Македонија
(Видео) Стојчевски: Лефков е симбол на сѐ погрешно во ВМРО-ДПМНЕ, сее лаги, а молчи за Кочани

Додека Македонија гори, прва во Европа по изгорена територија Миле Лефков и ВМРО-ДПМНЕ лажат, манипулираат и спинуваат за да ја покријат својата непособност. Човекот кој месеци молчеше и се криеше од сопствените сограѓани во Кочани, сега повторно излегува да сее лаги, да манипулира и да спинува, кажа на прес-конференција Трајче Стојчевски претседател на СДММ.
Тој праша, со кое лице и зошто Миле Лефков денес се појавува а после трагедијата во дискотеката „Пулс“ го снема.
„Дали затоа што бил чест гостин? Дали си правел прослави, забави, а не плаќал? Или како што јавно се зборува затоа што наводно бил на платен список кај еден од сопствениците? Како член на локалниот Совет за превенција во Кочани, Миле Лефков знаел што се случува во дискотеката во Пулс. Ама молчел. Нека излезе пред граѓаните и нека каже зошто молчел и кого штител“, повика Стојчевски.
Како што кажа, Лефков не донирал ниту денар за настраданите во Кочани. Напротив, вели тој, јавно тврдеше дека со Законот за помош на семејствата се „рушел правниот поредок“.
„И сега, истиот тој Лефков, лажно обвинува од прес-сала, покажува монтирани фотографии и се надева дека граѓаните забораваат.
Наместо да се крие зад фабрикувани лаги на партиски прес-конференции, Миле Лефков нека излезе пред граѓаните и нека одговори. Нека се соочи со вистината. Ова не се прашања на СДСМ. Ова се прашања на народот. Прашања на совеста“.
Според него, Лефков е симбол на сѐ што не смее да биде македонскиот пратеник: бегство, ароганција, молк за вистината и партиска лојалност пред човечка совест.
„Но Лефков има еден голем проблем – граѓаните не забораваат“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Филипче од Крушево: Илинден е нашиот темел – заедно да ја продолжиме борбата за Македонија

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче денеска од Крушево го честита 2 Август, Денот на Републиката – Илинден.
„Го честитам празникот Илинден од историското и храбро Крушево, од каде што тргна револуцијата, од каде што тргна големата борба, епопејата за слободна, независна држава. Денеска ги славиме и двата Илиндени, и тој од 1903-та и тој од 1944-та и АСНОМ. Мора прво да се присетиме и да оддадеме признание на сите жртви коишто со својата крв, со својата жртва се вградија во темелите на нашата модерна држава. Тие ја започнаа борбата за да од една сиромашна, полуфеудална и неразвиена земја ние сега живееме денеска во модерна и развиена држава“, кажа Филипче.
Тој додава дека „нашата мирновременска борба не е завршена, дека мораме уште многу напорно да работиме, да конечно станеме дел од Европа каде што припаѓаме, и цивилизациски, и културно, и географски“.
„Сите заедно мора да работиме и да ги оставиме настрана и поделбите и квалификациите на патриоти и предавници, затоа што вистински патриотизам е само унапредување на нашата држава“, истакна претседателот на СДСМ.
Македонија
Kостадиновски: Нашето современо илинденско наследство е вистинската посветеност на владеењето на правото и правната држава

Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, упати честитка по повод Денот на Републиката, 2 август – Илинден.
„Денес, 122 години од Илинденското востание и 81 година од Првото заседание на АСНОМ, со воодушевеност си припомнуваме за епохалните победи и незаборавените жртви на нашите илинденци, на создателите на нашата Република.
Илинден е вечна инспирација за современа и праведна држава, симбол на визионерство и непокор, но и потсетник за должноста којашто ја имаме кон нашите предци и иднината којашто им ја должиме на нашите деца.
Чекориме во слободна држава, во земја која ги слави и возвишува идеалите на патриотизмот преку слободно и достоинствено живеење.
Чин на највисок патриотизам денес претставува вистинската посветеност на владеењето на правото и градењето на правната држава. Тоа е нашето современо илинденско наследство.
Да продолжиме со истиот жар и стремеж за правда, секој од нас да ја исполни обврската кон илинденците и никогаш да не згасне борбата за просперитетна, прогресивна, но пред сè правна држава!
Нека ни е честит Денот на Републиката!
Честит Илинден!“, стои во честитката на Костадиновски.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Илинден е ден на обединување, ден кога сите треба да се поклониме пред минатото и да се заветиме за иднината

ВМРО-ДПМНЕ упати честитка по повод Илинден.
„Илинден е симбол на нашата непокорност, заветот на Крушево и борбата на партизаните за слободна Македонија. Тоа е ден кога се преклопуваат идеалите на сите генерации кои сонуваа за држава своја, слободна и праведна.
Илинден е и Крушевската Републикa, замислена како дом на сите луѓе, без разлика на вера и народност. Илинден е и АСНОМ, темелот на современата македонска држава, каде што повторно се повтори истиот идеал: Слободна Македонија, за македонскиот народ и за сите нејзини граѓани.
Денес, на нас е да ја чуваме слободата, да ја унапредуваме демократијата, да ја развиваме државата. И тоа во услови кога има многу предизвици, негаторски политики и разлилни пропаганди.
Илинден е и ден на обединување.Тоа е ден кога сите треба да се поклониме пред минатото и да се заветиме за иднината.
Нашата мисија е јасна, Македонија мора да победи. Да ја вратиме правдата, да го зачуваме идентитетот, да ја изградиме државата која ќе биде дом на достоинството и просперитетот. Илинден е најголемата вистина која живее, епопејата на народот за слобода и своја држава.
Честит Илинден!
Да живее Македонија!“, стои во честитката на ВМРО-ДПМНЕ.