Македонија
(Видео) Судски совет им го врати ударот на судиите кои не му веруваат: Интегритетот им е доведен во прашање
Алармантен податок е дека ниту судиите не веруваат во судството односно Судскиот совет, смета Сашко Георгиев, претседател на ова тело. Лично ги слушнал резултатите од анонимната анкета. Им замери на колегите кои учествувале во неа и посочиле дека Судскиот совет е подложен на влијанија, бидејќи истите не ги пријавиле. Им порача дека ако немаат доверба во советот, тогаш да пријават во другите институции.
„Лично јас бев присутен на оваа трибина. Го слушав тоа. Тоа било за 2022 година. Тука беше наведено дека за некои влијанија од претседатели на судови, од повисоки судови, па и од членови. Сето ова е за мене податок на кој му давам значење. Ги охрабрувам и повикувам судиите, кои биле анкетирани, пријавиле анонимно дека имале влијанија и притисоци од членови на Судски совет, претседатели на судови, слободно нека пријават. Како порака до колегите судии – ги охрабрувам дека таквата состојба е алармантна, се согласувам. И ако ја чувствуваат, има Обвинителство, слободно нека пријават“, рече Георгиев.
Новинарите му посочија претседателот дека судиите не можат да пријават во Судскиот совет бидејќи во него има влијанија, тој е оцрнет и не му веруваат.
„Можат да пријават во Обвинителство, во други надлежни институции. Во секој случај нека пријават, па да видиме како ќе постапиме. Ако не постапиме, тогаш одговорноста е на Судскиот совет, немам дилема“, додаде Георгиев.
Тој го доведе во прашање интегритетот на судиите, кои пак, се избрани од Советот со кој тој раководи.
„Се доведува во прашање интегритетот на судиите. Тие анонимно пријавуваат аномалии, а од друга страна да не ги истакнат ваквите аномалии, сами на себе си препишуваат дека немаат доволно храброст. Нека пријават со име и презиме, а не вака, анонимно.. Треба точно да се знае“, посочи претседателот на Судски совет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Младеновска: Власта тера луксуз и тендери, а крати 3 милиони евра за болните од ретки болести
Додека власта се расфрла со луксуз, брои летови со владиниот авион, патувања на море и милионски тендери, крати пари каде што не смее.
Следни на удар на оваа забегана и корумпирана власт се болните од ретки болести, истакна Рената Младеновска, членка на Извршниот одбор на СДСМ.
„Парите од програмата за ретки болести се скратени за 180 милиони денари, односно околу 3 милиони евра. Нема 3 милиони евра за пациентите, ама има за авион, за 161 тендер за една фирма, 51 тендер за друга, 74 за трета, има 1,2 милиони евра за фирмата блиска до ЗНАМ и тендер преку пошта. Нема за плати, нема за земјоделци, нема за болни. И тоа додека бројот на пациенти со ретки болести расте, владата буџетот го намалува.
За Владата, како што рече, тоа можеби е само бројка во табела. Но, за пациентите, според неа, тоа е терапија што може да доцни, лек што може да недостига, третман што може да се прекине.
„Регистарот за ретки болести брои 1.093 пациенти. 240 од нив се деца до 14 години.
Ова не се бројки, туку тажни човечки судбини, дечиња, родители кои собирале пари, оделе од болница во болница, живееле во страв дали терапијата ќе стигне навреме.
За овие семејства секој ден е борба. За нив, здравјето не е политика – туку живот.
Кај ретките болести, доцнењето значи влошување, а понекогаш и неповратна штета“.
Како што оцени, со вакви кратења за 3 милиони евра, Владата директно ги доведува во ризик овие пациенти. Ова е неправда која мора веднаш да се исправи.
СДСМ, додаде таа, бара итно и неодложно зголемување на парите за програмата за ретки болести, најмалку на нивото од минатата година, со дополнителни средства согласно зголемениот број пациенти.
„Време е да се прекине луксузот на власта и да се поддржат најранливите“.
Македонија
Полицаец возел без положен испит за возачка, одземено му е оружјето и упатен е на психијатриски прегед
Одделот за внатрешна контрола поведе постапка против еден полицаец кој возел автомобил без да има положено за возачка. На полицаецот му е одземено оружјето и е упатен на задолжителен психијатриски и психолошки преглед.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против Ѓ.К. поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,безобѕирно управување со моторно возило“.
„Пријавениот Ѓ.К., на работно место „полицаец“ во Одделот за заштита на определени личности и објекти, на 06.02.2026 на ул. „Даме Груев“ во Скопје управувал патничко возило „сеат алтеа“ без положен возачки испит, при што како учесник во јавниот сообраќај без да поседува возачка дозвола за управување со моторно возило не се придржувал до прописите за безбедноста во сообраќајот, со што управувал моторно возило на безобѕирен начин“, соопшти МВР.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди против Ѓ.К. поднесе предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност и изрече задолжителни мерки одземање на службеното оружје и муницијата и упатување на задолжителен психијатриски и психолошки преглед.
Македонија
Андоновски: Дигиталната трансформација мора да стигне до секој граѓанин
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска во Кочани порача дека дигиталната трансформација мора да се спроведува рамномерно и да стигне до секоја општина и до секој граѓанин, преку конкретни и практични проекти што директно го подобруваат секојдневието.
На промотивниот настан за иницијативата WiFi4WB – WiFi за Западен Балкан, министерот истакна дека целта е да се обезбеди подобра дигитална поврзаност токму таму каде што граѓаните секојдневно се движат, учат, работат и се дружат – во јавни простори како плоштади, паркови, библиотеки, училишта и културни институции.
„Кога бев тука претходно, зборувавме за потребата Кочани да добие бесплатни интернет зони и јасно кажавме дека овој регион ќе биде меѓу нашите приоритети. Денес со поддршка од нашите пријатели тоа го претвараме во дела. Она што го ветивме – како и многу пати досега – го испорачуваме. Со иницијативата WiFi4WB обезбедуваме бесплатен јавен Wi-Fi во 64 општини низ државата. Тоа значи бесплатен интернет пристап во јавни простори – плоштади, паркови, библиотеки, училишта и културни институции – каде што граѓаните најмногу имаат потреба од поврзаност£.
Министерот посочи дека ваквите проекти се дел од пошироката заложба на институциите дигиталните услуги и можности да бидат подеднакво достапни, без разлика дали граѓаните живеат во Скопје или во помалите општини.
Во рамки на настанот се обратија и градоначалникот на Општина Кочани, Владко Грозданов, претставници на Делегацијата на Европската Унија, Амбасадата на Сојузна Република Германија, Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) и Македонски Телеком. Беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу ГИЗ и Општина Кочани, по што следеше и официјално активирање на WiFi мрежата.
Андоновски најави дека наскоро Кочани ќе добие нов Центар за услуги и дека Министерството продолжува со активности и проекти што ќе ја забрзаат дигиталната трансформација на локално ниво, со фокус на реални придобивки за граѓаните и општините низ целата држава.

