Македонија
(Видео) Томовски: Пакет-мерките на Владата се поткуп пред избори со кои го потценуваат народот
Пакет-мерките што ги спреми Владата на Ковачевски и Ахмети не е ништо друго, туку пакет за евтин предизборен поткуп, кој доаѓа на само неколку месеци пред двојните парламентарни и претседателски избори, оценува Ивица Томовски, член на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Овој пакет-мерки, како што вели, не е за системска помош на најранливите категории граѓани, туку за очигледен евтин поткуп на гласови. Со овој пакет-мерки, според него, не се носат системски мерки што значително ќе ја подобрат положбата на пензионерите, социјално загрозените и семејствата со ниски примања, туку се врши еднократен поткуп на гласови, со пари што оваа Влада ги задолжува сите граѓани. Го зголемија долгот за да поткупуваат гласови.
„Со овој пакет-мерки Владата и официјално признава дека владее огромна сиромаштија, дека пензионерите и голем број семејства се доведени до работ на егзистенција. Суштината и главната поента е што Владата троши 2 милијарди евра за градба на коридори преку фирми на ДУИ и СДС, троши тешки милиони евра за копање во РЕК ‘Битола’ и компаниите и бизнисите на власта работат одлично, а за народот даваат по 500 и 1.000 денари за да помогнат. Тој поткуп, кој оваа власт го вика помош од 500 и 1.000 денари, не вреди ништо кога инфлацијата е двоцифрена, кога сите производи за мала потрошувачка во продавниците вртоглаво растат, кога храната е поскапена 200 % и затоа оваа власт го потценува народот со овој поткуп“, додава тој.
Истакнува дека милиони за тендери и полнење на џебовите на власта, 1.000 и 500 денари за народот. Во земјата на крајот на годината, како што вели, ќе има околу 600.000 луѓе што живеат во сиромаштија, тоа е секој трет човек, со само 60 денари на ден преживуваат 80.000 граѓани, а со 150 денари 600.000 граѓани и на крајот – една порака до сите граѓани, земете си ги парите што ги нудат и добро знаете што треба да направите зад параванот за гласање на денот на изборите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денес во 12 затворени улици во Скопје, ќе се протестира против Усје
Во централното подрачје на Скопје денеска ќе биде воведен посебен режим на сообраќај поради протестниот марш „Стоп за Цементара“, закажан во 12 часот.
Како што информира Министерството за внатрешни работи, маршот почнува пред Владата на булевар „Илинден“, десно по булевар „ВМРО“, во продолжение по улицата „Васил Главинов“, лево по улицата „Димитрие Чуповски“, во продолжение по улица „11 Октомври“ до пред Собрание и лево по улица „Филип Втори Македонски“ до пред Министерство за животна средина во Скопје.
Од тие причини Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот во централното градско подрачје на град Скопје.
– Апелираме до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници, се наведува во соопштението.
Македонија
Прoменливо облачно со слаб повремен локален дожд
Времето денеска ќе биде прoменливо облачно со слаб повремен локален дожд, а на планините и на повисоките места ќе има слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до шест, а максималната ќе достигне од седум до 11 степени.
Во Скопје променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до пет, а максималната ќе достигне до 10 степени.
УХМР информира дека ќе продолжи периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Пообилни врнежи ќе има утре кога ќе преминуваат во снег и во некои од пониските места.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ реагира: Ако СДСМ не ја краделе државата, минималната плата денес ќе беше и повисока
Предлог-законот на СДСМ за минимална плата од 600 евра е доказ дека доколку не ја краделе државата додека биле на власт, работниците денес ќе имале и повисока минимална плата, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата наведуваат дека СДСМ денес поднеле предлог-закон со кој се предвидува минимална плата од 600 евра и дека во истиот навеле дека за таа мерка се потребни околу 7,5 милијарди денари, односно околу 110 милиони евра, но не објасниле од каде би се обезбедиле тие средства.
Според ВМРО-ДПМНЕ, добрата страна на предлог-законот е што, како што велат, покажува дека СДС имале можност во минатото да ја зголемат минималната плата и до 600 евра, но тоа не го направиле.
Во реакцијата се наведува и дека доколку не била дозволена злоупотреба на околу 170 милиони евра државни пари за набавка на, како што велат, канцероген мазут со кој бил загадуван воздухот, работниците денес можеле да имаат и повисока минимална плата, можеби и од 700 евра.
Од ВМРО-ДПМНЕ дополнуваат дека СДСМ и ДУИ, според нив, наместо да работат во интерес на граѓаните, гледале како да ја ограбат државата и да си ги наполнат сопствените џебови.

