него се бара едноставен одговор – „да“ или „не“, и тоа, како што велат, не до СДСМ, туку до граѓаните.
Вчера, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, соопшти дека опозицијата се обединува против, како што беше наведено, тајните договори на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за прифаќање мигранти. Филипче информираше дека на негова покана се одѕвале претставници на сите партии од опозициската коалиција, кои разговарале за договор за мигранти со Велика Британија.
Тој изјави дека сите учесници се согласиле оти ваквиот модел претставува голема опасност за државата и нагласи дека резолуцијата за прекин на процесот за примање мигранти не е партиска, туку државничка и граѓанска иницијатива.
Од друга страна, премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера изјави дека мигрантски кампови нема да има и најави дека советниците на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесат иницијативи до советите во општините за усвојување документи со кои ќе се забрани формирање мигрантски кампови на нивните територии.
Тој го обвини СДСМ дека свесно шири страв и паника кај граѓаните, посочувајќи дека Владата и надлежните институции повеќепати ги демантирале ваквите тврдења.

