Македонија
(Видео) Талески: Милошоски итно да закаже седница на Комисијата за ратификација на договорите од Отворен Балкан
Претседателот на Комисијата за надворешни работи Антонио Милошоски итно да закаже седница на комисијата и на дневен ред да ги стави законите за ратификација на договорите кои произлегуваат од регионалната иницијатива Отворен Балкан, изјави пратеникот на СДСМ Миле Талески.
„Станува збор за договори со чија ратификација граѓаните на Северна Македонија, Србија и Албанија ќе добијат можност да работат во која било од трите држави без да вадат работни дозволи, без какви било бариери, без аплицирања и чекања, без административни трошоци. Овие договори ќе овозможат нови работни места, пополнувања на недостигот од кадри во приватниот сектор во секоја од трите држави“, рече Талески.
Според него, ова е од огромна помош за фирмите кои имаат свои претставништва во трите држави, за полесно да отвораат нови работни места и полесно да ангажираат работни кадри и за нив да обезбедуваат добри плати и добри услови за работа. Исто така, како што рече станува збор за регионална конкурентност на пазарот на трудот која со сигурност ќе придонесе кон покачување на платите, а истовремено ќе овозможи младите од трите држави полесно да можат да почнат заеднички бизниси.
„Институциите на Северна Македонија, Србија и Албанија ги завршија сите подготовки за либерализирање на пазарот на трудот. Сите решенија се подготвени за да почне издавањето на Идентификацискиот број за граѓаните на Отворен Балкан, кој е неопходен технички предуслов за слободно движење на пазарот на трудот во сите три држави, без издавање работни дозволи.
Но, овој проект, за жал, сè уште не може да почне бидејќи меѓународните договори со кои се уредува оваа материја не се ратификувани, а не се ратификувани затоа што Милошоски упорно не закажува седница на Комисијата, каде тие ќе бидат на дневен ред.
Станува за збор за ратификација на Договорот за услови за слободен пристап до пазарот на трудот во Западен Балкан, но и за Договорот за интерконекција на шеми за електронска идентификација на граѓаните од Западен Балкан“, додаде Талески.
Тој нагласи дека не е ратификуван и Договорот за соработка во областа на ветерина, безбедност на храна, храна за исхрана на животни и фитосанитарна политика. Одлагањето на ратификацијата на овие договори, рече Талески е на штета на државата, на штета на граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

