Македонија
(Видео) Талески ја повика министерката Божиновска да си поднесе оставка
На денешната седница за пратенички прашања, пратеникот Миле Талески од СДСМ ја повика министерката Сања Божиновска да си поднесе оставка по бројните скандали.
„Освен фирмата која должи 1 милион евра, вие во минатото сте основале или сте биле дел, сте работеле и сте изршувале различни позиции во повеќе фирми.Во 2014 година компании во кои во различни периоди сте биле дел од нивниот работен век државните институции им поднесувале пријави со сомнежи за малверзации и незаконско работење, но изостанал правен епилог.Тоа е скандалот со пријавите за цитирам „картелско здружување“ поради тргување со електрична енергија и даночно затајување. Казнети за картелско здружување биле фирмите „ЕФТ“, „ЕЗПАДА“, „РУДНАП“,„ГЕН-И Скопје“ за вас многу добро познати“, истакна Талески.
Како што појасни се било со намера да ја диктираат цената на увозот на струја на тендерот на ЕЛЕМ спроведен во 2012 година и да профитираат. И, како што рече, не се случило тоа еднаш.
За дел од овие фирми, според пратеникот, и Царинската управа открила затајување данок во износ од 1,8 милиони евра.
„ВМРОВСКА шема како во мафијашки филм. А правна разрешница досега нема. Секако тука е и скандалот со долгот од 1 милион евра.
Во анкетниот лист, покрај недвижностите во станови вредни над еден милион евра, министеркe за енергетика, рударство и минерални суровини, имате пријавено и сопственост на компанијата „Sustainable services“ со седиште во Чешка.
А оваа компанија нема никаква допирна точка со енергетиката.
Според јавно достапните информации, регистрирана е за изнајмување, купување, продажба и управување на недвижен имот, трговија на големо и мало, советодавни и консултантски активности, подготовка на експертски студии и проценки.
Но од друга страна адресата на компанијата „Sustainable services s.r.o“ е во Чешка, на улицата Вархулкова 1582/24 е контакт на седиштето на брендот за биоразградливи хулахопки „Божици“.
Зошто го споменувам ова.
За јавноста да види за какви скандали станува збор за фирмите кои се поврзани со енергетиката но и да види дека имало и фирми кои немале никаква допирна точка со енергетскиот сектор. Значи чист бизнис и ништо друго.
Ако на овие бројни скандли кои се поврзани со вас, со фирми кои се поврзуваат со вас, се додаде фактот што вие буквално ја излажавте јавноста за вашето државјанство, се доведува во прашање целиот кредибилитет на функцијата“, нагласи Талески.
Тоа, како што додаде, се гледа и во резултатите од енергетиката во првите месеци од работењето.
„Се најавува нов удар по граѓаните и можно поскапување на струјата или нов грабеж. Наместо да се вложува во зголемување на домашното производство на електрична енергија, вие како власт упорно увезувате скапа струја. Само за овој месец, граѓаните ќе платат дополнителни 10 милиони евра, а за последните три месеци вкупната сума за увоз надмина 20 милиони евра. Ваквиот трошок директно го плаќаат граѓаните, кои веќе страдаат од високите сметки за електрична енергија. Ова е класичен грабеж“, реагира тој.
Постави и конкретно прашање до Божиновска: „Моето конкретно прашањедо до вас е дали ќе си поднесете оставка после сите овие скандали, сомнежи за малверзации, лажење на јавноста и катастрофално лоши резултати во секторот енергетика?“
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Семејството на Мицкоски никогаш не го користело владиниот авион, ама затоа Заев бил со семејството на одмор во Амстердам, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Семејството на премиерот Христијан Мицкоски никогаш не го користело владиниот авион. Но, очигледно е дека работи фројдовскиот елемент кај СДС, и тие на тој начин самите се издаваат дека Зоран Заев летал со целото семејство во Амстердам на одмор и дека најчеста дестинација на авионот била Ниш во времето на владите на СДС, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ, на соопштението од СДСМ во кое бараат да кажат кој летал со владиниот авион.
