Македонија
(Видео) Стојаноски: ФИТР ѝ дава 65.000 евра грант на „Електра солушн“ еден ден по добивањето лиценца
Артан Груби и Димитар Ковачевски се вплеткаа во сопствените лаги. Фамозната „Електра солушн“, која, според власта, првин беше локален партнер, стана главен столб на проект со 8,3 милиони за неа од вкупно 22-милионскиот тендер, изјави на денешната прес-конференција Бојан Стојаноски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
Тој додава дека „Електра солушн“ не само што нема искуство, бидејќи е фирма за производство на долна облека која во последен момент се префрла во градежништво, туку и за лиценцата за надзор поднесува барање 12 дена по распишување на повикот за доставување на понудите, а ја добива 5 дена потоа.
Според Стојаноски, брзината со која „Електра Солушн“ се вклопува во новиот бизнис и станува миленик на власта не застанува тука. Имено, еден ден откако истата добива лиценца за надзор, таа добива грант од Фондот за иновации од 65.000 евра за проект „Дигитално решение за управување со градежни проекти“.
„Електра Солушн“ од фирма што нема никакво искуство од надзор, преку ноќ станува експерт и од фирма за производство на долна облека наплатува 65.000 евра за наводна иновација на програма, која очигледно ќе ја користат при надзорот.
Како што истакна Стојаноски, Ковачевски и Груби не само што проектот за надзор го дале на фирма што нема никакво искуство при надзор, не само што таа преку ноќ вади лиценца, туку и со буџетски пари наплаќа алатка за надзор.
Јавното обвинителство не смее да остане пасивно. Власта првин тврдеше дека надзорот ќе го вршат странски експерти, а домашните се само локална помош, за на крајот, да се утврди дека главен играч околу кој се врти целиот тендер е фирма што произведувала долна облека, а за лиценца за надзор поднесува барање дури по распишувањето на огласот за поднесување понуди за надзорот на коридорите 8 и 10Д и за ден потоа да добие и грант, рече Стојаноски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради сообраќајка во прекин сообраќајот на патот Битола-Државна граница со Грција
Во 20:00 часот на крак А-3 Битола – Државна Граница со Р.Грција во близина на крстосница за с.Бистрица и с.Оптичари, случена е сообраќајна незгода, поради што сообраќајот на патниот правец Битола – Држ. граница е во прекин и истиот ќе се пренасочи низ.с.Бистрица и с.Породин соопшти АМСМ.
Македонија
Сиљановска-Давкова со Ахмет бин Мохамед Ал Џарван: мирот и толеранцијата се императивни претпоставки за демократија
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ахмет бин Мохамед Ал Џарван, претседател на „Глобалниот совет за толеранција и мир“, во придружба на неговите соработници.
Информирајќи дека семејството на пријателите на „Глобалниот совет“ постојано се проширува, Ал Џарван потенцираше дека стотина парламенти, ширум светот, потпишале меморандуми за соработка со оваа препознатлива и почитувана институција.
Тој, во парламентарната демократија и во меѓукултурниот дијалог препознава мировни механизми за промоција и гаранција на мирот и толеранцијата на сите нивоа и во сите средини.
Претседателката ја поздрави хуманата мисија на Глобалниот совет, истакнувајќи дека е добредојдена и делотворна во амбиент на сериозни безбедносни закани.
За неа, Меморандумот за соработка, којшто деновиве го потпиша Глобалниот совет со македонското собрание е чекор напред во одбраната и поттикнувањето на хуманите цели на човештвото, без оглед на разликите по било кој основ.
Таа особено се радува на потпишаниот договор за стипендии на студенти од Правниот факултет „Јустинијан Први“, нејзината матична институција, како охрабрувачки за најдобрите студенти, но и оние со лоша материјална положба и неопходна потреба од финансиска помош.
За соговорниците, мирот и толеранцијата се императивни претпоставки за демократија, развој и просперитет во национални, регионални и меѓународни рамки.
Македонија
(Видео) Во Ресенско поплавени над 50 куќи, магацински простори и земјоделско земјиште, состојбата се следи во сите засегнати региони, соопшти ЦУК
Поради обилните врнежи, на подрачјето на Општина Ресен дошло до излевање на Болнска и Источка река во селата Царев Двор и Дрмени, при што се поплавени над 50 куќи, магацински простори, визби и земјоделско земјиште, соопшти Центарот за управување со кризи.
„Поплави се евидентирани и кај с. Долна Бела Црква од излевањето на Голема Река, чиј моментален водостој изнесува 210 см.
Ангажирани се екипи на јавните претпријатија, „Македонија пат“, ЈКП „Пролетер“, како и приватни машини – вкупно 7 пумпи за испумпување вода и повеќе багери за расчистување и интервенции. Во населбата Црквиште се користат сите расположливи пумпи за санација на поплавените објекти.
ЈП “Македонија пат“ информира дека на повеќе делници има наноси од земја, кои се расчистуваат по приоритет“.
Директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамед Али, нагласуваат од ЦУК, е во постојана координација со градоначалниците на засегнатите општини.
„Поради обилните врнежи во повеќе региони низ државата се зголемени водостоите на реките, а има и поплавени терени, подруми и земјоделски површини. На терен се ангажирани екипи на јавните претпријатија, механизација и приватни компании за испумпување вода, расчистување и интервенции.
Состојбата, според ЦУК се следи во сите засегнати региони: Ресен, Битола, Демир Хисар, Охрид, Крива Паланка и околината.
„Дежурни екипи остануваат на терен и во текот на ноќта, а Центарот за управување со кризи будно ја следи состојбата и за понатамошни интервенции“.
Фото: принтскрин

