Македонија
(Видео) Стојаноска: Власта не ја свикува Комисијата за избори и именувања затоа што нема мнозинство
Ова Собрание тешко функционира по локалните избори затоа што има измени во собраниските комисии, каде што на три комисии треба да им се променат претседателите, а на 15 од 21 треба да има промени во однос на членовите и замениците бидејќи има нова состојба со пратениците, обвини Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ.
„Затоа, најитно треба да се свика Комисијата за прашањата на избори и именувања, а владејачкото мнозинство не ја свикува затоа што нема мнозинство во неа и со тоа сѐ е закочено“, изјави пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска, на денешната седница на собраниската Комисија за труд и социјална политика.
Таа потсети дека претходно на СДСМ не му сметаше кога во опозиција имаше мнозинство во истата комисија.
„Се повикуваат на собраниска пракса само кога тоа исклучиво ним им одговара. Многу закони чекаат да бидат ставени на ред, но ова парламентарно мнозинство селективно дејствува и селективно се вади. Тоа се нивните двојни аршини, кога им одговара, се повикуваат на една собраниска пракса, кога не им одговара, кажуваат дека не може така. Еве ние како опозиција се согласивме оваа Комисија за труд и социјална политика да биде свикана затоа што има битен закон за минималната плата. Но, и други закони чекаат добра волја на власта“, рече Стојаноска.
Таа нагласи дека ова е доказ оти Собранието не е блокирано од страна на пратениците на опозицијата, туку власта сама си го блокира како што ќе се договори и како им одговара.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Минусни температури низ целата земја, на Попова Шапка измерени -16 степени
Утрово најстудено било на Попова Шапка кадешто се измерени -16 степени целзиусови, -14 било во Mаврови Анови, -13 во Kрушево, -12 во Пожаране, -11 во Крива Паланка, -10 Ѓуриште, Берово, -9 Тополчани, Битола, Прилеп, Охрид, -8 Виница, Претор, Тетово, Струмица, -7 Скопје-Петровец, -6 Штип, Демир Капија, -5 Скопје-Зајчев Рид, Куманово, Кавадарци, Велес, -1 Гевгелија.
Висината на снежната покривка измерена во 7 часот утрово изнесува 26 сантиметри на Попова Шапка, 15 Крушево, 5 Ѓуриште, 2 Тетово и Берово.
Времето денеска
Променливо облачно. Ќе дува слаб до умерен, а наместа долж Повардарието и во источните делови повремено засилен ветер од северен правец.
Максималната температура ќе биде во интервал од -4 до 3 степени.
Во Скопје, претежно сончево. Ќе дува слаб до умерен, а претпладне во делови од котлината повремено засилен северен ветер. Максималната температура ќе достигне до 1 степен.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места со мали остатоци од кашест снег на коловозот
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП Македонијапат.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Мицкоски е во паника, опозицијата освои двојно повеќе гласови од власта, велат од СДСМ
„Мицкоски мора да е во голема паника штом свика прес конференција да се пофали дека опозицијата освоила повеќе гласови од владејачките партии“, велат од СДСМ.
„Дури и со сите можни злоупотреби на институциите и притисоци, кандидатите за градоначалници од опозициските партии освоија двојно повеќе гласови од кандидатите на владејачките партии.
Опозицијата освои двојно повеќе гласови, 21.394 гласови а власта само 12.534 гласа. Заклучокот е едноставен, власта на ВМРО, ВЛЕН и ЗНАМ загуби вечерва и тоа убедливо“, соопшти СДСМ.

