Македонија
(Видео) Талески: Власта одби 100 денари линеарна субвенција, Мицкоски, Трипуновски и ДПМНЕ ги изневерија тутунарите
Власта на Мицкоски, Трипуновски и ДПМНЕ ги изневерија тутунарите и ги оставија на цедило. Иако ветуваа повисоки откупни цени, тутунот сега се откупува по делеку помали цени. Откупните цени на тутунот оваа година се пониски од ланските. Прва класа се откупува за 375 денари, втора класа за 300 денари, трета класа – 240 денари, и дополнителна класа – 115 денари. Овие цени се многу пониски од лани и не ги покриваат зголемените производствени трошоци на тутунарите, нагласи на прес-конференција Миле Талески, пратеник на СДСМ.
Токму затоа, додаде тој, пратеничката група на СДСМ достави законско решение за 100 денари линеарна субвенција за тутунарите за сите класи.
„Без око да им трепне, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ вчера во Собранието го одбија ова Законско решение и застанаа протиав тутунарите. Во време на владата на СДСМ, тутунарите добиваа многу повеќе. Благодарение на линеарната субвенција од 100 денари по килограм, без одбитоци, цените лани достигнуваа и над 500 денари за килограм тутун, историски највисоки откупни цени на тутунот. Мицкоски, Трипуновски и ДПМНЕ ги излажаа и ги изневерија тутунарите“, истакна Талески.
„Кога беа во опозиција, ветуваа дека откупната цена на тутунот по килограм кога ДПМНЕ ќе биде власт ќе биде 600 денари. Ниту има 600 денари откупна цена, ниту пак прифатија предлог да им се даде уште 100 денари по килограм. Оваа година тутунарите имаат помала откупна цена како резултат на погрешните политики на ДПМНЕ“, оцени Талески.
Според него, откупните цени на тутунот паѓаат, а повеќе од 20.000 семејства кои живеат од производство на тутун оваа година ќе имаат помалку пари во семејниот буџет.
СДСМ, како што рече, останува на страната на тутунарите и ќе продолжиме и понатаму да се бориме за нив и да се спротивставуваме на погрешните политики на ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Семејството на Мицкоски никогаш не го користело владиниот авион, ама затоа Заев бил со семејството на одмор во Амстердам, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Семејството на премиерот Христијан Мицкоски никогаш не го користело владиниот авион. Но, очигледно е дека работи фројдовскиот елемент кај СДС, и тие на тој начин самите се издаваат дека Зоран Заев летал со целото семејство во Амстердам на одмор и дека најчеста дестинација на авионот била Ниш во времето на владите на СДС, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ, на соопштението од СДСМ во кое бараат да кажат кој летал со владиниот авион.
„Го поздравуваме интересот на СДС во однос на темата со владиниот авион, бидејќи самата тема покрај ситно политичките поени кои сака да ги добие СДС што секако ги занемаруваме, отвора и други значајни аспекти. Треба СДС пред да влезе во материјална и теснограда расправа за владиниот авион да биде свесна дека ние сме држава врз која има еден нерасветлен атентат врз претседател, и уште еден инцидент на трагично загинат претседател на држава и тоа со владино летало. Актуелното владино летало од кое СДС и Венко Филипче правват евтин сензационализам е старо 20 години, купено 2005тата година и од 2017та до сега се потрошени околу 4 милиони евра за поправки“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Воедно, додаваат од партијата, индикативно и би можело да се оцени за крајно лицемерно е поведението на лидерот на СДС Венко Филипче кој зад затворени врати го поддржа купувањето на новиот владин авион, а во јавноста се противи поради ситен партиски интерес и гол популизам.
„Кој Венко се противи, тој кој во 4 ѕида вели купете авион, или тој кој пред микрофони вели не купувајте авион, дадете пари за минимална плата? Ова се вика дефиниција за лицемерие. СДС шири лажни вести“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Кривични против претседатели и вработени во Здружението на инвалиди на трудот – Штип, си присвоиле над 300.000 денари
Полицијата поднесе кривични пријави против поранешни претседатели и вработени во Здружението на инвалиди на трудот – Штип за сторени продолжени кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „измама при добивање кредит или друга погодност“.
СВР Штип поднесе кривична пријава против Ј.В.(83), В.Џ.(80) и Т.А.(68), сите од Штип, поради постоење основи на сомнение дека сториле продолжено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ и продолжено кривично дело „измама при добивање кредит или друга погодност“, како и против З.С.(44) од Штип поради постоење основи на сомнение дека сторила продолжено кривично дело „измама при добивање кредит или друга погодност“.
Првите тројца пријавени, во периодот од септември 2012 година до октомври 2024 година, во својство на претседатели на Здружението на инвалиди на трудот – Штип, дневниците кои четвртопријавената З.С. ги заработувала како секретар на здружението, ги префрлале на трансакциска сметка на нејзината мајка за да не ѝ биде ускратено правото кое го имала на социјален детски и образовен додаток.
З.С., со лажно прикажување на факти, го довела во заблуда и новиот претседател на здружението дека има долг кон нејзината мајка и во име на здружението склучила договор за отстапување на побарување со нејзината мајка, а откако починала мајка ѝ, и со нејзината ќерка склучила ист договор.
Исто така, првопријавениот и второпријавената вршеле плаќања за себе и други лица за седници кои не биле одржувани, а исплаќале и еднократна финансиска помош на лица на кои не им следувала таква помош.
Третопријавениот склучил договор за закуп на станбен простор во периодот додека траел огласот за изнајмување на станбен простор, односно без да бидат разгледани сите поднесени барања.
Тој во неколку наврати од службената сметка на својата трансакциска сметка си исплаќал парични средства, а извршил и незаконска исплата на парични средства на правно лице за наводно извршена угостителска дејност.
Со овие дела, првите тројца пријавени го оштетиле буџетот на здружението во вкупен избнос од 297.730 денари, а на четвртопријавената ѝ овозможиле да се стекне со противправна имотна корист од 88.234 денари.
Македонија
Казни за четири градилишта во Центар, нулта толеранција за прекршување на прописите, порача Герасимовски
Четири градилишта во општина Центар се казнети поради незаконско зафаќање јавни површини со градежен шут и материјал што претставува опасност за движењето на пешаците и одвивањето на сообраќајот, извести Општината.
Во рамки на редовните инспекциски контроли, општинските инспектори изготвија записници и издадоа прекршочни налози за градилишта на улиците „Златко Шнајдер“, „9 Мај“, „Дебарца“ и „Васил Стефановски“, информираат од општина Центар.

Паричните санкции за овие прекршоци изнесуваат од 1.300 до 1.800 евра.
Градоначалникот Горан Герасимовски порача дека надзорите продолжуваат со несмален интензитет.
„Редовно ја следиме состојбата на сите активни градилишта во Општина Центар. Нулта толеранција ќе има за сите што ги прекршуваат законите и го нарушуваат јавниот простор“, рече Герасимовски.

Инспекциските контроли на градилиштата продолжуваат како континуирана мерка за одржување на чист и функционален урбан простор, додаваат од општина Центар.