„Го поздравуваме интересот на СДС во однос на темата со владиниот авион, бидејќи самата тема покрај ситно политичките поени кои сака да ги добие СДС што секако ги занемаруваме, отвора и други значајни аспекти. Треба СДС пред да влезе во материјална и теснограда расправа за владиниот авион да биде свесна дека ние сме држава врз која има еден нерасветлен атентат врз претседател, и уште еден инцидент на трагично загинат претседател на држава и тоа со владино летало. Актуелното владино летало од кое СДС и Венко Филипче правват евтин сензационализам е старо 20 години, купено 2005тата година и од 2017та до сега се потрошени околу 4 милиони евра за поправки“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Воедно, додаваат од партијата, индикативно и би можело да се оцени за крајно лицемерно е поведението на лидерот на СДС Венко Филипче кој зад затворени врати го поддржа купувањето на новиот владин авион, а во јавноста се противи поради ситен партиски интерес и гол популизам.
„Кој Венко се противи, тој кој во 4 ѕида вели купете авион, или тој кој пред микрофони вели не купувајте авион, дадете пари за минимална плата? Ова се вика дефиниција за лицемерие. СДС шири лажни вести“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Кривични против претседатели и вработени во Здружението на инвалиди на трудот – Штип, си присвоиле над 300.000 денари
Полицијата поднесе кривични пријави против поранешни претседатели и вработени во Здружението на инвалиди на трудот – Штип за сторени продолжени кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „измама при добивање кредит или друга погодност“.
СВР Штип поднесе кривична пријава против Ј.В.(83), В.Џ.(80) и Т.А.(68), сите од Штип, поради постоење основи на сомнение дека сториле продолжено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ и продолжено кривично дело „измама при добивање кредит или друга погодност“, како и против З.С.(44) од Штип поради постоење основи на сомнение дека сторила продолжено кривично дело „измама при добивање кредит или друга погодност“.
Првите тројца пријавени, во периодот од септември 2012 година до октомври 2024 година, во својство на претседатели на Здружението на инвалиди на трудот – Штип, дневниците кои четвртопријавената З.С. ги заработувала како секретар на здружението, ги префрлале на трансакциска сметка на нејзината мајка за да не ѝ биде ускратено правото кое го имала на социјален детски и образовен додаток.
З.С., со лажно прикажување на факти, го довела во заблуда и новиот претседател на здружението дека има долг кон нејзината мајка и во име на здружението склучила договор за отстапување на побарување со нејзината мајка, а откако починала мајка ѝ, и со нејзината ќерка склучила ист договор.
Исто така, првопријавениот и второпријавената вршеле плаќања за себе и други лица за седници кои не биле одржувани, а исплаќале и еднократна финансиска помош на лица на кои не им следувала таква помош.
Третопријавениот склучил договор за закуп на станбен простор во периодот додека траел огласот за изнајмување на станбен простор, односно без да бидат разгледани сите поднесени барања.
Тој во неколку наврати од службената сметка на својата трансакциска сметка си исплаќал парични средства, а извршил и незаконска исплата на парични средства на правно лице за наводно извршена угостителска дејност.
Со овие дела, првите тројца пријавени го оштетиле буџетот на здружението во вкупен избнос од 297.730 денари, а на четвртопријавената ѝ овозможиле да се стекне со противправна имотна корист од 88.234 денари.
Македонија
Казни за четири градилишта во Центар, нулта толеранција за прекршување на прописите, порача Герасимовски
Четири градилишта во општина Центар се казнети поради незаконско зафаќање јавни површини со градежен шут и материјал што претставува опасност за движењето на пешаците и одвивањето на сообраќајот, извести Општината.
Во рамки на редовните инспекциски контроли, општинските инспектори изготвија записници и издадоа прекршочни налози за градилишта на улиците „Златко Шнајдер“, „9 Мај“, „Дебарца“ и „Васил Стефановски“, информираат од општина Центар.

Паричните санкции за овие прекршоци изнесуваат од 1.300 до 1.800 евра.
Градоначалникот Горан Герасимовски порача дека надзорите продолжуваат со несмален интензитет.
„Редовно ја следиме состојбата на сите активни градилишта во Општина Центар. Нулта толеранција ќе има за сите што ги прекршуваат законите и го нарушуваат јавниот простор“, рече Герасимовски.

Инспекциските контроли на градилиштата продолжуваат како континуирана мерка за одржување на чист и функционален урбан простор, додаваат од општина Центар.

